Не расфрлај трошки на масата. Не чкртај по ѕидот. Внимавај да не ја скршиш вазната или куклата. Внимавај да не прскаш со водата надвор додека се бањаш… и така во недоглед.

Па најдобро е да седам на едно место и да растам додека доволно не пораснам за да знам како да водам сметка за сè, но… така кога ќе знам што ќе правам со што, веќе нема да ми биде важно, а можеби воопшто и нема да ме интересира.

Во нашето семејство и немаше многу „немој“ и „внимавај“ само затоа што мојата баба, инаку голем авторитет за мојата мајка, во една реченица објасни сè. Баба ми не зборуваше многу, ретко им се лутеше на мајка ми и вујко ми и затоа тие постојано велеа дека таа е поголем авторитет од дедо ми. Мајка ми често кажуваше дека кога ќе се налути баба ми и кога ќе ти рече „немој“, тоа значи дека навистина е важно и погледот на нејзиното лице те обврзуваше никако да не ја разочараш. Па баба го разликуваше важното од неважното, и во животот воопшто, а особено во воспитувањето деца.

Беше лето. Јас, многу мала, со коса со боја на сонцето, во бело фустанче, со мајка ми тргнав во посета на баба и дедо. За разлика од нас, баба и дедо живееја во куќа со голем двор и преубави жардиниери со цвеќе. Дедо беше многу снаодлив човек и умееше со своите раце да направи секакви предмети. Мене тогаш многу ми се допаѓаа жардиниерите направени од автомобилски гуми, исечени на таков начин да формираат цвет, а дедо дополнително ги боеше во жолта боја за да личат на сончоглед. Имаше неколку такви „сончогледи“ кои изгледаа преубаво на огромната зелена ливада, а дополнително ги разубавуваа разнобојните цвеќиња.

Штом го здогледав тоа шаренило на бои, како и секое дете, се затрчав натаму и почнав да ги корнам со рацете со сета сила, а потоа да ги мирисам и да ги набљудувам со восхит. Меѓутоа, кога мојата мајка го виде тоа, како и секој родител, како нешто што растело и се одгледувало со месеци се уништува во моментот, ме однесе во куќата и почна да ми објаснува дека тоа не е убаво однесување. Мојата баба сето тоа го слушаше, а потоа со мирен тон и многу кратко, со неверојатна мудрост и авторитет во гласот рече:
„Остави ја, па само така ќе ги засака цвеќињата“.

Така и беше. И ден-денес сакам цвеќиња и ја сакам природата и сето она со кое како мала се дружев, што можеби од невнимание го скршив, но сум го почувствувала, превртила, бакнувала, едноставно било дел од мојот живот, а не само предмет кој го набљудувам отстрана.

Тоа е нешто што мојата мајка го запомнила и многу често го споменувала, а последен пат го споменала кога во некои тинејџерски денови, воодушевена од нејзиниот нов парфем, играјќи и прскајќи се, сум го скршила и сум го истурила на нејзината гардероба. Во тој момент помислив дека ако моето дете направи нешто такво, не само што би го искарала, туку и би добило ќотек. Ѝ пријдов целата вознемирена на мајка ми и ѝ реков: „Мамо, јас направив нешто поради кое треба да ме истепаш. Го скршив твојот нов парфем и го истурив на твојата облека. Таа само ме погледна и ми рече: „Па тоа се само работи, ќе ги купиме, важно е ти што не си се повредила“.

Се насмеа и почна повторно да ја раскажува приказната за баба и цвеќињата. Бев толку среќна и никогаш повеќе немав страв дека мајка ми нема да разбере ако направам нешто лошо. Знаев дека ќе разбере. Секогаш разбирала. Баш така разбираше и многу подоцна еден голем проблем што го направи мојот брат, но грижејќи се за него и стравувајќи дали тој психички ќе се избори со тој проблем, рече: „Знае тој дека погрешил, не му требам јас дополнително да го потсетувам“. И тогаш рече дека истото еднаш ѝ го рекла баба. И којзнае што би било ако мајка ми не му била поддршка на мојот брат во неволја и ако баба ми не ѝ била вистински пример на мајка ми во воспитувањето деца.

Неодамна здогледав прекрасна фотографија на татко кој во тревата се тркала со синовите, а горе пишуваше:

„Еднаш јас, тато и брат ми игравме во тревата, но кога мајка ми излезе довикна: Не газете ја тревата. А мојот татко одговори: Ние не одгледуваме трева, туку синови“.

Автор: Славица Аџиќ

Извор

Подготвил: Маја Пероска



912

X