Детето што не се плаши од ништо може да се доведе себеси во опасност, но и другите бидејќи стравот служи како аларм кој ќе го спречи да истрча на улица, да падне од дрво или скали, да се одвои од родителите во толпа и слично. Психолозите велат дека одредена доза на страв е корисна, а неговото отсуство или пренагласеност го спречува детето нормално да функционира. Децата помлади од четири години најчесто се плашат од темница, одвојување од родителите, од крв, имагинарни ликови од приказни, вештерки и чудовишта.

Децата што одат во градинка растат со приказни и бајки, па со нив не би требало да ги заплашуваме. Четиригодишните деца не го разликуваат сосема реалниот свет од светот на фантазијата, па нивните стравови се поизразени бидејќи и самите често измислуваат суштества што се кријат под кревет и во плакар.

Стравот од одвојување од родителот е еден од најчестите стравови меѓу децата. Децата се плашат дека ќе се случи нешто лошо доколку се одвојат од мајката и таткото, па затоа не сакаат да одат никаде без нив, одбиваат да преспијат кај роднини или другарчиња или да останат во текот на денот со лице што треба да ги чува.

Стравовите од вода, мрак или од одење во градинка во некои случаи можат да бидат толку изразени, што детето почнува да ги избегнува сите ситуации во кои би можело да се соочи со предметот на својот страв. Затоа, според психолозите, не треба да го исмејувате, туку треба да го сослушате детето.

Користењето на стравовите за дисциплинирање на детето дава ефекти на кратки патеки, но долгорочно гледано може да доведе до развој на сериозни проблеми во подоцнежна возраст кога ќе биде тешко да се надминат – фобии, анксиозност и вознемиреност. Затоа, кога детето ќе се разбуди во текот на ноќта исплашено од некое чудовиште што го видело зад завесата, треба да го смирите и да го уверите дека ќе го заштитите.

Детските стравови не треба да ги негирате или да ги намалувате, туку треба заедно да поминувате низ ситуациите што го плашат детето, па проблемот со текот на времето ќе исчезне.



912

X