Не минува ни ден, а да не му се заблагодарам на Господ што познавам толку прекрасни жени кои ми биле инспирација, поддршка, рамо за плачење, утеха и пријателки

Во време кога човештината е занемарена и старомодна особина, кога човек на човека му е волк, а жена на жена крвник, кога црната хроника е полна со вести, реалните шоуа „пукаат“ и се главна тема во автобусите и во редиците во пошта, не минува ни ден, а да не му се заблагодарам на Господ што познавам толку прекрасни жени кои ми биле инспирација, поддршка, рамо за плачење, утеха и пријателки.

Би можела да пишувам со денови и повторно некого или нешто би заборавила… Затоа, нема да пишувам со денови, ќе пишувам доволно за да ве потсетам да се завртите околу себе, да се присетите на своите прекрасни жени, мајки, другарки, роднини, да ги посетите, да ги повикате на кафе, да им купите бонбониера, да им направите колач или да ги изнесете на пиво и за инает на сите говори на омраза околу нас да ја прославите оваа пролет и фактот што се познавате и се разбирате…

На прво место, фала ти тебе, мајко, за најважната лекција, онаа за пожртвуваноста. И тоа за онаа, безграничната, затоа што на тој начин ми покажа каква не треба да бидам. Без оглед колку ќе им дадеш на децата, тие ќе сметаат дека требало повеќе, подобро, поинаку. Гледајќи се себеси како дете, го сфатив тоа. Иако си дала сè што си можела, јас ти замерував долго што не си дала уште повеќе… сè… сè до оној момент кога и самата станав мајка и сфатив дека и најблагодарните и добри деца секогаш во длабочината на душата макар малку се неблагодарни… ќе најдат некоја забелешка, ќе сметаат дека им требало уште нешто, уште внимание, уште облека, уште патувања, уште поддршка, уште љубов… сè. Тоа е важна лекција, најмила моја, затоа што ќе знам да постапам поинаку, во силната мајчинска љубов и пожртвуваност, нема да заборавам да се сакам себеси. Фала ти, за сè… затоа што за да ги сакаш безгранично другите, прво мораш да се сакаш себеси. И да се чуваш, нешто што ти никогаш не си умеела…

И тебе, слатка сестро, фала ти за лекцијата. Нешто што долго време не сум го сметала за доблест и погрешно сум го толкувала како твоја вообразеност и дистанција, се покажа како исклучителна доблест. Твојата лекција за достоинственоста е и тоа како важна… Додека се однесуваш како кралица, така и ќе те третираат. Зад грб можеби ќе ти завидуваат, ќе те мразат или нешто слично, но некаде длабоко во себе ќе го почитуваат твоето држење како кралица, твојата вообразеност и достоинството и така ќе се однесуваат кон тебе, полни со страхопочит. Впрочем, сите што ти се блиски знаат колку љубов има во тоа кралско срце и во твојата речиси сина крв. Фала ти и за тоа што секогаш подготвена си учествувала во моите лудории, дури и кога нималку не ти се допаѓале, но дури и тогаш кога сестрински посветено си ме следела… Фала ти што си прекрасна тетка на моите деца, затоа што тоа е уште една кралска особина…

Фала ѝ на уште една Јелена. Кумата. Онаа што ме научи да се смеам, затоа што издржа покрај мене, тогаш мала намуртенка на која животот ѝ беше пресериозен за да се смее. Но, ете, твојот ведар дух ме научи, иако си дури и помлада од мене, дека светот и сето она што ни го приредува може да се гледа и од духовитата страна и дека всушност е најздраво така да гледаме на него. И ден-денес знам дека секоја средба со тебе ќе биде исполнета со смеа, па макар со оние наши сатирични насмевки, ако ништо друго… Фала ти што со својот пример ме научи како се чуваат тајни, затоа што секогаш си знаела да слушаш, и еднакво добро да сочуваш сè што ти се кажува. Фала ти за сите младешки лудории што ги остваривме… и се надевам дека ќе ги има уште повеќе…

Фала ѝ на мојата баба Вукосава, на грубата неписмена старица поради која знам да давам љубов, и да им угодувам и да ги прегрнувам оние што ги сакам, затоа што знам каков беше нејзиниот живот, од колку нежност беше лишен, затоа што никогаш не го умеела тоа… Знаела само да работи од утро до вечер и со таа работа да даде уште една важна лекција – кога правиш вистински нешта, нема да имаш време за погрешни. Вукосава никогаш не знаела што се случува во селото, никому од уста не му зела. Никогаш. Фала ти, храбра моја, се надевам дека си во рајско семејство…

Фала ѝ и на мојата тетка Милена, онаа што знаела дека тетката е најважна институција во животот на детето после родителите и која за нас правела нешта кои нашите родители не стигнувале да ги направат. Нè носеше на базен и кога немаше пари за тоа, кога со ученичката книшка, со сендвичи и праски можевме за малку пари да ги исполниме деновите од распустот. Доаѓаше со нас да краде круши за време на летниот распуст, ни организираше маскенбали и нè шминкаше со диви цреши. Нè учеше да пливаме и да бидеме добри луѓе. Но, и една важна лекција… своите деца да ги научиме да работат. Сè да работат и во сè да гледаат убавина и љубов… и дека ситниците всушност се онаа златна прашина што ги позлатува и за’рѓаните денови…

Фала ѝ на баба Бојка, 93-годишна партизанка која ме научи дека можам сè. Дека жените можат сè. Да побегнат од заробеништво, да прележат тифус и од премрзнатите гради да им потече млеко по крвта… Дека силата на волјата е над сè. Фала ти, прекрасна моја, што покрај тебе научив, онаа зима, да си ги исплетам оние дотогаш комплицирани волнени чорапи…

И на една Снежана, фала ѝ за лекцијата според која клучна работа за среќа е да не те боли уво за туѓото мислење и дека луѓето секогаш ќе зборуваат, но ти не можеш со нивните приказни и мислења да си купиш ниту едно шише кисела вода, а камоли да си ги платиш сметките. Тешка лекција е таа и понекогаш сè уште морам да ја повторувам. Но, ме знаеш, стара сум да бидам бубалица.

Фала ѝ на стрина Милија, која со својот пример на вреден ’рчко ни покажала дека сè што ќе успееш да собереш налето, ќе го спакуваш во тегли, на таванот, во подрумот, во шишиња, во замрзнувачот, нема да остане неискористено… Зимата сè ќе изеде и ќе испие… Далеку е следната родна година.

Фала ѝ на мојата колешка Ала, која ме научи дека храната не е само оброк за цревата, туку и утешителка, знак за љубов и грижа. Покрај неа престанав да го презирам готвењето (иако откако станав мајка почнав да готвам речиси секој ден, и не го сакав тоа што го готвев). Таа знаела од бучкурушот што ќе го донесеа колегите, по некоја слава или прослава, онака машки измешано сè и сешто, да направи таков аранжман што ни самите доносители не верувале дека тоа е истата храна што ја донеле. Нејзината руска душа ја применувала уметноста секојдневно, а математиката ја носела во малото прсте… Спасиба, моја Аљона! Спасиба што и мене, дивата, со брз и остар јазик, ме научи дека со питоми и слатки зборови сè полесно се завршува…

Фала ѝ на мојата Јадранка, која со свој пример ме научи на она што цел век го учам, без да го положам испитот. Да не осудувам. Да, ме научи на најтешката лекција, несвесна дека воопшто ме учиш, а така знаењето најлесно се прима. И секогаш се присетувам на твојот мил глас кога велиш: „Ако немам што убаво да кажам за некого, нема да кажам ништо“. И навистина живееш, ненадмината во својата благост… Фала ти за сите наши заеднички ручеци, деловни задачи и за оваа за мене скапоцена лекција…

Фала ѝ на Јована, која конечно ми всади во главата дека чиста куќа е потрошен живот. Полесно се дише откако ја совладав оваа лекција, фала ти. И дека на децата им се потребни многу повеќе кал, прашина, трчање и акција отколку што можев да замислам. (А мислев дека моите деца го имаат тоа на претек.) Фала ти и за безброј лекции за родителството, безброј книги препорачани и подарени и мноштвото теми за пишување, кои мене не ми изгледале атрактивни за пишување, но твоето уво слушнало добра приказна за некои нешта од мојот живот, и не погрешило. Фала ти…

Фала ти и тебе, Ивана, за примерите на најпрекрасна љубезност, гостопримство и срдечност кои ја греат душата и даваат пример. Еднаш се раѓа такво суштество, сигурна сум во тоа.

Фала им на многу прекрасни жени што ги познавам и за кои би можела да пишувам бескрајно и повторно некоја да ја заборавам. Фала ви што во овие конфузни времиња останавте она што жените и треба да бидат, љубов, поддршка, инспирација, утеха, рамо за плачење, друштво за смеење… којзнае што уште.

А вие, драги мои, присетете се на своите добри вили и покажете им ги нивните супермоќи. Синџирот на љубовта нека се оптегне до бескрај, затоа што навистина заедно можеме да го освоиме светот, но не на начинот на кој светот научил да биде освојуван, туку овој пат сосема поинаку…
Која е твојата добра вила?

Автор: Јасмина Јовановиќ



912

X