На тебе, која ме носеше под твоето срце девет месеци. На тебе, која ме роди и самата ми даде име, да го немам името по никого и други да не ми го избираат – за да бидам своја.

Ти го држев здолништето до седмата година и плачев секогаш кога ќе заминеше на работа. Спиев покрај твојата ноќница до десет години. Мирисната, розова ноќница, со три копчиња на градите. До својата осумнаесетта година едвај неколку пати преспивав надвор од дома.

Замисли, никогаш не ти кажав дека ми беше темно и мрачно во полната куќа секогаш кога ќе се вратев дома порано од училиште, а ти не беше таму. И дека најубаво утро секогаш ми беше кога го слушав твојот глас низ сонот.

Отсекогаш сум велела дека личам на татко ми, но всушност сѐ повеќе сум како тебе. Малку загрижена, претпазлива и неодлучна. Брзо избувнувам, но уште побрзо се смирувам и заборавам на лошите страни на луѓето и давам шанси повторно и повторно. Замисли, никогаш не ти кажав колку сум среќна кога заличувам на тебе. На тебе, која си столбот и темелот и покривот. На тебе, без која куќата за миг ќе се урнеше и без која молчењата би продолжиле. Поради тебе, куќата мириса на печива, овошје, колач со цреши и шеќер во прав. Поради тебе, постелнината мириса како никаде на друго место – на сонце, на твоите раце и на мир. Ти исцеди илјада облоги и свари толку чаеви и којзнае колку ноќи седеше покрај моите нозе. Се разбуди илјада пати од твојот немирен сон за да видиш дали светлото е сè уште вклучено и се грижеше наутро дали сета облека е на број. Помина безброј недели во готвење, пакување, испраќање. Ни даде сè и ни го спаси домот.

Би сакала повеќе да се насмевнуваш и помалку да се грижиш и сето добро што си им го направила на другите да ти биде вратено преку мир.

Замисли, мамо, никогаш не ти кажав, но ти си зеницата на моето око и најубавиот мирис на моето детство. Мојата куќа целиот живот ќе биде таму каде што си ти.

Автор: Дајана Грубишиќ

Извор



912

X