Во еден момент во нашата родителска авантура почнуваме да сфаќаме дека ако сакаме работите да бидат направени, мораме да ги „притиснеме“ нашите деца. Сакам да им дозволам да ги превртуваат камчињата пред нашиот влез за да најдат бубачки, но обично треба некаде да стигнеме, а главно доцниме. Под тој стрес најпрвин страда мојата другарска страна и станувам строг татко каков што не сакам да бидам. Секогаш кога ќе ги разочарам своите деца со тоа што не им дозволувам некоја ситна, но за нив важна работа, се чувствувам лошо, но знам дека мора да биде така. Како што со текот на времето сè повеќе се приспособувам на управувањето со своето потомство, така сè повеќе сфаќам дека да се биде возрасен, а особено да се биде родител, подразбира да се носат тешки одлуки кои можеби нема да им се допаднат на некои околу нас, но кои се во правец на општо добро.

Ваквото согледување не ги прави работите полесни. Сè уште ме боли кога морам да ги прекинам во играта за да одиме на вакцина или на забар или на трет вид современа тортура. И јас така се чувствувам кога треба да правам такви работи, но тоа не смеам да им го признам на моите деца за да не се чувствувам како лош учител. Што мора да се направи, не е тешко. Тоа не е лесно да му се објасни на детето, особено кога придобивката не е веднаш видлива.
Напорно работам на тоа да им бидам забавен на своите деца, тие имаат потреба од тоа, а, од друга страна, истовремено да ја вршам својата родителска должност и да се грижам работите да течат. Главно тоа се сведува на избегнување на сите видови екрани откако ќе се вратам од работа па сè до нивното одење в кревет, што не е лесна задача.
Настојувам да им го променам начинот на кој ги гледаат работите. На пример, им дозволувам да скокаат на куп суви лисја кои штотуку сум ги собрал, без оглед што ќе морам пак да го направам истото. Лисјата секогаш можат да се соберат, но нивното детство е сега.
Ако да се биде возрасен значи и да се жртвува дел од забавата за другите да можат да се опуштат и да не се грижат за логистика и планирање и за стигнување во училиште навреме, ќе бидам возрасен. Меѓутоа, тоа не значи дека не можам да се забавувам со моите деца. Тоа единствено значи дека умеам да препознам кога е потребно да се биде возрасен, а кога смеам да бидам дете.



912

X