Откако се роди мојот син Џек, еден пријател ми испрати порака: „Честитки! Ќе се видиме кога ќе наполни 6“. Се насмеав, не знаејќи дали се шегува. Не се шегувал. Џек сега има 5 и пол години, а мојот пријател не беше сосема во право – го имав видено можеби 3 или 4 пати од тој судбоносен, извонреден, стресен ден кој ми го промени животот.

Тој пријател не беше единствениот што се откажа. Откако станав татко, мојот социјален живот атрофира практично преку ноќ. Да имаш дете, значи инстантна трансформација на речиси секој твој однос со секого во животот, вклучувајќи ги и пријателите кои некогаш си ги сметал за најважни луѓе во твојот живот. Некои пријатели ќе се оддалечат, некои ќе ги игнорираш, а некои ќе те игнорираат тебе затоа што си станал родител. Твојот социјален круг ќе биде променет бидeјќи постојано ќе те мачат исти прашања: Кој ќе донесе домашни оброци? Кој ќе го чува бебето додека се тушираш? Кој има познавања во однос на грчевите во стомакот на бебето? Како што ќе исчезне сонот и сексот од твојот живот, исто така и социјалниот круг ќе се намали, или целосно ќе се промени.

Она што не го очекував е колку дезориентирана ќе биде таа трансформација. Минатото лето мојата сопруга Лиз беше замината на викенд. Џек помина една ноќ кај неговите баба и дедо, па јас имав слободна ноќ за себе, по којзнае колку време. Мислев да излезам и да гледам филм, но не сакав да одам сам и помислив дека некој ќе ми се придружи. Половина од луѓето со кои контактирав сега имаа деца и не можеа да излезат толку брзо. Многу други беа личности што несвесно сум ги занемарил. Одеднаш почувствував осаменост. И комплициран бран на емоции како вина, тага, малку и страв. Некогаш бев горд на пријателствата што ги имав бидејќи ме правеа личноста којашто сум. Но, сега како родител сè помалку сум таа личност. Кога Џек се роди, беше очигледно дека ни требаат пријателите за да ни помогнат, и тоа и го сторија. Но, сфатив дека ми е потребно повеќе од пријателството, дека тие односи ми даваа идентитет и цел надвор од мојата улога како родител. Се исплашив дека ако не ги заживеам старите пријателства или не создадам нови, ќе завршам како несреќен човек.

Не се јавив никому таа вечер. Останав дома и гледав ТВ. Знаев дека моите односи со некои пријатели се променија, но кога и како ќе успеам да си ги вратам пријателите?

Осаменост

Одлично е што имате нов член на семејството, но ако сте во своите 30-ти години, сигурно многу од пријателите што сте ги имале претходно сега не се присутни. Пријателствата од доцните 20-ти години почнуваат да избледуваат, според Емили Ланган, професор по комуникација на колеџот „Витон“ во Илиноис. Обвинете ја зголемената мобилност или социјалните медиуми, но едноставно се случува подоцна во животот да имате поголеми барања и обврски. Едноставно правиме различни избори за тоа како го трошиме нашето време, додава Ланган.

Таа сугерира дека нашата западна култура трпи влијание од загубата на пријателствата и иако ова е дискутабилно, сепак, факт е дека нашата анксиозност околу идејата за осаменост се зголемува. Се проценува дека повеќе од 9 милиони возрасни лица во Велика Британија често или секогаш се чувствуваат осамени, а низа студии покажале дека осаменоста може лошо да влијае врз нашето здравје.

Осаменоста, исто така, влијае речиси врз секој во одреден период од животот, но доаѓа во различни форми и концентрации. Откако стануваш родител, твоите пријатели одненадеж запаѓаат во 3 категории: оние што немаат деца, оние што имаат деца и оние со кои сте пријатели заради вашето дете. Пред да станам татко не ја забележував оваа поделба, но по Џек ја открив поделбата. Сакав да се дружам со моите пријатели без деца, но имав помалку време за нив. Не можев да останам подоцна, се жалев за цената на дадилките. Истовремено, некои од тие пријатели имаа помалку време за мене. Една пријателка без деца, психотерапевт во средните 40-ти години, ми рече дека нејзиниот социјален круг сега се состои од помлади лица со кои интензивно се дружи бидејќи пријателите на нејзина возраст се зафатени со своите деца и семејства. Друга пријателка, која има 41 година и исто така нема деца, оди во спротивна насока: многу од нејзините пријатели се луѓе без семејства во нивните 50-ти и 60-ти години.

Дури и пред Џек ги гледав овие пријатели на секои два месеца, а тие средби обично беа спонтани. Сега е тешко да се каже што ми недостига повеќе: тие специфични пријателства или леснотијата со која тие отскокнуваа, или животот кој некогаш го имав и ми дозволуваше такви пријатни односи без притисок. Сега моите пријателства сè повеќе зависат од моето дете. Ако моите претходни пријателства се развиваа како кај повеќето луѓе – постепено, надвор од заеднички интереси, искуства или заедница – тогаш овие новите започнаа заради споделување на една специфична работа: деца. Со текот на времето дури иако некои од овие пријателства се развија и станаа повеќе „вистински“, сепак се незадоволителни. Можеби е подобро да се размислува за пријателствата на различен начин, како што вели Ланган. „Убавата работа во врска со пријателствата е што не се ограничени на одреден вид врска“, вели таа.

Почнување на процесот за повторно градење пријателства

Сакам да сум татко и сакам да бидам идентификуван како татко. Но, жалам и за оние делови од мојот живот кои се потиснати поради потребите и желбите на Џек. Порано играв фудбал, на пример, а сега го носам Џек на фудбал. Мојот најстар пријател е најсаканиот чичко на Џек. Се гледаат барем еднаш неделно, но првпат во неколкуте години од животот на мојот син изненадувачки фрустрира тоа што Џек му го привлекува целото внимание на мојот пријател. Обидите за разговор на друга тема се речиси невозможни. Всушност, ми недостига таа близина со мојот другар што ја развивме во текот на 30 години.

Како што Ланган ме потсети, без разлика дали сте родител или роднина или дете, да се биде пријател е волонтерска работа. Тоа е нешто кое го оставаш настрана кога се случуваат големи работи во животот – како станување родител. Но, важна е одржливоста. Затоа почнав да ги оживувам заборавените односи. Резултатите се измешани, но повеќе ја вреднувам вистината дека времето што го имаме е ограничено. Побрзо отколку што сакам, Џек ќе биде доволно возрасен и колку и да остане фасцинантен за мене (јас веројатно нема да бидам доживуван така од негова страна), ќе бидам среќен ако не ми сврти глава на улица. Дури и сега неговата омилена навреда е: „Не си ми веќе пријател“. Ја користи во последните неколку недели. Ќе ми недостигаат тие рани години исто како што ми недостигаат моите стари пријатели. Но, можеби моите нови пријатели, дотогаш, ќе ми бидат стари пријатели.

Автор: Џејсон Мекбрајд

Извор



912

X