Како глуварчињата, кои излегуваат низ пукнатините од тротоарот, така и децата-глуварчиња се доста отпорни. Тие физички многу подобро го надминуваат стресот отколку децата-орхидеи
Д-р Томас Бојс, професор по педијатрија и психијатрија на Универзитетот во Калифорнија, Сан Франциско, вели дека родителите можат да им помогнат на своите чувствителни деца-орхидеи да напредуваат.
Бојс за ова пишува во неговата нова книга „Орхидеја и глуварче: Зошто некои деца се борат и како можат да напредуваат?“ Тој четири децении ги проучувал реакциите на стрес и кај децата и ги споредил со овие два вида цвеќиња.
Децата-глуварчиња обично можат да се справат со стресот и тешкотиите. Децата-орхидеи се малцинство и се почувствителни на добра и лоша средина, биолошки реагираат на различни околности и тешко се справуваат со стресот.

Бојс набљудувал два примарни системи за одговор на стрес кај децата во лабораторија. Едниот го мерел стресот на хормонот на стрес – кортизол, за кој Бојс вели дека има длабоки ефекти врз имунолошката и кардиоваскуларната функција. Другиот систем на реакција на стрес бил автономниот нервен систем или системот одговорен за одговор на стресот, или таканаречениот „бори се или бегај“ систем.
Асистентот ги замолил децата да направат низа тешки задачи. На пример, броење три броја, потоа четири, па пет или ставање сок од лимон на нивниот јазик.
– Откривме дека постојат големи разлики помеѓу децата. Имаше деца што имаа драматична реакција и во системот на кортизол и во системот за одговор на стресот. Имаше други деца што речиси немаа биолошки одговор на предизвиците што им ги поставувавме – вели Бојс.
Тој додава дека истражувањето покажува дека реакцијата на детето на стресни фактори може да биде претходник на низа здравствени, емоционални и физички проблеми.
– Во нашето истражување откривме дека истите реакции се откриени кај физичките болести, како што се тешките респираторни заболувања, пневмонија, астма и слично, како и кај емоционалните болести, како што се анксиозноста или депресијата. Веруваме дека истите модели на чувствителност што ги наоѓаме кај децата-орхидеи и децата-глуварчиња предизвикуваат не само физички болести, туку и психосоцијални и емоционални проблеми – објаснува докторот.
Бојс додава дека и системот за одговор на стресот и системот „бори се или бегај“ можат да влијаат врз способноста на детето да изгради имунитет против вируси и бактерии. Исто така, двата система на одговор би можеле на крајот, во зрелоста, да бидат одговорни за развој на хипертензија, висок крвен притисок или други видови кардиоваскуларен ризик.
Како да им се помогне на децата-орхидеи?
Родителите на децата-орхидеи можат да им помогнат на нивните чувствителни деца обезбедувајќи им редовна рутина, вели Бојс. Тој додава дека не е добро да се обидувате да го промените детето, туку да ги препознаете и почитувате неговите разлики, да му дадете внимание и љубов и да го афирмирате „креативното јас“ на детето. На крај, би било добро да ја „истуркате“ вашата орхидеја од нејзината удобна зона.
– Мислам дека ова е веројатно најтешката родителска задача во воспитувањето дете-орхидеја. Родителот на дете-орхидеја мора да ја премине оваа многу тенка граница помеѓу нетуркање на детето во околности што навистина ќе го исплашат, но, од друга страна, тие не смеат да го штитат премногу зашто подоцна не ќе може да надмине постресни ситуации – заклучува Бојс.