Воспитување

Не знам како денешните мајки ги воспитуваат децата! Штом детето заплаче, мајката скока!

Сезоната на слави секогаш носи ист репертоар на теми: политика, образование, родителство… ред кифлички, ред руска салата, па сè завршува или со расправија или со песна – но никогаш без жешка расправа.

Оваа година, на слава кај комшиите дебатата започна кога едно дете заплака.

– Денешните мајки не знаат да воспитуваат деца! Овие ништо не слушаат! – прокоментира некој.

– Слушаат, слушаат… – одговори мајката, но без никаков знак дека се чувствува повикана. Додека зборуваше, целосно беше насочена кон своето дете, кое имаше околу четири години. Го зеде в раце, го утеши и излезе со него во ходникот, не дозволувајќи никој да ѝ ја наметне својата „мудрост“ за воспитувањето.

Но „советникот“ не запре тука.

– Штом детето заплаче, веднаш мајката скока! Каде го има тоа!? Мајка ми ако ми приоѓаше секојпат кога ќе заплачев, кога ќе завршеше нешто по дома? Денешниве родители само нешто читаат, анализираат, се жалат… Што ни фалеше нам?! – продолжи личноста.

„Што ни фалеше?“ – Омиленото реторичко прашање!

Пред да имам деца, ваквите расправи ги набљудував отстрана, како некој што не сака да учествува во бескрајниот натпревар „родителите некогаш – родителите денес“. Но кога станав мајка, сфатив – нема бегање. Сите имаат став за тоа како треба да ги воспитуваме децата.

– Ќе го разгалиш детето! Што го тешиш веднаш? Што го држиш в раце? Па ние растевме без да заплачеме! Што ни фали нам?

– Да, што ви фали? А што доби од тоа строго воспитување?

И така, може во бесконечност…

Време е да преземеме одговорност

Не е фер ниту да ги обвинуваме нашите родители за сè. Сега одеднаш испаѓа дека тие ништо не направиле како што треба. „Не сме биле заштитени од татко ни – па сега трпиме од мажот и шефот“, „Мајката била „емоционално недостапна“ и затоа сега не знаеме да поставиме граници“. И, што сега? Да ги обвинуваме мама и тато за сè? Не е тоа решението.

Како и да е, секој родител постапува онака како што мисли дека е најдобро за неговото дете. Важно е да преземеме одговорност за себеси, особено кога и самите сме родители – а не да останеме возрасни луѓе кои само се жалат или, пак, да станеме истите оние строги родители кои некогаш нè воспитувале со „мрш во соба!“

Кога мајката се врати во собата со детето, и двајцата беа насмеани. Помислив дека конечно полемиката ќе заврши, но комшијата повторно мораше да ја пецне:

– И, како го смири? Му вети уште малку телефон? Му даде чоколадо?

А младата жена само се насмевна и одговори:

– Како што нашите родители некогаш правеа најдобро што знаеја, така и ние денес – секој родител го прави она што мисли дека е најдобро за своето дете.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top