„Не ги терам децата да делат. Мислам дека не е фер ако едно од моите 4 деца убаво се забавува играјќи со играчка, а потоа да го прекине брат/сестра“. Има ли нешто што одбивате да го применувате со вашите деца?

Кога станав родител, пред 13 години, ги имав сите тие скапоцени идеали во главата за нештата што „дефинитивно ќе ги направам“ со моите деца и мисли за тоа каков родител ќе бидам. Изгледа дека родителството е навистина пат во кој се развивате и менувате, а јас сè уште учам многу работи за моите деца и како да бидам најдобра за нив. Сите тие фантастични идеали не се остварија. Мојата реалност е далеку од совршени објави на „Инстаграм“ и да бидам искрена, драго ми е што е така.

Има некои работи што ги научив со текот на времето и не ги терам децата да ги прават – иако некои од нив се можеби малку контроверзни. Да објаснам…

„Никогаш не ги терам, подмитувам или присилувам да јадат“

Не ги терам децата да јадат храна што не им се допаѓа. Не сфаќајте ме погрешно. Не правам ни посебни оброци. Сакам времето одредено за оброци да биде  уживање за децата, а не нешто што ги исполнува со страв и закани. Ги охрабрувам, од друга страна, да пробаат и некои нови намирници, но не ги присилувам да јадат нешто што не го сакаат. Секој има различни вкусови и тие може да се менуваат со текот на времето. Во нашето семејство го почитуваме тоа.

„Не ги терам децата да споделуваат“

Да, ме слушнавте. Не мислам дека е праведно или разумно ако едно од моите 4 деца си поминува убаво додека игра со играчка или врши некоја активност, а потоа е прекинато од братчето или сестричката и е присилено да споделува. Уживањето на едно дете не треба да биде попречено од другото дете. Во нашето семејство ги охрабруваме децата да почекаат додека првото дете не заврши, па потоа е ред на второто дете и тоа може исто така да се задржи колку што сака. Разбирливо е дека е тешко да се чека, но чекањето е дел од животот и тоа е добра лекција за нив. Па не ги терам да делат нешто ако не се подготвени.

„Не ги присилувам децата да се извинуваат“

Не верувам дека така децата учат за емпатија или за чувствата и нивното влијание врз другите. Се разбира, можам да ги натерам да му го повторат зборот „извини“ на некој од браќата и сестрите откако ќе згрешат, но само затоа што детето ќе ги изговори зборовите не значи дека навистина ги мисли. Наместо тоа, ги охрабрувам моите деца да направат компензација кога се подготвени и кога ќе го сфатат влијанието од нивните дела. За тоа некогаш е потребно време, но потоа следува искрено извинување, па и промена во однесувањето, а не само празни зборови.

„Никој не мора да се гали, бакнува или допира“

Во нашето семејство, ако некој не сака, не мора да ги прави овие работи. Тука се вклучени пријатели, терапевти, наставници и сите членови на семејството. Дури и мојата ќерка, која има 6 години, е во право кога вели „мое тело, мои правила“.

„Не ги присилувам децата да ја носат облеката што јас ќе ја изберам за нив“

Сакам кога го носат она што им се допаѓа. Сакам кога гледам како нивните стилови и карактери се развиваат, тоа ме радува. Некогаш избираат нешто што јас не би го избрала, но тоа е добра лекција за мене дека децата треба да го пронајдат својот идентитет и стил.

„Не ги терам да пишуваат домашна задача“

Откако поминале 6 часа на училиште, нема да очекувам да дојдат дома и да се посветат на уште повеќе систематско учење. Верувам дека им треба време едноставно да уживаат во детството, да играат и да придонесат и во домот. Сакам да читаме секоја ноќ, но тоа е тоа, барем до средно училиште. И истражувањата на експертите го потврдуваат ова.

„Не ги казнувам моите деца“

Кога донесуваат лоши одлуки или лошо се однесуваат, не ги казнувам или засрамувам децата. Заедно со сопругот имплементираме и охрабруваме природни последици за извлекување лекции, но се трудам да не реагирам многу поради лутина. Сакам децата да не бидат „послушници“, туку да учат од грешките.

Мојот пат како родител се состои од постојано учење и отвореност кон сите видови искуства што ги обликуваат и водат моите вредности. Верувам дека моја задача како мајка е да ги водам и учам, а не да ги принудувам и постојано да барам нешто од нив. Сигурна сум дека сум на вистинскиот пат бидејќи веќе воспитавме 4 извонредни малечки луѓе.

Автор: Џесика Офер

Извор



912

X