Не е добро кога родителот не бара ништо за возврат. Родителот кој се цени себеси треба да очекува благодарност. Не дозволувајте никој да ве сфаќа здраво за готово, дури ни сопствените деца. Идеалната слика всушност изгледа вака: родителот дава од љубов, а детето прима со благодарност. Тогаш сите се среќни, тоа е слика на хармонија која ги исполнува срцата на сите вклучени, има тенденција да трае и да го обои животот со најубави бои. Што се подразбира под тоа дека децата треба да бидат благодарни?
Не мислам дека децата треба за секоја полна чинија да велат благодарам, туку кон родителите да се однесуваат така што ќе емитуваат љубов и почит бидејќи со тоа покажуваат дека имаат свест за тоа колку примаат и дека тоа што го добиваат го вреднуваат и ценат. (Тука морам да се оградам од идејата дека децата во знак на благодарност треба да го живеат животот како што им одговара на родителите или да станат човек луѓе што ги исполнуваат родителските очекувања. Вакви ставови претставуваат сериозни нарушувања на здравиот однос и немаат никаква врска со овој текст).
Како да знаеме дали е тоа наш случај?
Хармонијата дефинитивно е загрозена, ако:
-детето го споредува родителот со друг родител кој „дава повисоко ниво на услуга“;
-ако детето врши притисок да добие повеќе пари;
-ако детето користи зборови како што се „тоа е твоја должност“ или „ти тоа мораш да го сториш“ или „сама си виновна што си ме родила“;
-ако не води сметка за сопствените работи, лесно троши и очекува многу за себе;
-ако смета дека најдоброто парче месо е негово право, а не убав родителски гест;
-ако не води сметка дали ќе остане ручек и за таткото кој последен се враќа дома;
-ако не се грижи што мајката веќе петта година оди во истите чевли со истрошена пета, а детето очекува патики од 15 илјади…

Како се лекува ова?
Во таа ситуација, рамнотежата може да биде повторно воспоставена само во еден случај – ако родителот го повлече своето „правење“ и инсистира на благодарност, поточно на тоа дека сè во животот треба да се заслужи, нешто со работа, а нешто со убави постапки. Ако почувствувате дека детето се однесува лошо, дека вашето го третира како да е негово, не двоумете се, повлечете се и недвосмислено инсистирајте на реципроцитет, односно на рамнотежа помеѓу давање и примање. Давајте само ако од децата примате. Вие за нив зготвен ручек, тие вам убав збор и расчистени чинии.
Дали е ова помалку себичен, саможивен став? Не! Тоа е најдобро што можете да го направите за своето дете, но и за себе. Во спротивно, обајцата тонете. Вие го губите чувството на задоволство во родителската улога и почнувате за себе да мислите како за подлога за чевли, а вашето дете губи шанса да порасне во добра, благородна и со љубов инспирирана личност.
Зошто некои родители се согласуваат на ваков третман?
Најчеста причина е некое чувство на вина или недоволност, несоодветност која родителите ги доведува во ситуација да не се ценат себеси и потоа да се согласат да бидат третирани со непочитување. Ова никој не го заслужува. Реципроцитетот во давањето и примање е секогаш многу важен бидејќи во спротивно се губи убавината на дарување, опаѓа волјата долгорочно да се истрае, добрината преминува во глупавост, жртвата од љубов се претвора во жртва од слабост и сè е свртено наопаку, така што светлата страна на најблагородната животна улога, родителската улога, станува скриена од сите што се сведоци на ваквата нездрава ситуација.
Не дозволувајте она најубавото и најблагородното во вас, како што е родителската љубов, да биде згазено, понижено и омаловажено.
Автор: Биљана Грбовиќ