Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Имам 27 години и сум самохрана мајка. Имав долга врска со момчето. Кога дознавме дека сум бремена, во истиот момент се откажа од нашата љубов и плодот од неа (наводно не бил спремен да биде татко на 30 години). Бев силна и одлучна да ја родам таа малечка, која ја очекував 2,5 години. Во периодот на бременоста ниту еднаш не изрази желба да дојде со мене на гинеколошки преглед. Дури и кога го прашав дали сака да дојде или да го информирам, тој ми одговори со „не доаѓам и не сакам да знам“.

Целата бременост ја поминав сама… Се молев секоја вечер да ја родам жива и здрава, без никакви последици од моите секојдневни чекања и плачење на прозорец да се врати. На крај дојде денот да ја родам и нешто однатре ми велеше да не го пријавам дека е татко. Стравував од последиците да не влијае врз нејзиниот раст и развој.
Како што поминува време, ниту еднаш нема изразено желба да ја види. Само ја има видено на слика и на тоа искоментирал: „Знам дека личи на мене, ама тоа е“. Малата има 20 месеци. Како поминува времето, некогаш кажува тато. И сега се плашам како ќе влијае. Кога би било соодветно време да ѝ ја кажам вистината, дека нејзиниот татко не нè прифати во неговиот живот.

Прашува: читателка

ОДГОВОР: Да се биде самохран родител е навистина чин на храброст и огромна љубов. Вие сте одлучиле и да го растете тоа прекрасно девојче покрај сите препреки. И според она што го пишувате, сметате дека сте направиле вистинска одлука. За жал, понекогаш одлуките, особено одлуките на родителството, колку и да се посакувани, знаат да креираат вистински препреки.
Едно од вашите прашања е навистина реално согласно со ситуацијата во која се наоѓате.

Вашето девојче има 2,5 години и сè уште е мало за што и да му кажете, да го разбере онака како што е потребно. Дознавањето на вистината треба да се направи со најмал можен дискомфор, доколку е возможно, но сепак одредена возраст бара одреден начин на раскажување на вистината. Таа од самото раѓање на познава друг родител освен вас, и тоа за неа сега во овој момент е единствената вистина.

Децата стануваат свесни дека се поразлични кога почнуваат да излегуваат од сопствената егоистична позиција и кога почнуваат да разбираат што чувствуваат и мислат другите, што значи накај 4-5 години, посебно нагласено во првите години на социјализација во училиште, кога и самите веќе почнуваат поинтензивно да се споредуваат. Ова ви го напоменувам затоа што тогаш и вашето девојче ќе бара повеќе одговори за сопствената различност, за различноста на семејството и прашањето на постоење на таткото ќе почне да станува релевантно.

Радмила Живановиќ, лиценциран психолог-психотерапевт

Како децата ја дознаваат вистината? Искрено сметам дека треба да биде соопштена на специфичен и карактеристичен начин за возраста, на почеток преку соодветна приказна, преку игра, преку израз на нивната единственост. Многу е значајно во таа приказна да не постои никаква основа за креирање нејзина вина, туку дека ова што нејзе ѝ се случува е нешто единствено, посебно. Исто така, во приказната би вметнала и некој лик со кој таа сака да се дружи во периодот, некој силен симбол на нејзината љубов. Можете да го вметнете и тој лик/таа кукла во приказната и со неа и преку неа да ја изразите целата љубов што ја имате за тоа мало девојче, кое е единствено.

Прашањето е како ќе ја споделувате информацијата за таткото. Е тука е многу важно како вие сакате да го прикажете таткото. Ако немаат никаков контакт и ако така остане понатаму, дали сакате да го прикажете како фигура и како сакате да ѝ го претставите. Може вашата приказна да биде само за вас двете, како градите најсилен сојуз и си ја давате најголемата љубов на светот, и тоа е доволно, така што моделот на таткото, сè додека не дојде во свесна потребност предизвикана од социјалниот притисок, воопшто да не го воведувате. Тогаш вашата приказна треба да биде за вас две, како сте одлучиле да правите семејство, и како вашето семејство и вашата љубов изгледа, и кој сè е дел од вашето семејство и зошто е дел од вашето семејство.

Можете да направите една шумска приказна, во која зајакот решил да биде дел од вашето семејство затоа што таа, вашата ќерка, го гушкала многу, па зајко секогаш знае дека не е сам. Па дошла лисицата, и таа сакала да биде дел од вашето семејство, поради тоа што вашата ќерка ѝ давала вода секогаш кога била жедна…

Измислете семејна приказна и раскажувајте ја како да е приказната на вашето семејство. Напишете ја, читајте ѝ ја, измислете ги сите ликови што ја прават приказната побогата и полна со љубов. Таа приказна ќе биде основата кога ќе почнете да ѝ одговарате на нејзините прашања поврзани со татко ѝ.

Со љубов и поддршка гледам на вашето мало семејство и ве поддржувам и вие да гледате во она што го имате и развивате многу повеќе отколку во она што недостига.

Одговара: Радмила Живановиќ, лиценциран психолог-психотерапевт во „Психотерапика“
е-пошта: psihoterapika@gmail.com / radmila.zivanovic@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Фото: Борче Поповски



912

X