Има одредена осаменост која произлегува од моментите кога сте сами со мало дете. Празнина. Кога сте само вие и вашето дете, час по час, па почнувате да се чувствувате многу мали и многу далечни.
Минатата недела беше третиот роденден на мојот син и за да го прославиме, јас не видов возрасно лице 10 часа по ред. Денот беше сив и влажен, а Англија сè уште е во еден вид на карантин. Беше работен ден, а мојот партнер беше на училиште (наставник е). Знам дека сум привилегирана: имам партнер, не сум го доживеала стресот од тоа да сум родител 24 часа како самохрана мајка, имам работа, што значи дека може да земам и слободен ден за да го поминам со синот, можам да си дозволам да купам украси за да направам прослава. А, сепак, тоа беше осамен ден.
Ги отворивме роденденските картички пред екранот на кој течеше видеоповик со неговите баби. Сама пеев „Среќен роденден“, а тој ги дуваше свеќичките ставени на триаголен тост намачкан со путер од кикиритки. Седевме на фонтана во парк и јадевме слатки. Сè беше во ред. Понекогаш беше пријатно. Но, ќе беше поубаво ако имаше само уште еден возрасен да зборува со мене. Уште една личност која може да стапи во целосна интеракција со мене. Дали можев да организирам такво нешто со пријател? Се разбира. Дали ги имав енергијата и времето за да го сторам тоа, заедно со мојата платена работа и неплатено отсуство? За жал не.
Мојата пријателка Марта Лејн го нарекува родителството „најзафатената осаменост кога всушност никогаш не си сам“. Поголемиот дел од денот како родител си целосно окупиран, зборуваш постојано, физички си блиску до друго лица, а сепак имаш многу малку време за работите што го подобруваат твојот живот: разговор, вежба, храна, читање, молекуларна хемија, што и да е. И тука е и моментот на осаменост – чувството кое Максимилијан Харди го опиша на „Твитер“ – како возрасниот дел од тебе да се намалил.
Се разбира, пандемијата ја зголеми осаменоста низ светот, но Велика Британија веќе беше водич во тоа и изгласана за најосамена земја во Европа во 2014 година. Осаменоста кај родителите можеби сè уште е табу-тема. Не сме предодредени деновите да ни бидат празни. Треба да се чувствуваме исполнети од сопствените активности. На крајот на краиштата, ова е тоа што го сакавме, зарем не? Но, ни здосадува. Стануваме осамени. Многумина од нас. Оние од нас што копнеат по социјален контакт, комуникација, слободно движење и хумор, може да се чувствуваат истрошени од деновите кога зборуваат само со своите деца.

Начинот на кој денес сме родители – во малечки и одвоени целини – е екстремно нов во однос на човечката историја. Не сум биолошки детерминистички насочена, но се сомневам дека сме биле предодредени да ги растеме нашите деца еден-на-еден. Иако сум воодушевена што игралиштата, парковите и градинките останаа отворени за време на карантините, сепак, ми недостигаат метежите, собирите, дружбите.
Ова не е кажано како жалба. Не го ни заслужувам, ниту пак ми е потребно вашето сожалување. Само кажувам, па не мора да се обидувате да најдете зборови, дека да се биде сам со своето дете може да биде навистина осамено чувство. Што се однесува до тоа, не сте сами.
Автор: Нел Фризел