Воспитување

Пет работи што им се потребни на момчињата

„Најголемата радост во мојот живот беше воспитувањето на моето момче“, е репликата што веројатно би ја кажала мајка ми ако ја прашам за тоа како е да се одгледуваат синови.

Генетиката е чудо! Веројатно сте ја слушнале оваа реченица безброј пати, дури и од лекари кога објаснуваат навидум необични појави кај децата кои се резултат на наследството на генетскиот материјал на родителите. Од друга страна, децата не ги обликува само генетиката, туку и однесувањето и третманот на нивните родители во текот на нивното детство, па сигурно сте ги слушнале поимите „дете во сенка“ и „дете на светлината“. Покрај љубовта, што се подразбира, еве неколку правила кои треба да ги примените за вашето момче да порасне во маж кој е задоволен, независен, среќен и доволно самоуверен, односно „дете на светлината“.

Родителство без употреба на сила во раното детство – или ризик од разни негативни социјални последици

Соочени со голем број секојдневни обврски, се случува родителите да прибегнуваат кон употреба на сила или уцена во воспитувањето на децата во раното детство со цел подобро да го водат детето и да го насочат на вистинскиот пат. Тоа често може да биде контрапродуктивно бидејќи детето се брани со тоа што одбива секаков вид соработка и послушност кон родителите. Потоа родителите применуваат порестриктивни мерки, а така се зголемуваат и барањата од детето. Одговорот на ваквото воспитување е викање, расправија или имитирање на родителите, што може да доведе до лудило. На крајот, родителот попушта и/или се откажува, што само го засилува лошото однесување на детето.

Истражувањето покажало дека момчињата чии мајки употребувале сила при воспитувањето имале повеќе проблеми во однесувањето и социјални проблеми, како и дека не биле прифатени од врсниците на училиште. Од друга страна е нежното родителство, кое им помага на момчињата (и секако на девојчињата) да ги развијат своите социјални вештини и да се запознаат себеси на вистински начин.

Минимален конфликт и максимална топлина

За да не биде погрешно сфатено, топлината не значи попустливост или прекумерно допуштање.

Напротив, топлите мајки се полни со љубов, цврсти, љубезни и подготвени да инвестираат во развојот на синот. Сепак, постои мислење дека конфликтот и топлината се варијабли кои не се секогаш под контрола на родителите. Како и со сите други врски во животот, ова е двонасочна улица. Мајките што работат понапорно за да го намалат конфликтот и да ја зголемат топлината што ја споделуваат со своите синови имаат поголема веројатност да воспитаат дете кое е способно да живее и да развива корисни социјални вештини, како што се стекнувањето пријатели и подобрувањето на моралниот развој. Ваквото однесување на мајките, според истражувањето, ќе доведе до тоа нејзиниот син да има помала веројатност да се вклучи во асоцијално или лошо однесување на училиште.

Поддршка на саморегулацијата и ослободување од спротивностите

Важен дел од позитивното родителство е учењето преку моделирање. Родителството кое се сведува на „прави како што ти кажувам јас, а не како што правам јас“, едноставно не е добра основа за учење сложени животни вештини. Ќе се согласите дека е лесно да се научи детето да ги мие забите – во споредба со учењето на тинејџер да управува со својата анксиозност.

Истражувањата покажале дека саморегулацијата кај децата, која вклучува важни особини како самоконтрола, одлучување, управување со емоции, зависи од два фактори. Првиот се однесува на степенот на автономија што мајката му ја дава на својот син и личната одговорност за саморегулација, при што се воспоставува и одржува однос на доверба и приврзаност со детето. Вториот се однесува на фактот дека спротивставените родителски практики, како што се манипулациите и поткопувањето, се поврзани со пониски нивоа на саморегулација кај децата. Ваквите резултати од истражувањето се сосема логични ако се земат предвид добро познатите истражувања, кои ги поврзуваат манипулативните стратегии за родителство со негативните исходи за децата.

Смиреност и топлина, наспроти инает и проблеми со вниманието

Како што наведовме, родителството е двонасочна улица, така што одговорноста никогаш не може целосно да се префрли на една страна. Меѓутоа, истражувањата покажале дека мајките кои биле помалку присутни и кои помалку им се „нашле“ на своите деца, подоцна можеле да видат како нивните синови се борат со проблеми со вниманието и инает. Дури и прекумерните дисциплински стратегии, како што се изразување силни негативни чувства кон однесувањето на нивниот син, или изразување авторитарна (наспроти авторитативната) филозофија за родителство, исто така, биле во корелација со инаетот и проблемите со вниманието, веројатно поради циклусот на принудно родителство.

Избегнувајте остри критики и прекумерна емоционална вклученост за да избегнете проблеми со однесувањето

Се чини дека студиите спроведени на момчиња се фокусирани на екстернализирање на проблемите, како што се лошото и асоцијалното однесување. Во друга студија која ја испитувала улогата на мајчинската критика и прекумерната емоционална вклученост, истражувачите нашле поддршка за нивната хипотеза дека мајките кои се покритични, ќе имаат синови кои имаат поголема веројатност да се однесуваат лошо.

Овде лесно можеме да паднеме во стапицата и да кажеме дека момчињата кои се однесуваат лошо, почесто ги „предизвикуваат“ своите мајки да ги критикуваат. Ова е точно, но поентата е дека острата критика не помага. Со други зборови, мајките кои користат остри критики не се ефективно насочени кон лошото однесување на нивниот син. Исто така, мајките кои се премногу емоционално вклучени, т.е. кои се премногу заштитнички и прекумерно пожртвувани, не придонесуваат за градење добар психолошки профил на своето дете, односно автономија на неговата личност.

Заклучокот е дека позитивното родителство, соодветната автономија и топлината се добри за односот помеѓу мајката и синот, со тоа што истото важи без разлика на полот на родителот или детето.

Автор: Вида Савиќ

Извор

Поврзани написи

To top