Самодовербата е верба во сопствениот потенцијал. Таа се стекнува.
Дали може да веруваме во себе ако не работиме на развој на вештини, способности, на севкупната личност? Недвосмислениот одговор е – НЕ! Реалните основи се клуч број еден за стекнување подобра слика за себе. Што конкретно можеме и на кој начин практично можеме да им помогнеме на децата?

* Прво и основно – со работа на себе, сѐ додека сопствената кожа не ни стане удобна. Ние сме моделот и примерот.
* Детето, за да ја зачува самодовербата надвор од семејството, би требало да се навикне на КОНСТРУКТИВНИ КРИТИКИ.

Важно, можеби и најважно за самодовербата е ЈАСНО одвојување на критиката од емоциите. Значи, пораката би требало да оди во насока: „Ова не го направи добро бидејќи не вложи доволно труд. Јас сè уште исто те сакам, единствената разлика е што во иднина ќе мора повеќе да се трудиш“. Се разбира, ова е предлог за родителски став, а спонтаноста во однос на детето би требало да се сочува, па ставот треба да се изнесува со свои зборови и на автентичен начин.

* Потоа, РЕАЛНИ ПОФАЛБИ. Единствено реални. Помогнете им на децата да стекнат вештини што се интересни на нивна возраст:

– девојчињата би требало да совладаат да прават ѕвезда, мост и шпага. Колку порано – толку подобро. Во нашиот свет тоа е маргинално, но во светот на девојчињата има централно место. Поттикнете ги да вежбаат. Буквите се помалку важни на почетокот.

– момчињата би требало да научат да водат топка со рака и нога и правилно да трчаат. Кај некои момчиња тоа е како пат на Месечината, но вреди за трудот што ќе го вложат. Возрасен човек апсолутно го разбира своето право да не сака фудбал/кошарка, но децата – не. Повеќето татковци, вујковци и чичковци можат на децата да им ги пренесат основите на овие спортови.

– задолжително помогнете им на децата на научат убаво да цртаат. Тоа е важна вештина на „статусната“ линија на децата. Покажете им како да цртаат прсти, трепки, бисери, накит, завеси… Вашата помош децата ќе ја дочекаат со насмевка и ќе ги однесат своите дела во своите детски кругови. И ќе освојуваат комплименти, заслужено…

– не воодушевувајте се за просечно однесување бидејќи децата ќе ја очекуваат истата реакција и од врсниците, а ќе добијат: „Па тоа сите го знаеме“. Тоа нема да биде пријатно.

– врзувањето врвки е многу важна вештина „во општеството“. Колку порано, толку подобро.

– закопчување на јакната, превртување на маицата… Самостојното извршување на овие и други слични активности значително придонесува за самодовербата.

Децата не мора секогаш сами да го прават тоа дома, иако тоа би било најдобро (само што денот најчесто е многу краток). Но важно е да ги совладаат тие вештини и да бидат подготвени кога со врсниците ќе се најдат на „мегдан“, а тоа е редовна појава кај децата.
– убавото воспитување го наоѓа својот пат, па никогаш не откажувајте се од него. Особено културниот и здравиот однос со авторитетите.

* Научете го детето да победува без надменост и да губи без понизност. Не попуштајте му секогаш во игрите. Не тешете го и не сожалувајте го премногу кога ќе го победат другарите.

„Изгуби, па што, тоа е нормално и им се случува на сите во светот“ и преминете на друга тема. Кога детето е смирено, поразговарајте со него на оваа тема.

* Играјте си со кукли, на пример, како некоја не го поднесува поразот, а со таквото однесување ништо не постигнува. Детето така подобро ќе ја согледа бесмисленоста на поплаките по поразот. И, се разбира, ќе сфати дека тапото чувство на поразот се избегнува со вежбање и со вредна работа.

* Истата маица некому не му е убава, а некому му е преубава – тоа практично можете да им го покажете. А со позрелите деца, не заборавајте да разговарате дека на „светот ништо не може да му се угоди“.

* Не дозволувајте во кругот на семејството детето да биде центар на внимание, туку негувајте демократија во која секој има еднакви права. Доколку детето навикне да им ги прекинува активностите на родителите и да го добива целото внимание кога ќе посака, потешко ќе го прифати колективот бидејќи ќе очекува повеќе внимание отколку што е реално.

* Пумпањето на егото со празни зборови и величање е кула од карти, контрадикторно на хармонијата со себе. Така што – фрлете се на работа и вредно освежете ги своите потенцијални, а потоа повикајте ги децата да го следат вашиот пример.

* Раскажувајте им за вашите искуства, со посебен акцент на моментите кога не сте биле прифатени од сите, но дека сте научиле како тоа да не влијае врз вашата среќа.

* „Не е важно што е кажано, туку кој го кажал тоа“, повторувајте го безброј пати за детето да се научи дека не треба да се идентификува со туѓите мислења.
* Научете го детето дека проблемите некогаш се неизбежни, а тагата е емоција што поминува.

Овој список нема крај

Автор: Снежана Голиќ, педагог



912

X