Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Моето дете има 16 месеци и сѐ уште лази. Бара да го држам за раче и да оди, се исправа по мебелот, но сѐ уште не се пушта сам. Загрижена сум и затоа што кажуваше „мама“, „баба“ и нешто на бебешки, но сега подолг период ништо не кажува. Инаку, читаме книги и сам ги врти страниците, игра со топка и со некои играчки што му се интересни. Јаде буквално сѐ, но никако не сака да ја фати со рака храната, кога ќе ја чепне, се потресува и ми го дава рачето да го избришам. Ве молам за совет, премногу сум загрижена.

ОДГОВОР: Не е невообичаено на некои деца да им треба малку подолго време за да почнат самостојно да одат или да стојат без да се држат за нешто. Вашето дете може да биде повнимателно отколку што изгледа. Продолжете да го поддржувате и охрабрувате да направи чекори додека ве држи за рака, со вас заедно, но не брзајте. Секое дете напредува со свое темпо. Додека сте заедно, вежбајте ја крупната моторика, како прескокнување, истегнување, скокање, туркање, дофаќање, качување, сето ова може да го прави заедно со вас додека го држите.

Развојот на говорот исто така варира кај децата. Некои деца многу рано стануваат брбливи, додека на други може да им треба повеќе време. Фактот дека кажувало некои зборови е позитивен знак. На оваа возраст децата би требало да се способни да следат едноставни упатства и барања. На пр: „Дај ми ја коцката…“, треба да може да ја земе и да ви ја подаде.

Продолжете да разговарате со него, кажувајте сѐ што правите, пејте, заедно читајте книги и поттикнувајте го да комуницира, да прашува, да покажува.

На децата им се потребни стимулации и искуства од околината кои ќе го водат нивниот когнитивен развој.

Вашето дете почнува да го осознава светот и предметите околу себе, па сензорните стимулации и игри се многу корисни во овој период, како игри со вода, песок, меки и груби материјали, коцки мраз (да фати и да пушти), гумени топки, дрвени предмети (коцки и сложувалки), фаќање и дување балончиња, сунѓери, предмети со различни текстури итн. Oвие игри се клучни за развојот на мозокот на детето.

Истото се однесува и за храната, исечете различно овошје, банана, јаболко, сѐ што јаде, и ставете ги пред него за да ги допира и само да јаде. Кога ја фаќа храната, дали можеби ви ја покажува, а вие мислите дека сака веднаш да се брише. Разбирам дека сте загрижени и веројатно и уплашени за развојот на вашето дете, но би било добро да не паничите и малку да се опуштите. Претворете ги грижите во игри и квалитетно време поминато со вашето дете.

Доколку изостанува напредок во скоро време, би било добро да посетите логопед.

Ако имате потреба од разговор и дополнителна помош за развојот на вашето дете, потребно е да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com.

Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување 
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X