Во бременоста имаме големи планови за тоа како ќе изгледаат нашите први денови со бебето. Ќе го нишаме в прегратка, ќе ги бакнуваме малите ножиња, ќе ја мирисаме неговата кожа и ќе уживаме со полни гради во секој момент. По породувањето, имаме толку многу обврски што на моменти и забораваме. Помеѓу хранењето, избирањето најдобри производи, читање за техники за успивање и борба со сопствениот замор, некои моменти ги промашуваме. Можеби не целосно, но секако не уживаме во нив онолку колку што сме планирале.

Постојат различни студии и истражувања за тоа колку сон губат родителите во првата година од животот на детето. Кога се работи за второ дете, време има сè помалку бидејќи нашето првородено дете бара дополнително време и внимание. Но, сето тоа брзо поминува. Ни се чини дека никогаш нема да забораваме на кој начин сме ги избрале пелените, што прво сме му дале да јаде, кога првпат детето добило температура… и потоа поминува некоја година и на тие работи навистина не се сеќаваме.

На човекот му е потребно само да почувствува некој мирис, да слушне звук, да види слика или да ја допре најдрагата и прва играчка за повторно да го „проживее“ чувството на среќа. Оние тешки и напорни часови целосно ги забораваме.

Првата играчка

Во морето различни играчки првата играчка е таа што останува како траен спомен. Мојот син од својата баба доби рачно плетено зајаче. Тоа е сосема безбедно за новороденче, очите претставуваат контраст интересен за бебињата, опашката обезбедува утеха ја имитира матката, а ушите се како грицкалка за воспалените непца. Една играчка, а толку улоги. Послужи како инспирација за баба да создаде мал бизнис, па денес нејзината играчка може да се набави во прекрасна кутија со персонализирано ќебенце на кое го пишува името на бебето. Играчката ќе биде покрај детето и кога ќе тргне во градинка како објект за транзиција, а еден ден ќе се врати во кутијата и таму ќе ги задржи мирисите и спомените на детството. Кога ќе ја видиме ќе се сетиме на моментот кога баба ја донесе како подарок во родилиштето, а на првата посета на лекар бебето се смируваше токму со тоа зајаче, неговите ушиња ги гризеше додека му растеа заби, а кога плачеше при одењето во градинка – зајачето му беше в раце. Нашите спомени ги чува нашата прва играчка.

Фотографии

Многумина денес имаат еден куп фотографии во своите паметни телефони. Она што ни е тешко е да ги развиеме тие фотографии. Кога ќе порасне, детето со задоволство ќе ги прегледува своите албуми и фотографии. Како дете, кога им бев лута на моите родители, си ги гледав фотографиите од детството. Тоа ми го исполнуваше срцето. Гледав како сите сме насмеани. Многу често ги гледав нашите семејни фотографии, а го правам тоа и денес кога сум тажна. Моето дете има три години и приспособувањето на градинката за него беше стресно. Секое утро плачеше и не сакаше да оди во градинка. Во ходникот, каде што облекувавме чевли, ставив негови фотографии на кои е насмеан. Веднаш се чувствував подобро кога ќе ги погледнев.

Фотографиите на децата се навистина мали уметнички дела. Ставете ги на некое видливо место. Имате многу причини да бидете горди. Еден ден тие фотографии ќе ви бидат непроценлив спомен. Многу луѓе што го изгубиле имотот најмногу жалат за спомените, фотографиите – скапоцени овековечени моменти од нашиот живот кои веќе никогаш нема да се повторат.

Писмо до себеси или до своето дете

Обидете се во деновите откако ќе се породите да одвоите неколку моменти и да запишете сè што чувствувате на хартија. Сите свои желби, надежи и чувство на љубов кога ќе ги видите тие малечки прстиња. Опишете што чувствувате кон детето. Запишете што за вас значи детето и колку сте среќни што е покрај вас. Тоа писмо подгответе го за првите денови од пубертетот на вашето дете. Едно такво писмо имам подготвено за својот син. Сигурна сум дека заедно ќе го читаме.
Сите спомени ги чуваме во себе. Само понекогаш треба да ги извадиме од фиоките. Кога деновите се тешки и имате чувство дека ништо не ви оди од рака, отворете ги кутиите од детството и пуштете ги да ви ги раскажат најубавите приказни.

Автор: Данијела Миклец, учителка, колумнист



912

X