Полесната дијагноза за причината за појава на покачена температура кај децата би можела да се открие со помош на нов, брз тест на крвта, развиен од меѓународен тим предводен од истражувачите од „Кралскиот колеџ“ во Лондон. Новиот тест на крвта има дијагностички пристап, способен истовремено да открие и да разликува 18 заразни или воспалителни болести, вклучувајќи стрептококи од групата Б (GBS), респираторен синцицијален вирус (RSV) и туберкулоза – со потенцијал да обезбеди резултати за кратко време, за разлика од тековните дијагностички тестови кои се на располагање.
Нов тест на крвта за полесно дијагностицирање на детските болести
Со користење на еден примерок од крв, тестот може да им овозможи на лекарите да ја дијагностицираат причината за температурата кај децата, врз основа на карактеристичниот модел на гени што телото ги „вклучува или исклучува“, како одговор на одредени болести. Додека тековните тестови може да траат со часови, денови или дури недели, тестот заснован на новиот пристап може да даде резултат за помалку од 60 минути. Истражувачите објаснуваат дека дијагностичкиот тест заснован на генската експресија на пациентот може драстично да ја подобри дијагнозата на детските болести, да ги намали одложените и пропуштените дијагнози и да има значително влијание врз здравствената заштита, особено во регионите во развој.
Педијатрите лекуваат врз основа на нивниот „впечаток“ за можните причини за болеста на детето
Прелиминарните наоди, објавени во списанието „Сел прес мед“, се базираат на истражувања спроведувани повеќе од една деценија за откривање и дијагностицирање болести врз основа на моделите на генска експресија.
-И покрај огромните чекори напред во медицинската технологија, кога детето се носи во болница со температура, нашиот првичен пристап е лекување врз основа на „впечатокот“ на лекарот за можните причини за заболување на детето. Како лекари, мораме да донесуваме брзи одлуки за лекувањето, често врз основа на симптомите на детето, информациите од родителите и нашата медицинска обука и искуство, но можеби нема да знаеме дали се работи за бактерија, вирус или нешто друго додека не поминат неколку часа или денови по приемот на детето, додека не пристигнат резултатите од тестовите – истакнал професор д-р Мајкл Левин, шеф на педијатрија на Одделот за заразни болести при „Кралскиот колеџ“ во Лондон, кој е и еден од водечките автори на студијата.
Често се даваат антибиотици со широк спектар додека не се исклучи бактериска инфекција
Ваквите одложувања, вели д-р Левин, можат да ги спречат пациентите веднаш да го добијат правилниот третман, така што постои јасна и итна потреба за подобрена дијагностика. Заразните и воспалителните болести, додава тој, се најчеста причина поради која децата бараат медицинска помош во болниците. Но, со општи симптоми како температура, може да биде тешко за клиничките тимови со сигурност да дијагностицираат бактериски инфекции, кои можат да бидат потенцијално опасни по животот на детето.
Д-р Левин потсетува дека на пациентите често им се даваат антибиотици со широк спектар додека не се исклучи бактериска инфекција. Но, овој пристап води до широко распространета прекумерна употреба на антибиотици, што на крајот придонесува за антимикробна отпорност и пораст на инфекции кои се отпорни на лекови.
Новиот тест на крвта открива клучен ген вклучен или исклучен како одговор на низа болести
Повеќето дијагностички тестови се фокусирани на откривање патогени – како што се тестови за латерален проток или брзи LЛФТ тестови за САРС-КоВ-2, ХИВ или грип, или хемокултура за да се потврди присуството на бактерии. Но, брзите тестови можат да дадат позитивен или негативен резултат само за една од можните причини за болеста, а за хемокултурите може да бидат потребни 72 часа или повеќе за да се добијат сигурни резултати.

Во најновата студија, научниците истражувале пристап фокусиран на откривање на моделот на генска експресија во крвта на пациентот, што се јавува како одговор на специфични инфекции и воспалителни состојби. Користејќи податоци од илјадници пациенти (како и повеќе од 1.000 деца со 18 заразни или воспалителни болести), тимот бил првиот што идентификувал кои клучни гени се вклучени или исклучени, како одговор на низа болести – обезбедувајќи молекуларен потпис на болеста.
Потоа била применета компјутерска програма за да се идентификува кои модели на генска експресија одговараат на одредени области на болеста и патогени, фокусирајќи се на панел од 161 ген за 18 состојби. Овој панел бил дополнително потврден во група од 411 педијатриски пациенти, примени во болница со сепса или тешки инфекции (што претставува 13 од 18 болести), каде што генската експресија била доловена со анализа на крвта и каде што дијагнозите биле поставени со користење на тековните златни стандардни клинички методи.