Ве молам, не тепајте ги децата!

Сцена која со свои очи ја гледав ме остави без текст.

Зборувам на телефон, а пред мене на маса во ресторан две жени и бебе од можеби 9-10 месеци. Тие две зборуваат, бебето го зема телефонот од масата и го фрла.

Мајката збеснува, му удира шлаканица(?!) и заминуваат од ресторанот. Додека заминуваат, таа му го гледа образот, на кој, се колнам, му се гледаат нејзините прсти. Немам право да се мешам. Иако првиот инстинкт ми беше да го заштитам тоа дете. Сè што можев е да ѝ кажам на госпоѓата нешто – но што од тоа би излегло, освен расправија која не би водела никаде.

Немам право да мислам дали некој е подобар или полош родител. Имам и јас посветли и потемни моменти. Секој има.

Не ми е секој ден едноставно да одговорам на 47.893 прашања кои започнуваат со „мама“, ниту ми е едноставно да ја повторувам по 13 пати истата работа секој ден (тамам кога ќе се откажам, тогаш е усвоена).
И сум била сигурно, во овие 3,5 години, барем 20 пати на работ на кренам рака на нејзината мала задница. Знаете како се чувствував тие 20 пати? НЕМОЌНО.

Не беше таа толку виновна (ако тие толку мали и можат да бидат виновни за нешто), ниту ситуацијата беше толку страшна. Мене ме изморија деновите, проблемите, заморот. Таа беше само шлагот на тортата.
Но, немојте, ве молам, да ги тепате децата.

За бебињата да не зборувам. Не знае бебето дека тој телефон чини многу и дека не е за фрлање. Детето не знае зошто го тепате. Само го боли. Не се родил тој што со ќотек решил нешто или, пак, ќотекот е излезен од рајот. Нема ни вие магично, подобро да се чувствувате откако ќе го удрите, а ни детето нема да стане онакво какво што вие сакате.

Кога го тепате – вие сте немоќни, а детето? Можеби во првиот момент е исплашено, но со време, ако таа неспортска активност преминува во навика – стравот ќе прерасне во инает.

Нас татко ни не нè тепаше. Добив ќотек вкупно двапати кога животот ми беше загрозен. Еднаш за малку ќе паднев од балкон во куп стакло, иако претходно ме опомена 24 пати да не се качувам. Уште се сеќавам на тоа чувство и изгубеноста на татко ми кога сфати дека ме удри. Имам 32 години и уште се сеќавам како се чувствував.

Немојте, ве молам, да ги тепате децата. Осоебно не бебињата.

Излезете на балкон, сокријте се во веце, удрете во врата, измијте се. Не знам што да направите, но немојте со насилство да ги учите во животот.

Можат ли тие да ви вратат? Не.

Можат ли да разберат? Не.

И не, немојте да кажете дека децата денес се невозможни и дека сè сте пробале. Не се децата невозможни, туку ние немаме трпение. Вниманието ни е разнишано. Работиме како коњи, а заработуваме како пилиња. Времето за нас стана легенда која се прераскажува. Децата бараат внимание, а ние го имаме во грамови. Децата ги тестираат границите, а ние немаме повеќе граници на нервозата.

Децата учат гледајќи од нас.

Дали навистина сакаме да ги научиме дека со удирање се решаваат проблеми?

Немојте, ве молам, да ги тепате децата.

Тоа не е воспитување, тоа е вашата немоќ, а нивна траума.

Автор: Бранкица Раковиќ



912

X