Убавка Бутлеска, училиштен педагог

Убавка Бутлеска, училиштен педагог

Повеќе од авторот

Се наближуваат деновите кога треба вашето дете да го запишете во училиште. Го имате цел мај за тоа. Не сомневајте се дека во училиштето ќе наидете на добар прием, но потребно е и вие да го подготвите детето за соодветно прифаќање на училишниот живот. Како детето ќе го прифати училиштето, зависи од неговиот карактер и од навиките, но и од воспитанието, од тоа како семејството и неговата околина се однесуваат кон училиштето.

Самодоверба и емоционална подготвеност

Најчести грижи на родителите се дали на детето ќе му е тешко учењето, како и колку ќе постигне, но верувајте ова е помалку важно од самодовербата и емоционалната подготвеност. Дете што добро се чувствува во училиштето, се дружи со другарчињата, лесно ќе учи и ќе постигнува резултати.

Сепак, може да се случи кај детето да се развие отпор и страв кон училиштето. Обично се работи за страв од новото и непознатото, од одделувањето од родителите, на децата им е потребно време да се навикнат на промените. Затоа, почнете со наједноставните подготовки летото пред тргнување на училиште: дневната рутина за спиење, јадење и станување, но и договор за тоа кога ќе се учи, кога ќе си игра со другарчињата. Важно е и да разговарате со децата што може да очекуваат, зборувајте позитивно, не драматизирајте и не заплашувајте ги со училиштето. Ако пројавуваат некои стравови, разговарајте за тоа смирено, укажувајте дека е нормално, сите се плашат, дека сè заедно ќе надминете.

Некогаш за постигнување позитивен став кон училиштето се доволни и некои ситници: заедно појдете во набавка на потребната облека и прибор за на училиште, уредете мирно катче за работа дома, само нека одбере што ќе носи првиот ден на училиште.

Фото: КолектиФ прес

Без заплашувања и закани

Децата може да покажуваат страв на различни начини, да поставуваат многу прашања, да плачат, да одбиваат да комуницираат, да се приврзуваат со некој близок, па сè до психосоматски реакции: болки во стомакот, главата, одбивање храна, често одење во тоалет и слично. Во вакви случаи најважно е родителите да го препознаат тој страв и навреме да преземат мерки: разговор со детето, охрабрување, поддршка. Во разговорите со детето најважен е позитивниот на родителите кон училиштето, учењето и наставниците. Никако со заплашување и закани.

На некои деца им е потребно повеќе време да се снајдат во новата ситуација, а за ова најмногу ќе ви помогне наставникот, па затоа имајте секојдневна директна и искрена комуникација и следете ги неговите/нејзините совети и насоки. Доколку се случи овој страв и отпор да потрае, советувајте се и со стручните соработници во училиште. Нивното долгогодишно искуство ќе ви помогне да го решите проблемот, соработувајте.

Не подлегнувајте на притисокот

Не подлегнувајте на притисокот што ви го создава емотивната состојба на детето, не останувајте долго во училиште да го чекате, а најмалку да барате да седите со него во училницата. Ова никогаш не довело до брзо решавање на проблемот.

За жал, имаме и случаи кога мора да се побара помош од соодветни институции. Едноставно стравовите кај некои деца се подлабоки од самото доаѓање и останување во училиште. Дури и во вакви случаи бидете упорни и барајте помош, ништо не поминува само од себе.



912

X