„Но, таа прва ме удри!“
„Тој прв почна!“
Повеќето деца веднаш ќе го удрат својот брат или сестра при расправија. Око нема да им трепне, ниту ќе се чувствуваат лошо.
Потоа родителите ќе поминат многу време решавајќи кој прв почнал. Но размислете за ова: кавгата е чин на соработка. Не се работи за тоа кој прв удрил. Тоа значи дека наместо да се обидувате да дознаете кој што кажал или направил, двете вклучени деца мора да бидат отстранети од боиштето и одведени во соба со затворена врата, каде што ќе се гледаат едно со друго сè додека не го решат недоразбирањето.

Одлично е што ова може да се примени на сите возрасти – и на тригодишници и на петнаесетгодишници. Во ред, тригодишниците веројатно не можат да ги решат своите проблеми, но добро би им дошол краток одмор. Тоа што не се блиску до мајките и што знаат дека мајката не е среќна само по себе е доволно лошо. Дали знаете дека дури и едноминутната разделеност на тригодишникот може да му изгледа како цела вечност?

Морав да се насмеам (во себе) пред некој ден кога мојата ќерка Криси го испрати малиот Конор во собата, малку да се издува. Одмаршира како малечок војник и тивко седеше во својата соба. По таа вечност (цели три минути), Криси го повика: „Конор, дали си подготвен да се симнеш?“ Тој се јави со скршен глас: „Да, мама“.
Кога ќе се симне тоа дете, мора да биде подготвено повторно да му се придружи на семејството. Тоа значи дека треба да се однесува кон сестричката со почит, иако не се чувствува така…

Никогаш не дозволувајте му на детето да ве удри. Еднаш видов како едно шестгодишно девојче ја удира својата бремена мајка по стомакот, а таа рече: „О, ти си само налутена. Ти не мислиш така!“
Многу родители мислат дека децата – особено малите деца – не знаат што прават. За тоа би можеле да расправаме. Меѓутоа, вистина или не, не смеете да дозволите таквото однесување да продолжи. Ако вашата единаесетмесечна ќерка ве удри по лицето, цврсто спуштете ѝ ги рацете, опфаќајќи ги со вашите, така што да не може повторно да ве удри. Проследете ја вашата постапка со љубезни, но одлучни зборови. Нежно кажете ѝ: „Немој да ме удираш. Мама не сака да ја удираш“.

Подвлечете, што е можно порано, дека удирањето не е прифатливо. И најважно од сè, никогаш не возвраќајте. (Смисленото удирање за да се промени однесувањето на детето, за оние на кои тоа им е прифатливо, сосема се разликува од возвраќањето удар како непромислена реакција).
Ако посакувате совршено дете, купете си кукла. А децата не се кукли. Во родителството е најважен односот што го имате – изграден врз љубов, заемно почитување и соработка.

Автор: д-р Кевин Леман, извадок од книгата „Воспитано дете за 5 дена“



912

X