Три семејства се сретнале еден викенд за да одат на прошетка и потоа да ги однесат децата во кино. По пат застанале кај игралиштето, децата дивееле по опремата, некои се лулале, некои лудувале на вртелешката, некои скокале на трамбулина. Време е да се оди во кино, но еден син не сака да се симне. Сè уште му се скока. Го чекаат. Не покажува намера дека ќе слезе. Неговите родители напорно се трудат да го убедат. Нема реакција. Времето минува. Сите веќе се малку нервозни. Филмот почнува за 15 минути, ако нешто не се случи веднаш, ништо од планот. Изгледа неговите родители полека се помируваат со својата судбина. Ќе излезе кога ќе реши. Другите две семејства не знаат што да прават, дали да одат и да ги остават пријателите или да се откажат. На крајот сепак тргнуваат, иако веќе гледаат дека доцнат. Нивните пријатели остануваат со нивниот син, навидум воопшто не се изнервирани поради промената на плановите. Сѐ е во ред, сѐ е супер. Немаат никаков проблем со тоа.

Меѓутоа, ако сѐ е толку прекрасно, зошто се нашле во непријатна ситуација? Ако петгодишниот син е тој што, всушност, ги носи одлуките во нивното семејство и ако тоа им одговара, тогаш зошто се обидуваат да направат нешто сами, на пример, да одат во кино? Очигледно функционирањето на ова семејство не оди добро. Родителите не се баш во вистинската позиција и последица е тоа што немаат контрола врз ситуацијата. Оние што треба да заработат за покрив над глава, сметки, храна, облека, организираат превоз до работа, градинка, лекар и сѐ друго – не знаат што ќе прават и каде ќе бидат за 15 минути, бидејќи тоа не зависи од нив. Дали тогаш можат да бидат задоволни од состојбата на нештата, колку и да се насмевнуваат и да се преправаат дека сѐ е во ред?

Се разбира, под таа површна рамнодушност тие не се задоволни. Тие веројатно чувствуваат дека родителството е многу стресна задача и би сакале да си ја олеснат, но бидејќи не можат да препознаат што точно е проблемот, не знаат што да прават. Тие мислат дека е навистина тешко да се има дете. Кога ќе се сретнат со други родители, тие тагуваат и продолжуваат да страдаат. Често пати страдаат и оние до нив, бидејќи последиците се прелеваат во нивните животи, како во случајот со пријателите што доцнеле на филмот.

Зошто не го гледаат нивниот проблем? Затоа што им е премногу болно да го видат, затоа што не знаат што да прават со него. Тие погрешно гледаат на нештата затоа што изгледа нерешливо. Бидејќи нивниот проблем не е како да го убедат своето дете да се симне од таа трамбулина, или како да го убедат да спие или да оди во градинка – тогаш тие веќе би можеле да преземат нешто, да го пробаат овој или оној пристап, бидејќи би имале некаква цел.

Нивниот проблем е подлабок. Толку се збунети од пораките што ги добиваат од сите страни, што не знаат која е нивната цел. Тие не се сигурни дали некогаш ќе им биде дозволено да интервенираат. Стравуваат дека секој пристап е своевидно уништување на личноста на детето, нарушување на неговиот интегритет, граници, покажување дека навистина не го гледаме своето дете, нанесување рани со непроценливи последици. Во една мини-анкета што ја спроведов на мојот „Инстаграм“, 40% од следбениците кажаа дека во ситуации од ваков тип најголемиот проблем е што не сте сигурни дали воопшто треба да преземете нешто. Како да знаете кога секоја ваша одлука, а родителот носи илјадници од нив секој ден, станува прашање на (уништен) живот и смрт.

Еве на што мислам. Ова е порака која сум ја сретнала неколку пати на социјалните мрежи:

„Можеби однесувањето на детето понекогаш ќе го уништи доживувањето на сите присутни, но воздржувањето од такво однесување може да му го уништи животот“.

Во овие две децении колку што се занимавам со пишување и медиуми, научив една вистина – секој ги разбира вашите зборови на свој начин. Сите имаме свои предрасуди, начинот на кој ни се создаваат асоцијации, размислуваме на одредено ниво на знаење, искуство. Ги дешифрираме сите пораки што стигнуваат до нас по наш клуч. И колку пораките се понејасни, толку повеќе се проектираме себеси и нашите стравови во нив.

Млад, неискусен и несигурен родител многу лесно ќе извлече заклучок од сето она што е кажано – дека ќе го уништиме детето „засекогаш“ доколку му браниме какво било однесување. Штетноста на бруталното уништување на волјата на детето со авторитарни методи ќе биде еднаква на штетноста на секое наметнување на волјата на родителите. Дали интервенцијата на родителите на игралиштето на почетокот на приказната може да биде толку судбоносна? Можеби, ако беше грубо, насилно, понижувачко, ако се повторуваше секојпат. Сепак, дали родителите би можеле да ја решат ситуацијата на некој нетрауматизирачки начин и да стигнат до кино, или каков и да бил планот? Најверојатно.

Затоа мислам дека е многу важно ваквите силни пораки што будат родителски стравови да бидат проследени со објаснување за кои ситуации точно се однесуваат, а за кои не. Ако нема такво појаснување, ако не сте сигурни како да разберете што се зборува, игнорирајте ја пораката. Таа пристигнала на погрешна адреса. Побарајте совет од некој што помалку ве збунува или заплашува. Ние избираме кому ќе веруваме и кој од понудените совети ќе го прифатиме, а како ќе избереме, зависи од тоа што ќе се случи со нас и нашите деца.

Несигурниот родител практично го повикува детето да ја преземе контролата. Детето не го прави тоа затоа што е злобно, безобразно и дрско, туку затоа што гледа дека немате поим што правите. Вашата несигурност и збунетост му покажуваат дека треба да носи одлуки, а пркосот и деструктивното однесување се знак дека не му е удобно со таквата семејна динамика.

Доброто е што не мора да замижувате пред овој проблем бидејќи не е несовладлив. Нема да го уништите животот на вашето дете ако повремено го фрустрирате, сѐ додека вашата врска е генерално блиска и топла. Ако сме посветени поголемиот дел од времето, ако сме подготвени да ги преиспитаме нашите одлуки и сме подготвени да се промениме, на добар пат сме кога му наметнуваме ограничувања на детето. Детето е личност која бара почит и ценење, но сè уште нема капацитет да преземе одговорност за голем дел од грижата за себе и сè уште не е компетентно да се грижи за потребите на другите, на пример, вашите пријатели.

Ако одлучите да не правите ништо дали е тоа најсреќно? Одговорноста е ваша, без разлика дали сте ја презеле или не, бидејќи последиците ги сноси вашето дете, а и вие. Вашето задоволство или незадоволство од родителството и животот е директен показател дали имате проблем. А вашата подготвеност да го видите и признаете тоа е предуслов за негово решавање, бидејќи тоа што не го гледате, не можете ни да го промените.

Автор: Јована Папан

Извор



912

X