Идејата дека некои деца подобро примаат информации кога тие се визуелно презентирани, а други физички или преку слушање, е мит што може да ги ограби децата од можностите за учење, а родителите може залудно да трошат пари, велат научници.

Истражувачите од Универзитетот во Мичиген ја разгледале распространетоста на митовите за таканаречените стилови на учење. Авторите на истражувањето го довеле во прашање она што е познато како психолошки есенцијализам: идејата дека нешто што се вклопува во категорија е одредено од биолошка „вистина“ со генска основа. На пример, девојчињата сакаат розова, питбулите се насилни или визуелните ученици ги задржуваат информациите само ако тие им се презентирани на специфичен начин.

И покрај тоа што теоријата трае со децении, нема докази што би укажале дека „кроењето“ на искуството за учење на една личност на сопствениот стил на учење би ѝ помогнало да ги задржи информациите.

Нивното истражување ги анализира ставовите кон визуелните, аудитивните и кинестетичките стилови на учење. Истражувачите регрутирале вкупно 668 возрасни лица во САД, кои пополниле анкета за нивните верувања во врска со нивните стилови на учење. Од учесниците биле собрани информации за професијата, образованието и родот. Во една анкета испитаниците биле замолени да го оценат своето согласување или несогласување со изјави како: „Луѓето се родени со предиспозиции да имаат одреден стил на учење“.

Во двете истражување над 90 отсто од учесниците рекле дека веруваат во стилови на учење. Околу половина од испитаните луѓе велат дека веруваат дека сме родени со одреден стил на учење; дека можат лесно да се идентификуваат и дека се наследени од нашите родители, како и тоа дека може да помогнат да се предвиди што ќе прави детето во животот.

– Откривме дека некои луѓе имаат поголема веројатност да веруваат дека децата го наследуваат стилот на учење од нивните родители и дека стилот на учење влијае врз функцијата на мозокот. Исто така, откривме дека едукаторите што работат со помали деца имаат поголема веројатност да го застапуваат овој став. Многу родители и воспитувачи може да губат време и пари на производи, услуги и методи на учење што се насочени кон стиловите на учење – вели Шалене Нанцекивел, едукатор од Универзитетот во Мичиген.

– Мојата најголема загриженост е дека се троши време за малите деца да учат неприфатливи стратегии за учење – додава таа.

– Престанете да им го пропагирате митот за стиловите на учење на децата – вели д-р Пол А. Кришнсер, доцент-професор по образовна психологија на Отворениот универзитет во Холандија.



912

X