Понекогаш децата ги тестираат нервите на родителите, и тоа е вообичаено. Но, ако некои ситуации често се повторуваат, родителите би требало да преземат одредени чекори пред таквото однесување да доведе до проблеми во иднина.
Експертите објаснуваат кои седум обрасци на однесување кај децата не смеат да се игнорираат.
Еве кога треба да реагирате:
– Кога однесувањето на детето ве загрижува повеќе од еден месец или подолго.
– Кога не можете да ја контролирате ситуацијата.
– Кога однесувањето на вашето дете влијае врз луѓето во околината.
– Кога однесувањето на вашето дете се променило без некоја видлива причина. На пример, наеднаш станало резервирано или грубо кон своите другари – време е да разговарате.
– Кога има проблеми на школо или одеднаш ги намалило оценките, често предизвикува кавги или се тепа со врсниците, бега од часови.
– Има проблеми со сонот, хигиената или исхраната.
Еве уште неколку работи што не би требало да ги игнорирате:
1. Не умее да простува
Децата би требало да умеат да излезат од конфликтни ситуации. Родителите најчесто ги учат да возвраќаат, но во поголемиот број случаи подобро е да ги искажат негативните емоции. Ако вашето дете секогаш се обидува да се одмазди, тоа е лош знак.
Што треба да направите:
Погрижете се вашето дете да разбере што значи простувањето. Бидете му пример, покажете му дека треба да им простува на другите. Научете го детето да ги анализира своите чувства, но и чувствата на другите за да разбере што доведува до конфликти. Објаснете му како да излегува од некои конфликтни ситуации.
2. Не е одговорно
Често се случува во семејства со повеќе деца, едното дете, најчесто најмладото, да ја префрлува вината на браќата или сестрите за нешто што тоа го направило. Повеќето родители повеќе или помалку го игнорираат таквото однесување, но замислете возрасен човек кој вината постојано ја префрла на другите.
Што треба да направите:
Научете го детето да биде одговорно така што постепено ќе ги зголемувате границите. Разговарајте за проблемите и за причините за лошото однесување.
3. Претерана тврдоглавост
Нема ништо лошо во тоа некој да го брани својот став, ако е подготвен на компромис. Родителите би требало да им помогнат на децата да ја развијат оваа вештина во детството затоа што многу потешко се развива во пубертетот или подоцна.
Што треба да направите:
Разберете ги чувствата на вашето дете и обидете се да сфатите која е причината за неговата тврдоглавост. Научете го да ги разбира своите и туѓите чувства и од што е мотивирано некое однесување. Објаснете му што може, а што не може да прави. Немојте да го молите, да се расправате, да го обвинувате и слично. Бидете смирени и многу јасни, но и подготвени на компромис.
4. Манипулира со другите
Понекогаш децата манипулираат со родителите или со браќата и сестрите за да го добијат тоа што го сакаат. Но, би требало да знаат дека здравиот однос со семејството, пријателите, подоцна и со колегите не се гради со такво однесување.
Што треба да направите:
Треба да знаете да разликувате „блефирање“ од работи и ситуации кои навистина го мачат вашето дете. Децата обично се обидуваат да манипулираат со другите кога родителите не им посветуваат доволно внимание. Затоа е многу важно да поминувате доволно време со нив. Бидете смирени, немојте да им се заканувате – тешко е, но ефикасно.
5. Се плашат од промени
Кога станува збор за мали деца, подобро е секогаш да се држите до истите правила и однесување. Но, повозрасните деца треба да се навикнуваат на промени и да учат како да ги прифаќаат. Светот денес е многу променлив, па луѓето што не можат да се приспособат на промените целосно се изгубени.
Што треба да направите:
Секогаш разговарајте со детето за некоја промена и објаснете му што ќе се случи. Контролирајте ги своите емоции затоа што децата лесно го читаат говорот на телото и ја забележуваат вашата анксиозност. Покажете дека имате разбирање и запомнете дека и најмалите проблеми и предизвици за децата можат да бидат големи препреки.
6. Непромислено е
Детската спонтаност е симпатична. Некои деца зборуваат и прават работи без да размислуваат за последиците, иако нивното однесување може да биде непријатно и за нив и за луѓето во околината. Во такви случаи родителите треба да ги научат децата да ја проценат ситуацијата и да ги предвидат можните последици од своето однесување.
Што треба да направите:
Останете смирени. Анализирајте го однесувањето на детето заедно со него и откријте зошто го направило тоа. Пуштете го само да ги реши последиците од своето однесување. Научете го детето на самоконтрола, поставете правила кога ќе направи нешто импулсивно и пофалете го кога ќе ги почитува тие правила.
7. Не умее да се забавува
Рускиот психолог Катерина Мурашова спровела експеримент во кој 68 адолесценти (од 12 до 18 години) поминале осум часа во самотија, без пријатели и без уреди. Само тројца тинејџери успеале да ја издржат задачата, додека на другите им било ужасно.
Бебињата не умеат сами да се забавуваат, и тоа е нормално. Но, постарите деца би требало да си бидат доволни во таа смисла. Ако детето не ја развие оваа вештина, не може да се концентрира на своите чувства затоа што сè ќе му пречи. Кога ќе пораснат таквите деца, ќе почнат да паничат кога ќе се случи нешто сосема вообичаено.
Што треба да направите:
Разговарајте со вашето дете и поминувајте што повеќе време со него. Дозволете му да биде одреден период пред екран, но ограничено. Научете го да сфати што сака, а што не. Помогнете му да развие хоби што не е поврзано со телефонот или лаптопот.
Ако не можете сами да се справите со сето тоа, побарајте помош од психолог. Тоа значи дека се грижите за вашето семејство и дека сакате помош од стручно лице.