Домашните миленичиња за децата се нешто повеќе од животно, тие се членови на семејството и најдобрите пријатели. Тие го испраќаат детето на училиште и му се радуваат кога ќе се врати дома. Тука се кога детето е тажно и кога го нервираат другите деца. За жал, радоста од чувањето домашно милениче оди заедно со огромната тага при неговото губење, без оглед дали се работи за старост, болест или несреќа. Невозможно е да се заштитат децата од болката при смртта на миленикот, но барем можете да им помогнете да се изборат со неа. За децата тоа може да биде важна животна лекција.

Губењето на домашното милениче може да биде тежок настан за целото семејство, и за родителите и за детето. Во ваков момент, прва мисла што им паѓа на ум на родителите е да најдат начин да го поштедат детето од болката и страдањето. Оваа желба често ги наведува да ја избегнат или да ја игнорираат вистината, па дури и да употребат лаги: „Го пративме кучето на село, таму ќе му биде подобро“, „Нашето маче заспа во вечен сон“ или „Некој го украде кучето“.
Покажете му на детето дека сте доволно зрели да се соочите со овој губиток и дека можете да му бидете вистинска потпора. Почнете така што ќе ја кажете вистината.

Вистина и само вистина

Прв чекор е да се каже дека миленикот починал. Тоа подразбира користење на вистинските изрази, како што се „смрт“ и „умирање“ наместо ублажување и измислување причини зошто не е повеќе со вас. Што побрзо детето ќе ја прифати вистината, толку побрзо ќе почне да се соочува со страдањето и подобро ќе го разбере фактичкиот животен циклус. Исто така, треба да му се посочи и разликата на животните циклуси кај животните и луѓето за да не помисли дека и неговите родители кратко ќе живеат. Имајте на ум дека доколку измислувате разни невистини, детето еден ден ќе порасне и ќе сфати дека сте го лажеле. Тогаш ќе настане голем расчекор во довербата меѓу вас и детето, па тоа ќе почне да се сомнева во сè што сте му кажувале претходно и сте наведувале дека е вистина.

Вториот чекор подразбира соопштување на вистината како починал миленикот. Ако се работи за природна смрт, најдобро е да му објасните дека телата се трошат и дека тоа е природен завршеток на животот. Доколку станува збор за несреќа, треба да се наведат повредите што ги имал миленикот, а не да се измислуваат безначајни гребеници кои дополнително би го збуниле. Ако, пак, миленикот бил болен и морал да биле усмртен, детето треба да помине низ сите чекори од процедурата и причините зошто тоа било најдобро за него.

Процес на преболување

Потребно е да ги научиме децата како да се изборат со тешките чувства на здрав начин. Зборувањето за сите придружни чувства на болката, како што се гневот и очајот, може да му помогне на детето да ги „свари“. При губењето на миленикот родителот може со детето да ги помине сите фази на преболувањето: неприфаќање, гнев, тага и депресија, разрешување и конечно прифаќање. Но, се разбира, сите фази се индивидуални и нивното траење зависи од човек до човек. Не стегајте се и да заплачете пред вашето дете, ако почувствувате потреба.

Проштално поздравување со миленикот

Формалното проштално поздравување со миленикот е значајно за процесот на прифаќањето на вистината и преболувањето. Можете да организирате такво поздравување во вид на мини-погреб во вашиот двор или, пак, да го обележите со минута молк во знак на почит.

Убави спомени

По првичниот шок ќе бидете изненадени како на површина ќе почнат да испливуваат убавите спомени. На почетокот сè ќе биде обележано со тага и солзи, но по одредено време детето ќе почне да се сеќава на убавите спомени. Најпрвин со малку горчина, која подоцна ќе исчезне. Веројатно најтешката работа за еден родител е да гледа како детето страда, но тоа мора да се прифати како незаобиколна работа во животот. Колку побрзо ќе ги прифатиме тие факти, толку похрабро „ќе пливаме“ во најважната работа на светот – родителството.

Сфаќањето на смртта зависи од возраста

* До втората година: иако не го разбира концептот на смртта, детето како сунѓер ги впива сите емоции на луѓето во домот. Ако вие сте многу вознемирени поради губењето на миленикот, детето ќе го почувствува тоа.
* Од втората до петтата година: детето најверојатно ќе го смета миленикот за партнер за игра наместо за член на семејството. На оваа возраст децата можат да ја сметаат смртта за привремена фаза. Тие тоа го замислуваат како лист кој наесен паѓа, за напролет повторно да порасне.
* Од петтата до деветтата година: децата сфаќаат дека смртта е нешто трајно и почнуваат да влечат паралели меѓу своето мислење и она што се случува. Во таа смисла детето може да се чувствува одговорно за смртта на миленикот, ако некогаш посакало миленикот да почине откако родителите го присилувале подобро да се грижи за него.
* По десеттата година децата ја сфаќаат смртта на ист начин како возрасните.



912

X