Во претходните текстови се обидов да им појаснам на родителите како да си го олеснат животот под ист покрив со тинејџер. Требаше да биде забавно и едноставно. Не мудрував бидејќи навистина не знам како е да се биде родител. Јас ги споделив информациите за тоа како ние гледаме на некои секојдневни моменти. Мислев дека возрасните се помалку или повеќе исти, но искрено, ме изненади колку се разликуваат родителите. Има голем број паметни родители. Со нив сè може да се договори. Се разбираат, сфаќаат. Со нив повеќе не треба да се троши оваа приказна, туку треба да се работи на нашата успешна иднина.
Проблем се оние „непаметните“, кои се заглавиле помеѓу своите родители и своето родителство. Тие сè уште се на текстови од буквар. Разбираат само прости реченици. Секој обид со нив да се навлезе во сериозен разговор и пред почетокот е осуден на пропаст. Не дај Боже да им се спротивставиме. Ќе ја покажат сета сила и моќ на својата позиција, не одбирајќи зборови и средства.
На своја кожа ја почувствував суровоста со која се подготвени да ги бранат своите лоши постапки. Кога би ви ги набројувала епитетите што ми се прикачени, тешко дека би ги собрало во еден текст. На почетокот ме болеше, но набрзо видов дека повеќето дури и не го прочитале текстот што го коментирале. Така е и во животот. Не ве сослушуваат и однапред имаат мислење. Не вреди. Нив ништо не може да ги промени. Дури ни животот.
Ни преостанува самите да се опаметиме. На паметните родители така да им се заблагодариме, а оние другите да ги заобиколиме. Ако јас можам со олкав број родители „да исправувам криви Дрини“, па можете и вие со вашите два.
Првиот чекор е да сфатите дека вашиот живот ќе биде онаков каков што вие ќе го направите. Што сте правеле, сте правеле. Кому сте терале инает, сте терале. Не трошете време и енергија на залудни битки. Родителите се обични луѓе. Потекнуваат од различни семејства, воспитувани се на многу начини, имаат различно образование. Секого животот го доучувал и казнувал. Прават грешки, некои и непоправливи. Желни се да изгледаат помлади и поуспешни отколку што се. Се заљубуваат и одљубуваат. Се расправаат меѓусебно, со други родители, соседи, роднини… Имаат недостиг на време и пари, а вишок килограми. Па сега видите колку им е тежок животот.
Немаат ниту грам нерви кога ние ќе стигнеме до пубертет, а тие до климакс.
Ако вашите судири со родителите станале нормална појава, преземете иницијатива. Ако не го направите тоа, подгответе се на доживотно комплициран однос. Тешко дека родителот, особено оној што е убеден дека е во право, ќе се обиде да најде заедничко решение. Покренете разговор, но сконцентрирајте се на неколку важни работи кои се најчеста причина за судир. Подгответе предлози кои би биле прифатливо решение. Кажете им дека не сакате да се расправате. Прашајте ги што ги загрижува. Подгответе се и по милионити пат да ја слушате истата приказна, но сега вие бидете различни. Држете вода во устата. Гледајте ги в очи, со разбирање. Првиот пат е најтешко. Не влегувајте во кавга со родителите. Ако успеете во тоа, сте се воспитале себеси за цел живот. Никој не може да предизвика таков налет на емоции како што може родителот кога не е во право или кога е груб. Играјте разум и памет. Покажете им како се прави тоа. Сослушајте ги советите на родителите. Сите најлоши и најопасни опции ќе ви ги потенцираат. Сè што некогаш некому се случило, ќе го ископаат од меморија. Ако видат дека внимателно ги слушате, ќе им биде полесно да сфатат дека растете. А и не морате баш сè да учите од своите грешки… па да станете приказна со која ќе ги плашат другите.

Не кажувајте им баш сè на родителите. Кога-тогаш некоја глупост што сте ја кажале ќе ви ја извадат низ нос. Немаат сите родители можност да се телепортираат во вашите години, па да сфатат дека нешто е минлива глупост. За повеќето, сè е крај на светот. Средете ги ситниците во својот живот. Сакајте се себеси, но на едноставен начин. Средете ја својата гардероба, козметика, исперете ги патиките… Кога родителот ќе види дека ги почитувате своите работи, полесно ќе одвојува пари да се подновите. Вие што имаат баш проблематични родители, психички болни со или без дијагноза, алкохоличари, коцкари, морате да пораснете малку побрзо. Најдоброто што можете да направите е да работите на себе. Не сте должни да разберете. Едноставно, постојат такви луѓе што никогаш не пораснуваат. Ако ви се погодил неодговорен родител, не воспитувајте го него, туку себеси.
Ако родителите ви се успешни, не дозволувајте тоа да ве залажува. Нивниот успех е за пофалба, но не морате да бидете ниту подобри ниту полоши. Искористете ги нивните квалитети, учете од нив, но размислувајте како да немате ништо. Сепак, потпрете се само на себе и уживајте во личните успеси. Многу родители не се снашле во ова хаотично време. Не завидувајте му на некој што има понов телефон или подобри патики. Не е баш сè така како што ви изгледа. Често таквите работи се маска за тага, самотија и солзи. Најдете убавина која ја поседува вашето семејство и бидете среќни и горди.
Вашата насмевка ќе биде многу попримамлива отколку патиките, кои ќе се извалкаат за два дена.
Дајте им на родителите време да се навикнат на новиот ти. Тие се по природа сомничави. Веројатно таквата промена ќе ја доживеат како нешто да не е во ред со вас. Можно е да се запрашаат дали сте во некоја секта или се дрогирате. Тешко е родителот да прифати дека нема проблеми со детето. Навика е тоа…
Реално, немате избор. Научете вашите родители да ви бидат доволно добри бидејќи други немате. Најдете објаснување и оправдување за сите нивни грешки. Бидете разумни. Не заради нив. Тие својот живот го изградиле како што мислеле дека треба. Направете го тоа за себе. Вашиот живот нема да чека родителите да ви дадат дозвола да живеете. Само напред… и само паметно…
Автор: Наталија Томиќ, 17 години (Автор на книгата „7 смртни вируси“)