Пријателствата на вашите деца имаат подеми и падови, но вистинскиот пристап може да им помогне да ги измазнат односите. Обидете се со следните стратегии за детето да научи повеќе за добрите пријателски практики.

Кога мојата ќерка Сејди беше во градинка, ја прашував со кои нејзини пријатели игра на голем одмор. Повеќе од еднаш ми рече: „Никој не сака да си игра со мене“. Ја замислував мојата осамена 5-годишна ќерка како фрла камчиња на игралиштето додека другите деца се смеат и трчаат наоколу. Тоа ми го скрши срцето. Па вложив напор да бидам домаќин на повеќе дружби и да ѝ помогнам на Сејди да вежба начини на кои ќе се чувствува пријатно ако го скрши мразот со своите врсници. И драго ми е што го сторив тоа. До второ одделение нејзиното социјализирање драматично се подобри.

„На вашето дете му се потребни другарчиња колку што му се потребни храна и вежби“, вели Фред Франкел, доктор на науки, директор на програма за пријателства помеѓу деца. Едно истражување открило дека децата за кои е вистински предизвик да создадат пријателства имаат поголеми шанси да се откажат од училиште и да се соочат со проблеми со менталното здравје, како агресија и депресија, во тинејџерските години. Оние што ефикасно ги менаџираат социјалните ситуации помалку страдаат од анксиозност и имаат поголема самодоверба, вели Кристен Истман, клинички психолог во Центарот за педијатриско бихевиорално здравје и Детската клиника во Кливленд.

Повеќето деца сами ги започнуваат пријателствата кога ќе тргнат на училиште. Децата од претшколска возраст сè уште ја развиваат способноста да споделуваат предмети и да играат со другите, што често води до конфликти. Основците, пак, знаат да бидат себични, да наредуваат и слично. Ако вашето дете има проблем со склопување пријателства, можеби му е потребна вашата помош. Следуваат некои вообичаени жалби на децата и препорачани решенија.

1. „Немам со кого да си играм“

Зошто се случува: Децата од претшколска возраст го претпочитаат друштвото од другите. Но, можно е да се чувствуваат непријатно, а да сакаат да прашаат некое дете заедно да играат. „Некои деца се грижат дека може да бидат одбиени ако прашаат други деца да се приклучат во некоја активност“, вели Карол Бејкер-Меки, клинички психолог.

Паметна стратегија: Уверете го детето дека дури и возрасните се нервозни кога им пристапуваат на луѓе што не ги познаваат, но има начин работите да бидат полесни. Научете го детето на овие 3 чекори, обидувајте се со играње улоги дома, а потоа однесете го детето во парк за да се обиде и таму:

– Седи блиску до група деца и гледај ги како играат неколку минути.
– Откако ќе сфати која игра се игра, нека размисли што ѝ е потребно на играта. Ако има тимови, нека согледа во кој тим има помалку членови, па може да им е потребна помош.
– Побарај да се приклучиш (Ова изгледа забавно. Може и јас да играм со вас?). Тренирајте го детето да се смее и да оствари контакт со очите, за другите деца да бидат поприемчиви и да го вклучат во играта.

2. „Тој/таа секогаш ми кажува што да правам“

Зошто се случува: Некои деца се природни лидери, други се следбеници, а повеќето од нив се нешто помеѓу. Асертивните типови (кои имаат тенденција да гравитираат кон пасивни деца) може да имаат судир со оние што имаат еднакво силен карактер и да не ги земат предвид ефектите од начинот на нивното однесување.

Паметна стратегија: Помогнете му на детето да најде некоја средина помеѓу наредување и игнорирање. Понудете едноставно сценарио кое може да го следи, на пример „Не сакам да го играм тоа. Сакам ова да го правам“. Детето мора да дава сугестии и некоја специфична алтернатива за неговите пријатели да знаат дека ќе застане зад себе и своите желби. Охрабрете го да канализира некој храбар карактер на кој му се воодушевува, како некој лик од цртан филм и слично. Со тоа ќе му се помогне да ја заземе контролата над себе.

3. „Кога Ела игра со Миа, тие ме игнорираат!“

Зошто се случува: Децата до една година не се многу специфични во однос на тоа со кого играат, но поголемите деца развиваат силно чувство за тоа кој им се допаѓа, а кој не. Исто така, откриваат дека може да ги контролираат другите со зборови. Су Сандо од Лансинг, Мичиген, се сеќава кога нејзината ќерка Мишел дошла дома плачејќи откако двете нејзини најблиски другарки ѝ рекле: „Не ни се допаѓаш. Не сме ти повеќе другарки“. Ова често се случува со девојчиња. Студија открила дека девојчињата на возраст од 3 до 5 години имаат тенденција да играат еден-на-еден, а момчињата во поголеми групи.

Паметна стратегија: Кога детето игра со 2 или повеќе деца, обидете се да го насочите кон групни активности за да го скрши мразот, на пример, уметнички проекти или криенка. Или побарајте од учителот на детето да препорача некој со слични интереси кој може да му биде одличен другар на детето.

4. „Никогаш не сакаат да го играме тоа што јас го сакам“

Зошто се случува: Малите деца се неверојатни егоцентрици. Се фиксираат на она што тие го сакаат и имаат проблем со преговарањето или решавањето проблеми.

Паметна стратегија: Ако играта се претвори во конфликт, не вклучувајте се веднаш. Дајте им шанса на децата да го решат проблемот сами бидејќи е важно да знаат да се движат низ ваквите дилеми во односните. Ако не можат, тогаш натерајте ги да размислуваат. Може да кажете нешто како „Може ли да ја играте играта на Дени 10 минути, а потоа играта на Брајан?“ Или замолете ги да смислат друга опција. Ако и овие напори пропаднат, децата нека паузираат од играње. Дајте им здрава ужина, оставете ги да трчаат во дворот за да ја истрошат енергијата или ако е потребно, нека играат во одвоени делови одредено време.

5. „Кога Џејмс доаѓа кај нас дома, мојот глупав мал брат му го зема целото внимание“

Зошто се случува: Вообичаено е помалите браќа и сестри да ја попречуваат играта, а другарот на постарото дете да ужива во нивните забавни активности. Или можеби е во прашање динамиката во некој одреден ден: Вашето постаро дете можеби тогаш сака да игра со лего-коцки, а другите две момчиња сакаат да играат нешто подинамично.

Паметна стратегија: Ако помалото дете е доволно возрасно, обидете се да организирате дружба и за него. Во спротивно, направете сè што можете за тоа да биде зафатено со други активности. Ако не можете да го одвоите, охрабрете го постарото дете да им се приклучи или смислете идеи за активност во која сите ќе уживаат.

И повеќе од најдобри пријатели

Вашето дете и пријателчето се многу блиски, имаат специјални прекари и уникатен поздрав со рацете. На училиште се заедно додека се чека ред за влез, заедно се на ручек и на голем одмор. Дали тоа е проблем? Не мора да значи. „Најдобар пријател е прекрасна работа“, вели д-р Фред Франкел. Многу студии потврдуваат дека долгогодишните пријателства ја зголемуваат сигурноста на детето и неговата самодоверба, а сето тоа им помага подобро да се справуваат со стресните ситуации, на пример, тргнување во ново училиште. Дури и расправиите помеѓу двајца пријатели може да бидат конструктивни, бидејќи така може да ги развиваат вештините за решавање проблеми, а тоа ќе им помогне во подоцнежниот живот и односите.

Но, не сакате едно пријателство на вашето дете да стане толку интензивно што тоа ќе ги отфрли другите врсници. Не е здраво да се потпирате само на еден пријател – децата растат и се движат во различни насоки, па добро ќе биде ако детето има и некој друг со кој ќе комуницира. Охрабрете го да создава и нови пријателства и да игра во поголеми групи. „Важно е детето да има неколку деца со кои создава некакво чувство на интимност“, вели д-р Керол Бејкер-Меки.

Автор: Авива Пац

Извор



912

X