Купувањето работи за бебе е толку магично и примамливо, што многу мајки со уживање се впуштаат во таа авантура. Ги купуваат само најдобрите работи за своите деца, но често меѓу нив има и работи што не им се баш потребни и нема да ги користат.

Секоја мајка смета дека знае што му е потребно на нејзиното дете. Секоја си има своја листа. Но, ова се пет работи кои всушност се неопходни, а и некој совет плус за олеснување на секојдневието:

1. Пелени, влажни марамчиња

Пелените се користат уште од првиот ден. Од нив никогаш не е доста. Но, не е лошо да се обидувате со различни видови пелени бидејќи така ќе сфатите кои пелени најмногу му одговараат на вашето дете. Влажните марамчиња, исто така, се практични и ги користиме во многу ситуации, а треба да се пробаат и различни варијанти на бебешки памукчиња.

2. Резервна облека

Како што расте детето, така мајките обично избираат поедноставни, пофункционални парчиња облека. Особено во летните денови е важно ткаенините да се лесни, за детето да може без проблем да си игра во домот, но и надвор. Дајте им предност на материјалите од памук, волна и свила, а избегнувајте тешки и дебели материјали, комплицирани парчиња со многу копчиња или додатоци. Купувајте облека во која детето ќе има слобода на движење.

3. Нешто за грицкање – брзи и едноставни решенија

Секогаш треба да имате при рака нешто што брзо ќе им го понудите на децата. Особено ако сте надвор, на прошетка, имајте со себе кашичка, бебешки бисквити, овошје и вода. Особено се добри кашичките во тетрапак кои имаат и цуцла, па бебињата брзо учат да ги користат. Малку постарите дечиња ќе ги обожаваат, па тоа ќе им биде одлична утеха додека чекаат вистински оброк.

4. Средства за перење облека – помалку е повеќе

Оброците често знаат да завршат со дамка на облеката. Однапред размислувајте за аспектот кој ќе ви биде важен за перењето на облеката и затоа купувајте облека што може да се пере на 60 степени. Користете бебешки прашоци за перење и омекнувачи. Можете да направите и природен детергент од малку оцет и неколку капки етерично масло.

5. Меки играчки за утеха и играчки за масирање на непцата додека им растат заби

Детето од првиот ден ќе има играчка прво в рака, па потоа в уста, а потоа границата исчезнува кога играчката му станува еден од најдобрите сојузници во играта. Затоа, за малечките бебиња, одберете мека играчка која ќе може да ја допира, но и да ја гризе. Нека биде сигурна, квалитетна, од природен материјал и без делови или копчиња што можат да се одвојат. За масирање на непцата земете тврда играчка, но има и посебни за таа намена.

На крајот не заборавајте: кога детето почнува да оди во градинка, сака до себе да има мал кадифен пријател кој ќе му биде важен во текот на приспособувањето, додека ја чека мајка си да го земе. Овозможете му го тоа на детето навреме.

Автор: Ивона Шатрак



912

X