Постојаното викање, лутење или удирање на децата е поврзано со лош развој, сметаат канадските научници. Конкретно, тие сметаат дека таквото родителско однесување би можело да доведе до проблеми во социјалниот и емоционалниот развој на децата, се наведува во истражувањето објавено во магазинот „Развој и психологија“.

– Мислам дека е важно родителите и општеството да сфатат дека честата употреба на груби родителски практики може да му наштети на развојот на децата – вели Сабрина Суфрен, главен автор на истражувањето, и објаснува: Зборуваме за нивниот социјален и емоционален развој, како и развојот на мозокот. Претходните студии покажале дека децата што доживеале сериозно злоупотребување имале мали префронтални кортекси во амигдалата. Тоа се два дела од мозокот кои играат клучна улога во емоционалната контрола и депресијата.

Истражувачите забележале дека истите тие подрачја во мозокот биле помали кај децата што во детството во повеќе наврати биле изложени на груба родителска практика – иако децата не биле соочени со сериозна злоупотреба.

– Овие откритија се значајни и нови. Тоа е првпат острите родителски практики, кои не спаѓаат во сериозно злоупотребување, да се поврзуваат со намалена количина на мозочна структура, слично на она што го гледаме кај жртвите на сериозни облици на злоупотреба – истакна Суфрен.

Таа се осврнала и на истражување од 2019 година велејќи дека тоа покажало оти грубите родителски практики може да предизвикаат промени во работата на мозокот кај децата, но сега знаат дека тие влијаат и врз самата структура на детскиот мозок. Во рамките на истражувањето проучувани се деца од нивното раѓање и се следени различни родителски стилови. Секоја година, на возраст од 2 до 9 години, се мерела анксиозноста кај децата. Со помош на облиците на родителските практики и степенот на анксиозност, децата се раздвоени во две групи: на оние што биле изложени на ниска доза грубо родителство и оние што биле изложени на висока доза грубо родителство.

Кога децата наполниле 12 години, им била правена магнетна резонанса, па до нивната 16-тата година правена е и процена на анксиозноста.

– Имајте на ум дека тие деца постојано биле изложени на грубо родителство, а тоа значи дека разликите во нивниот мозок се поврзани со преголемо изложување на груби родителски практики во текот на детството – смета Суфрен.

Оваа студија е првата што се обидела да ја идентификува врската помеѓу грубите родителски практики, детската анксиозност и анатомијата на нивниот мозок.

Автор: Сал Де Прес

Извор



912

X