Цветанка Петрова, инженер-технолог и нутриционист

Цветанка Петрова, инженер-технолог и нутриционист

Нутрико диет клуб
магистранд на Диететика
е-пошта: nutrikodietklub@gmail.com
веб: www.mojnutricionist.mk

Повеќе од авторот

Клетките во човековото тело имаат способност за адаптација на одредени услови и, секако, за меморирање на промените

Зошто е толку важно да се спречи дебелината кај децата? Зошто е важно да се создадат здрави навики уште од најрана возраст?
Затоа што човековото тело памети! Има меморија и е лесно приспособливо на веќе познати состојби, промени, навики…
„Многу лесно влегуваш во форма“, „Од мала си е така, крупничка“, „Не јаде овошје, од мал го навикнавме на чоколада“, „Од деца пијат само сок, вода не сакаат да видат“…
Многу често во секојдневието се среќаваме со овие фрази, а сигурно и секој може да посочи по еден ваков пример од неговата околина. Но, што е тоа што ги одредува овие карактеристики?
Клетките во човековото тело имаат способност за адаптација на одредени услови (напор, глад, прејадување, заболување) и, секако, за меморирање на промените (намалување/зголемување тежина, губење на масно/мускулно ткиво и сл.).
Ова најдобро го согледуваме анализирајќи одредени клетки, како што се мускулните влакна и адипоцитите (клетките на масното ткиво).

Мускулни влакна

Мускулните влакна или клетки се основна градбена единица на мускулите во нашето тело.
Се групираат во снопови, а повеќе такви обвиени со мембрана градат мускул. Специјализирани се за напор, така што создаваат повеќе клеточни јадра и повеќе митохондрии – клеточни органели одговорни за оксидација.
Вашите мускули ја паметат секоја ваша физичка активност.
Ова се должи на способноста на мускулните клетки да создаваат нови клеточни јадра.
Имено, кога спортувате, имате поголеми енергетски потреби, па за да ги задоволат, вашите мускулни клетки создаваат нови јадра – а со цел оксидација на хранливите материи и добивање енергија.
Овие клеточни јадра не се губат, дури и кога се престанува со редовно спортување.
Постоењето на овие јадра го олеснува враќањето на кондицијата, па така оној што некогаш редовно спортувал, многу побрзо и полесно се враќа во форма и кондиција отколку оној што никогаш немал редовна физичка активност.

Навиките за балансирана исхрана и секојдневно практикување физичка активност да ги воведуваме кај децата уште од најмала возраст за да ги насочиме кон здрав животен стил. Со тоа би им овозможиле што подолг и поквалитетен животен век

Спортувањето од најрана возраст овозможува подобар метаболизам на хранливите материи, поголема енергија, подобра мускулна градба, спречува дебелина и таложење на масти и овозможува полесно враќање на кондицијата во понатамошните спортски активности во текот на животот.

Адипоцити

Адипоцитите се масни клетки кои, групирани, го сочинуваат масното ткиво. Слично како и со мускулните клетки, и масните клетки имаат меморија и паметат кога една индивидуа имала вишок килограми затоа што биле складирани токму во облик на масно ткиво!
Кога една индивидуа е во позитивен енергетски биланс, односно внесува повеќе енергија отколку што троши, телото ја складира во облик на масти. Овие масти се депонираат во масните клетки – адипоцити, кои имаат способност да го зголемат својот волумен за да складираат што повеќе масти.

Дебелите деца (најчесто) прераснуваат во дебели луѓе

При губење на тежината, складираните масти се трошат, но волуменот на масните клетки останува во нивната меморија и потоа многу полесно се складираат масти во таквите клетки. Затоа оние што имале покачена телесна тежина во детството многу лесно ја покачуваат тежината и во другите периоди од животот, и најчесто го имаат истиот проблем со дебелината и како возрасни.

„Човекот е роб на навики. Нека бидат позитивни!“

Со здрави навики се регулира телесната тежина, без разлика на предиспозициите за дебелина што ги имате.
Навиките за балансирана исхрана и секојдневно практикување физичка активност да ги воведуваме кај децата уште од најмала возраст за да ги насочиме кон здрав животен стил, а со тоа би им овозможиле што подолг и поквалитетен животен век.



912

X