Не е ретка појава бебињата или помалите деца одеднаш на сè да реагираат со удирање на главата во ѕид или на под. Иако за родителите ова изгледа застрашувачки и често се прашуваат дали е нормално и зошто моето дете го прави ова, без паника, во повеќето случаи тоа не е ништо необично.
Ваквото однесување е доста вообичаено, особено кај двегодишниците. Таа фаза може да трае неколку месеци, а понекогаш и подолго.
Зошто децата ја имаат оваа потреба?
- Самостојно смирување: Ритмичкото удирање со главата всушност ги смирува децата, па често го прават тоа кога се вознемирени, фрустрирани, лути или уплашени.
- Барање внимание: Понекогаш детето на овој начин бара дополнително внимание од родителите.
- Пренасочување на физичката болка: Причина може да биде и некоја физичка болка (како растење на забите или болка во увото) која детето не знае да ја објасни, па со удирањето всушност ја пренасочува болката.
- Развојни нарушувања: Во некои ситуации удирањето со главата може да укажува на симптоми од спектарот на аутизам или друго развојно нарушување. Доколку се сомневате во вакво нешто, задолжително одете на лекар.
Што да направите и како да реагирате?
1. Обезбедете физичка активност
Ова често го прават деца со вишок енергија. Овозможете му на детето редовни физички активности и игра на отворено за да ја потроши енергијата.
2. Посветете му внимание пред да почне реакцијата
Доколку детето бара внимание, обидете се да му се посветите повеќе во текот на денот, но не во моментот кога веќе почнува да удира со главата, туку претходно, за воопшто да не дојде до тоа однесување.
3. Воведете ритмички игри
Заменете го удирањето со главата со позитивни ритмички активности: танцувајте, пејте, свирете или дајте му на детето да удира по играчки, односно тапани.
4. Проверете го ритамот на спиење
Некои деца се смируваат на овој начин кога се преморени или кога се обидуваат да заспијат. Проверете дали детето има утврдена рутина за спиење.
Заштитете ја главата, но останете смирени
Повеќето деца не удираат толку силно за да се повредат и самите ќе го намалат интензитетот кога ќе почувствуваат болка, но сепак внимавајте во близина да нема остри предмети. Се верува дека над 20 % од децата минуваат низ оваа фаза.
Кога да побарате стручна помош?
Ако детето покрај удирањето почне чудно да се однесува, се затвора во себе, избегнува контакт со очите и сè почесто се концентрира само на тоа ритмичко удирање, тогаш е време за разговор со педијатар или детски психолог.
Во сите други случаи, само од себе ќе престане.