Новата учебна година е веќе започната, децата се под стрес, вие сте под стрес, а животот продолжува со „непредвидените“ предизвици. Како да му помогнете на вашето дете да се справува со стресот во овој комплициран свет? За жал, многу луѓе никогаш не ја научија науката на стресот и како тој им влијае, па и кои се ефективните алатки за справување со него.

Со многу малку труд можете да им дадете на децата вештини за да спречат нивниот стрес да стане токсичен.

Ова се 6 начини за да го сторите тоа:

Именувајте ги нештата што предизвикуваат стрес

Ако не се зборува за слонот во собата, тоа нема никому да помогне. Децата чувствуваат стрес – ментално и физички. Помогнете му на детето преку зборување да искаже што чувствува – во љубопитна смисла за да се здобие со што повеќе информации. На интернет можете да најдете многу совети во таа насока што ќе одговараат на возраста на детето.

Градете самосвесност

Самосвесноста е моќна животна и лидерска вештина која може да им помогне на децата да успеат. Во свет кој е фокусиран на надворешна валидизација, може да биде тешко да се знае дали некој е во ред без да се провери внатрешната состојба. Оваа свесност ќе им дозволи на децата да направат приспособувања, да научат подобро да ги задоволуваат своите потреби и помалку да дозволуваат влијанија од надворешните притисоци. Споделувајте што чувствувате вие, кажете му дека знаете дека сте во ред, прашајте го детето што забележува прво кога е вознемирено или загрижено. Пред да дојде до нервен слом, има знаци кои укажуваат дека работите се влошуваат. Подоцна, можете да го научите детето да ги користи тие знаци за да превенира.

Одбирајте ги зборовите

Предизвиците се дел од животот и, за среќа, луѓето се многу приспособливи. Нема ништо лошо во тоа да чувствувате стрес. Тоа е само вашиот ум кој ви кажува дека негова работа е да ве чува безбедни. Но, зборовите имаат моќ да ја менуваат вашата перцепција на стрес, како и неговата токсичност. Помогнете му на вашето дете да научи како функционира неговиот ум, како неговиот јазик и начин на изразување имаат моќ. Обидете се да користите скала од 1 до 10. Можеби не е „Најлошиот ден во животот!“, туку можеби се чувствува измамено, но може да се направи „бура од идеи“ за повторно да се вратат позитивните чувства.

Зголемете ја вашата љубопитност

Кога им пристапувате на предизвиците со љубопитност, го зголемувате пристапот до креативната моќ на умот, која е потребна за да се справите со предизвикот.

Моделирајте љубопитност

Пофалувајте ја љубопитноста. Помогнете им на децата да научат да поставуваат прашања за да ја најдат својата моќ. Што е она што ве прави посилни? Што функционирало порано? Кој е твојот пример за храброст? Што му помага на твојот стомак да се чувствува подобро кога се лутиш? Што се обидува да ти каже твојот ум? И кои избори го влошуваат стресот? Дали се чувствуваш подобро откако ќе истрчаш?

Градете самодоверба за справување

Кога ќе имате чувство дека ги имате потребните вештини и ресурси за да се справите со предизвик, стресот од тој предизвик не е токсичен. Помогнете му на детето да ги забележи тие силни страни и што е она што функционира за него. Научете и практикувајте вештини за смирување заедно. Имате одлична можност да бидете дел од создавање поздрави генерации и да се чувствувате и вие подобро во целиот тој процес. Стресот е дел од животот и сите можеме да бидеме дел од тимот „Посилни од стресот“ – преку учење за себеси, нашите неверојатни умови и алатки и вештини кои ќе ни помогнат да се развиваме.

Автор: Синтија Акрил

Извор



912

X