Срамот се јавува тивко. Од него не остануваат модринки или гребеници и не постои очигледен израз на лицето кога ќе се појави

Иако изгледа дека срамот не предизвикува никакви проблеми, не е така. Срамењето се јавува кај сите семејства, па и кај оние со многу љубов, грижа и внимание кон децата. Тој управува со однесувањето на децата така што ги наведува да се чувствуваат лошо затоа што нешто сакале, почувствувале или направиле, по што бегаат од своите потенцијали наместо да ги развиваат.

Проблеми што настануваат поради срамот

Не го поттикнува детето да реагира врз основа на своите внатрешни вредности и знаења.

Срамот ја убива способноста на детето да реагира врз основа на сопственото мислење и наместо тоа, кај него развива желба да остане настрана и да избегнува проблеми. Така детето назадува. Тоа можеби ќе го направи она што се смета дека е правилно, но нема да разбере зошто е така или нема да го направи тоа искрено, од срце. На овој начин се создаваат попустливи деца, кои ќе избегнуваат потенцијално непријатни ситуации. Со ова не се зајакнува карактерот на детето, ниту се создава став дека треба да реагира според внатрешните вредности и сопственото мислење. Кога децата ќе почувствуваат срам, фокусирајте се на тоа какви се, а не на тоа што направиле.

Не ги учи децата на емпатија.

Емпатијата е важен дел од здравите односи и емоционалната интелигенција. Таа бара детето да обуе „туѓи чевли“, да гледа околу себе и да забележи што доживуваат другите луѓе, но срамењето го враќа вниманието кон себеси и кон сопствените недостатоци. Истражувањата покажуваат дека посрамежливите деца се помалку сочувствителни.

Поттикнува општествено неприфатливо однесување.

Срамењето го поттикнува детето да се чувствува мало и немоќно. Недостигот на храброст е ужасно чувство и некои деца овој недостиг ќе го надоместат така што на друго место ќе ја испробаат својата моќ – ќе најдат некој што е поранлив и што ќе можат да го надвладеат.

Оневозможува успешно решавање на проблемите.

Срамот доведува до дисфункционалност при соочување со проблемите. Ги учиме децата дека е во ред да критикуваат, да судат и да делат правда кога некој ќе згреши. Кога на ова ќе го додадеме нашето викање, работата станува уште полоша. Изливите на гнев се исти кај возрасните и кај децата. Од нив бараме да внимаваат како се однесуваат, а ние не внимаваме на своето однесување.

Поттикнува криење и лажење.

Децата, како и сите ние, имаат инстинкт да се заштитат себеси. Доколку вистината макар и на момент би ги засрамила, тоа им е доволна причина да ја заобиколат по секоја цена. Ако сакаме да бидат искрени, мораме да им покажеме дека се безбедни кога ја кажуваат вистината.

На детето не му дава чувство дека ја има контролата над своето однесување.

За да можеме да го промениме однесувањето, мора да имаме власт над него. Дури тогаш има место за истражување на ефектите и за размислување на други начини на реагирање. Спротивно на ова, срамењето кај детето доведува до одрекување дека нешто може да се промени.

Што треба да се преземе?

По природа децата се такви што сакаат да им угодат на луѓето што ги сакаат. Тие тоа го сфаќаат погрешно – како и сите ние – но во нив постои само желба да ја направат вистинската работа. Природно ќе се развијат во сочувствителни, пристојни луѓе, но со ова ќе очекуваат и тие да бидат третирани на истиот начин, со иста количина љубезност и почит. Срамењето може да го скрши тој дух и може да ја сруши врската меѓу вас. Најлошата работа што може да се случи е да го изгубите влијанието како никогаш да не постоело.

1. Фокусирајте се на однесувањето, а не на личноста

Сите деца во одреден момент ќе направат нешто што вас, како родители, ќе ве разгневи и ќе ве налути. Доколку и вие се однесувате така, тоа однесување нема да запре. Наместо коментари какво е детето („не си добар“), разговарајте за тоа што направило („ме вознемири бидејќи го турна брат ти, разбирам дека си налутен, но кој начин на однесување би бил подобар?“). Дисциплината значи да го научите како треба да се однесува, со многу трпение, љубов и водење на детето низ животот.

2. Проширете ја детската емоционална интелигенција

Способноста да ги сфатите своите, но и туѓите емоции е показател на силна емоционална интелигенција. Срамењето не ни помага да го збогатиме својот емоционален вокабулар затоа што оневозможува да се води разговор. Дијалогот е многу вреден и дава можност за напредок, дури и кога работите не се совршени. Кога им поставувате одредени граници, објаснете им зошто го правите тоа и кое нивно однесување довело до ограничувањата („Сега сум вознемирена бидејќи ти ме лажеше и збунета сум бидејќи не знам зошто имаше потреба да го направиш тоа“. „Се лутам кога гледам како го туркаш својот брат. Знам дека ти можеш да го решиш тоа на многу подобар начин“), но не треба да зборувате за тоа во негативен контекст („Воопшто не си добар бидејќи ме лажеше“).

3. Бидете личност каква што сакате да стане вашето дете

Децата следат сè што правиме ние и она што го гледаат остава најсилен впечаток врз нив. Не постои подобар начин да влијаете врз нив отколку да бидете онакви какви што сакате да бидат вашите деца кога ќе пораснат и да реагирате на начин како што би сакале тие да реагираат во одредени ситуации. Покажете им доследност во она што го зборувате и во она што го правите.

4. Третирајте ги како веќе да се личности какви што посакувате да бидат

Секогаш кога имаме каков било вид интеракција со децата, ја креираме сликата што тие ја имаат за себе. Таа слика е многу моќна – или детето ќе се развива во согласност со неа или целосно ќе се повлече. Ние сакаме да придонесеме во создавањето на таа слика за децата да се гледаат себеси како целосни, креативни, способни, силни, преубави суштества. Исто така, сакаме да бидат емоционално одговорни. Ова е многу важно. Со тоа што им ја подигаме и им ја храниме свеста за личната моќ, а не ги учиме за влијанието на нивното однесување врз другите луѓе, ризикуваме да одгледаме мали нарциси кои секогаш ќе се грижат само за своите потреби, можеби и на штета на туѓите. Сликата за нив самите можеме да ја негуваме така што ќе ги третираме како веќе да се личности какви што посакуваме да бидат. „Знам дека си внимателен и дека никогаш намерно не би повредил некого. Ајде да позборуваме за тоа што се случи“.

5. Избегнувајте етикетирање

Етикетирањето може да се случи лесно и иако често се случува од љубов и најдобри намери, може да предизвика контраефект. Ако, на пример, некое дете е познато како „спортист“ или „шегаџија“, другите деца во семејството автоматски можат себеси да се гледаат како „неспортисти“ или „досадни“. Децата треба да бидат свесни и да ги спознаат своите силни и слаби страни, како дел од својата личност.

6. Не обрнувајте внимание на другите родители што ги фалат своите деца

Внимавајте на родителите што постојано ги фалат своите деца дека учат многу повеќе од другите и прават работи кои другите не знаат да ги прават. Секое дете има свои силни страни и ќе дојде време кога ќе ги покаже  – тоа самото ќе најде начин за тоа. Тоа може да се случи на сосема неочекуван начин, но може да се случи и по подолго време – и сето тоа е во ред. Во меѓувреме, дајте им слобода да истражуваат, не форсирајте ги да бидат она што не се. Охрабрувајте ги да испробуваат нови работи, охрабрувајте го нивниот труд и напор, и не наседнувајте на туѓи споредби.

7. Бидете со отворен ум околу работите што ги прават децата и сфаќајте ги како нормален, составен дел од растењето

Како што и ние во текот на развојот и учењето во родителството можеме да направиме огромни грешки, така и децата можат да згрешат. Децата се љубопитни и егоцентрични. Но тие се тука за да им го дадеме она што им треба за да го истражуваат светот. Тинејџерите можат да бидат непријателски настроени или рамнодушни кон нашето влијание и може да изгледа како намерно да нè оттурнуваат од себе. Ова им е потребно за да можат настрана од нас да го прошират својот свет, да експериментираат и да го пронајдат своето место во него.
Детското однесување со кое се бориме како родители често е нормален дел од нивниот развој и она што треба да го направат за да стигнат до следниот животен пресврт. Не треба да ги ограничуваме нивните истражувања и експериментирања бидејќи ако ги замолчуваме, лесно може да се засрамат затоа што „не се однесуваат во согласност со нивната возраст“.

8. Бидете присебни кога поминуваат низ интензивни и силни емоции

Силните емоции најчесто се резултат на кавги или на функционирањето на нивниот ум во посебни ситуации. Тоа е здрава, нормална реакција на лице кое е во процес на учење и приспособување на животот. За да се научат ваквите работи, потребно е време и важно е да им се остави доволно простор за да не се обесхрабруваат во тој процес. Плачењето, викањето и нападите на гнев се дел од нивното истражување на сопствените граници, како и испитување на нашите. Слушајте ги, чујте го она што сакаат да го знаете и дајте им до знаење дека сте ги разбрале.

9. Ранливоста и храброста – противотров за срамењето

Срамењето се појавува кога нешто однатре им вели дека не се доволно добри. Со тоа само се повлекуваат во себе. Противотров за ова е зборувањето дека се доволно добри, паметни, храбри, љубезни и силни. Потребно е тие зборови да ги чујат од вас. Прифатете ја нивната ранливост, не наговарајте ги да не бидат ранливи бидејќи тагата, вината, фрустрацијата се реални емоции и во ред е да се почувствуваат како такви.

10. Разберете ги нивните потреби

Срамењето ги намалува можностите да ги научиме потребите на нашите деца. Децата секогаш реагираат со причина. Обидете се да сфатите што им е потребно. Дали им обрнувате доволно внимание? Дали им е досадно? Дали се уморни? Дали се преоптоварени со обврски? Гладни се? Нервозни? Тажни? Налутени? Дали нешто друго ги измачува? Постојат толку многу причини што ги тераат да се однесуваат на несоодветен начин и ниедна од нив не се однесува на тоа дека тие се лоши личности. Не станува збор за пронаоѓање изговори, туку за искористување на секоја можност да ги разберете, да се поврзете со нив, да им покажете дека сте тука за нив, дека сте силна, сигурна, удобна потпора и најважно од сè, дека сте тука за да ги научите на најдобрите начини како да се изборат со нив.

 



912

X