„Информациите што децата ги примаат од нас и преку нашето однесување како родител и воспитувач во голема мера влијаат врз нивниот целокупен развој“, вели за српски „Телеграф“ психотерапевтот Недељко Рвовиќ.
Воспитувањето на децата е една од најтешките задачи на секој родител. Притоа, повеќето од оние што се оствариле во оваа животна улога се убедени дека го прават најдоброто што го знаат во дадениот момент, но не се склони кон преиспитување и кон тоа колку грешат во некои однесувања кои кај децата може да остават последици за „цел живот“.
Информациите што децата ги примаат од нас и преку нашето однесување како родители и воспитувачи многу влијаат врз нивниот целокупен развој, па затоа е важно да се обрне внимание на некои однесувања и постапки што ги правиме, а кои долгорочно би можеле да имаат последици врз децата. „Развојната психологија веќе одамна докажала дека детето уште додека се наоѓа во облик на ембрион е подложно на примање информации, се разбира, во контакт со мајката и тоа по пат на физиолошка комуникација, емпатичка комуникација и комуникација на однесување“, вели гешталт-терапевтот Неделко Рвовиќ. Тој додава дека сето тоа укажува дека детето може да го почувствува стравот кој со биохемиските процеси се пренесува на него и дека многу често, баш во такви состојби, детето прави движења во стомакот како одговор на мајчините реакции.
„Сето ова ни говори колкаво влијание има однесувањето на родителите врз детето, како и меѓусебниот однос на родителите, кои колку и да се обидуваат, не може да сокријат или маскираат нешто, бидејќи тоа едноставно е еден облик на енергија која детето ја чувствува при секоја интеракција. Поради сето наведено, важно е да се напоменат значењето и влијанието на начинот на кој родителите го воспитуваат своето дете, како и каква слика со своето однесување и очекувања од детето му испраќаат“, објаснува Рвовиќ.
Тој наведува дека децата на возраст од 3 до 5 години ги користат чувствата како единствено средство за комуникација со светот околу себе, па затоа е важно да се знае што е она што ние, родителите, го правиме, односно не го правиме добро, а да има влијание врз детето. Според зборовите на Рвовиќ, воспитните аспекти што го загрозуваат правилниот развој се:
Емотивно студенило кон детето
„Тоа се согледува во одбојноста, дистанцата, игнорирањето, избегнувањето на физичкиот контакт, а од друга страна, и во преголемата емотивност, во преголемото заштитување, ограничување, зависноста, посесивноста, претераниот физички контакт и претераната грижа. Детето не добива контакт, топлина и љубов која претставува извор на животот, таквите деца се често осамени, изолирани, изложени на малтретирање од врсниците и подоцна со чести психички заболувања“, смета терапевтот.
Недостиг на мотивација
„Избегнувањето разговор со детето, монотоното опкружување, преокупираноста со работата и немањето време за детето, како и често преголемите очекувања и претераната амбициозност може да доведат до внатрешен судир кај детето, при што често се случува детето да се обвинува себеси бидејќи не гледа и не може да разбере друга причина за ова однесување. – Не сум доволно добар – Никогаш нема да бидам како мојот брат – Не требаше да се родам… се чести мисли кои поминуваат низ главата на детето“, наведува примери терапевтот.

Посрамување, игнорирање, закани
„Додека некои родители грешат со благ пристап, попуштање и пофалби, некои одат во друга крајност, па воспитните методи се темелат на посрамување, игнорирање, закани. Ниту едниот ниту другиот пристап не се добри бидејќи немаат ниту мера ниту умереност. Детето во првиот случај ќе стане арогантно, разгалено, со премногу очекувања од другите, а во другиот случај ќе ги поттикне своите сенки – дете во страв од неуспех со уништена самодоверба која е последица на закана и воспитување каде што се нарушени сигурноста и довербата во родителите“, објаснува Рвовиќ.
Непочитување
„Тоа, всушност, претставува неприфаќање и неуважување на детската личност, правото на избор и грешката се гледаат преку потценување, омаловажување, оневозможување на самостојноста, постојаните предавања и негативни коментари. Детето е често несигурно, неподдржано, со постојат страв од грешки и можни последици“, наведува Рвовиќ.
Наредување
„Ова е родителско однесување кое подразбира максимално контролирање, забрани, наредби и барања, критики, закани и казни, ограничување на слободата, што придонесува детето да биде затворено, блокирано, без креативност и волја за игра и дружење“, објаснува Рвовиќ. Тој наведува дека постојат ефикасни совети за дисциплина и дека тие се согледуваат во неколку важни работи:
-Верувајте му на вашето дете дека ќе се придржува до поставените правила без разлика на годините и фазата на развој. Потрудете се она што го барате од детето да биде разбирливо за него и да може да го направи. Разговарајте со своето дете како што би сакале да разговараат со вас. Немојте да користите погрдни имиња, викање, или омаловажување“, се некои од советите на терапевтот.
Тој додава дека е потребно родителите да бидат јасни во врска со она што го бараат од детето. „Бидете строги и одредени, а не крути и двосмислени. Дозволете преговарање и компромис, со што ќе му помогнете на детето да изгради социјални вештини за преговарање и приспособување“, истакнува Рвовиќ.
Тој нагласува дека за правилен детски развој, важно е основните потреби да му се задоволени, а тоа се: потреба за сигурност, заштита од опасност, грижлив однос, добра и редовна исхрана, доволна количина на сон, физичка активност, дружење со врсниците, како и можноста да може слободно да се занимава со откривање и истражување.