Таа знае да каже ПРЕГРНУВА. И нејзините мали раце успеваат да ме прегрнат. Никогаш никој не ме прегрнал со помалку, а во него да има повеќе. Цел еден свет, мојот и нејзиниот, застанат помеѓу два носа кои се допираат, еден грбав, друг напрчен.

Таа знае да каже ДУША. И да го крене својот мал врат за баш тука во нејзината душа да ја бакнам.

Таа знае да каже ГАЛИ. И нејзините мали прсти поминуваат низ мојата долга сина коса која ѝ го скокотка носот, а таа не се грижи.

Таа знае да каже ЉУБИ и со своите мали усни, гордо, да остави влажен печат на изморениот образ.

Таа знае да каже со многу надеж ОДИМЕ, ширејќи ги рацете кон мене и тогаш кога ќе помислам дека сите патишта за мене се затворени, нејзината мала сила во мене крева сè.

Таа знае да каже НЕ САКА. Тоа не сака кое јас возрасна сè уште учам да го изговорам.

Таа има 15 месеци и целата е обвиткана во детска чистота. Остани бебе такво, да ја потсетиш мајка ти на сето она што го заборава кога времето се забрзува во секојдневието. Остани таква да ме потсетуваш колку светот може да биде добро место само затоа што ти си во него. Остани таква со молчење да ми кажеш да не трчам по среќата на друго место, туку дека среќата ми е тука, во креветот покрај твоите локни.

Остани таква. Не менувај се, бидејќи мајка ти покрај тебе расте секој ден и ти благодарам за тоа. Дали ќе можам да ти го вратам сето она што ми го даваш?

Автор: Боба Усковиќ

Извор



912

X