Прочитајте ги советите од нутриционистите и нивните примери за семејни оброци. Што тие најчесто им сервираат на своите деца за ручек или вечера?

Семејните оброци се важен дел од секојдневниот живот, а меѓу другото тие се можност за разговор и за поставување рутина. И, се разбира, она најважното – дека храната е составен дел на секој семеен оброк.

Родителите сакаат нивните деца да бидат среќни и здрави, но не е секогаш лесно да се осмислат нутритивно хранливи и вкусни оброци кои ќе им се допаднат на сите членови на семејството.
Шест нутриционисти за „Хафингтон пост“ споделија некои општи насоки кога се работи за детската исхрана и откриваат што им сервираат на своите деца за ручек или за вечера.

Поинакви верзии на оброкот за возрасни

„Најчесто на својот шестгодишен син му ја сервирам истата храна што ја јадеме ние, само на поинаков начин. На пример, ако јадеме тестенини со многу зеленчук и сос, за него сите состојки ги сервирам посебно, за да му изгледаат познато, а сепак не пресериозно“ – вели Кејт Јангер, нутриционистка и блогерка.

Протеини приспособени за деца

„На своите деца често им послужувам житарки од цело зрно со пилешко, свинско или јунешко месо, и рендано сирење и зеленчук по избор. Исто така, често им давам риба и ориз, на пример, ќе испечам бакалар или лосос со презла и со динстан зеленчук, како брокули или морков“ – вели Елиса Зиед, нутриционистка.

Разни комбинации

„Кај нас вечерите често изгледаат како разни комбинации бидејќи мојата деветгодишна ќерка не сака многу месо, но седумгодишниот син го обожава. Четиригодишната ќерка јаде сѐ, но не во големи количини. Затоа нашата типична вечера вклучува некој зеленчук како брокули готвени на пареа или печени брокули и главно јадење како јагнешки такоси со опција грав за мојата најстара ќерка. Исто така, сервирам многу различни и шарени додатоци, вклучително салата, авокадо, зелка и друго. Впрочем, сите сакаат да ги направат такосите на свој начин“ – вели Френсис Лагерман Рот, нутриционистка.

Барем половина чинија зеленчук

„Моите деца најчесто го јадат она што го јадеме јас и сопругот. Семејните оброци во нашиот дом вклучуваат или некој вид месо или некој вид риба заедно со голема порција салата или варен зеленчук, како и здрави јаглехидрати. Ги поттикнувам децата да ја наполнат половината од својата чинија со зеленчук или мешунки и се обидувам да послужувам што пошарени продукти“ – вели Дена Нортон, нутриционистка.

Нови продукти во проверени јадења

„Иако секогаш ги поттикнувам своите деца да пробаат нова храна, за повеќето оброци всушност вртиме едни исти проверени опции. Месо, лазањи, шпагети, тортиљи – сите оние јадења што се целосно семејно клише. Но, мојот трик е што додавам нови продукти во тие проверени јадења, на пример, за тортиљите ќе направам нов сос од црн грав или ќе додадам домати во лазањите. На тој начин почесто уфрлам нешто ново и поинакво, а сите и понатаму уживаат во омилените јадења“ – вели Реган Џонс, нутриционистка и уредничка на порталот „Healthy Aperture“.

Правилото: „Ова не е ресторан“

„Сите јадеме исто. Секогаш вклучуваме некаков протеин, целозрнести јаглехидрати и зеленчук. Речиси никогаш не правам комплицирани јадења бидејќи немам време за нив. Некои примери на наши заеднички оброци вклучуваат печен лосос со сусам, кафеав ориз и брокули, пилешко во кари-сос со компир-пире и мешунки, месни топчиња со тестенини и супа од зеленчук или мисиркино месо со печурки, печени тиквички, аспарагус и пиперки.

Имаме правило: „Ова не е ресторан“, што значи или го јадеш тоа што ти е сервирано или го прескокнуваш оброкот. Имам четири деца и тие јадат сѐ, без никаков проблем. Мислам дека е најважно да се почне со здрава и урамнотежена исхрана од самиот почеток и ако детето навистина не сака нешто, да размислиме како можеме да му ја подготвиме таа храна така што барем ќе ја толерира“ – раскажува Ребека Х. Лазар, нутриционистка и основач на рекреативниот центар „Риал хелт анд фитнес“.

 



912

X