Сега кога моите ќерки близначки наполнија 10 години, како да го гледам моето детство пред очи, повторно.

Моите девојчиња се убедени дека јас едноставно не ги разбирам, па како да требаше да најдам доказ за тоа – ги најдов моите дневници од детството и открив дека она што прво сум го напишала било кога сум имала 10 години. Секој ден се соочував со истите проблеми што ги окупираат и нивните животи: тајни пријателски пактови, преданост кон тинејџерски поп-бендови, возбуда околу училишни екскурзии и први знаци за интерес кон момчиња. Но, она на кое исто така наидов беа и борбите на игралиштата, злобните моменти од девојчиња, како и стресот кога некои утра не знаев дали мојата најдобра пријателка ќе ми зборува или не.

Накратко, да имаш 10 години е пекол. Тоа е како некој период помеѓу, кога не се чувствуваш како дете повеќе, а уште не си тинејџер и животот ти поминува мразејќи ја или обожавајќи ја својата мајка – некогаш сето тоа во еден ден. Се обидувам да имам трпение и да имам разбирање (сепак, се сеќавам како ми беше мене), но многу пати, како нивна мајка, чувствувам дека имам улога да бидам нивна вреќа за удирање.

Минатата недела бевме домаќини на првата забава со преспивање, за една од моите ќерки. Тоа беше интересно искуство за нас, како родители, иако поголемиот дел од нивните социјални интеракции повеќе не се случуваат пред нас. Сега имавме можност да набљудуваме одблиску. Моето прво изненадување беше кога ги гледав како пристигнуваат – секое девојче беше поздравено со пријателска прегратка и бакнеж кој изгледа дека е присвоен од пречесто гледање ТВ шоу-емисии. Прв знак дека повеќе не се мали девојчиња.

Првите неколку часа поминаа одлично – печеа колачиња, јадеа пица, имаа борби со перници и ги лакираа ноктите. Проблемите почнаа кога вклучија филм и едно од девојчињата рече дека филмот е здодевен и отиде во спалната соба, па ги повлече повеќето од девојчињата со себе. Наскоро, до мене стоеше плачливо девојче во кујната кое се жалеше дека пријателките ѝ зборуваат зад грб и дека нејзината роденденска забава е здодевна. Ја натерав да зборува со нив.

Кога моите деца се загрижени, јас силно верувам дека може да ги охрабрам да се справат со предизвиците и во секој случај, мајка која е премногу заштитнички настроена не е добро за едно 10-годишно девојче. Сепак, многу брзо дојде полноќ, а тензиите сè уште беа присутни помеѓу девојчињата. Свикав состанок во кујната и ги седнав околу масата за да слушнам од секоја од нив што е проблемот. Потоа сфатив дека 10-годишни девојчиња немаат способност да се слушаат една со друга. Имаат многу за кажување, но никаков интерес за сослушување.

Ги замолкнав сите и се обидов да им споделам неколку мудрости: ако сакаш да се расправаш ефективно, многу е поважно да слушаш отколку да зборуваш. Не сум сигурна дека го разбраа тоа, но настана пауза, а потоа девојчињата до мене кажаа нешто многу храбро. Изгледа дека највлијателното девојче ги повлекло и другите да го исполнат нејзиниот план – да измислат песни и кореографии за танцување. Важно е дека тоа девојче е екстремно талентирана танчарка, па оваа активност би ги покажала нејзините најдобри вештини. Што се однесува до другите девојчиња (вклучувајќи ја и мојата ќерка), беа изморени, беше доцна и едноставно се релаксираа со филмот и пуканките, но како што ми потенцира паметното девојче до мене – биле премногу исплашени да ѝ го кажат тоа.

Посакував 10-годишната јас да ја имаше храброста да им го каже ова на неколку тогашни мои пријателки. Сите девојчиња се согласија со кажаното.

Би сакала да завршам со тоа што ќе кажам дека имавме групна прегратка и отидовме на спиење, но не беше баш така. Лидерот на групата за која се зборуваше, реши повторно да стане центар на вниманието преку започнување кавга со мојата премногу изморена и екстремно чувствителна ќерка. Се вмешав бидејќи веќе беше еден часот по полноќ, разменив груби зборови со неа и ги испратив сите во своите вреќи за спиење со кутија слатки, во обид да ја омекнам ситуацијата. Заспав со звукот од нивните телефони додека се допишуваа меѓу себе.

Следното утро лидерот на групата си замина порано, па расположението беше смирено и среќно. Купив свеж леб, им направив појадок и ги испратив дома – со многу бакнежи и прегратки. Бев исцрпена, а мојата ќерка не беше расположена, но сепак чувствуваше дека тоа ѝ бил најдобриот роденден. Бев среќна што го слушам тоа, но истовремено и тажна што ова беше искуството на едно 10-годишно девојче. Секој ден е исполнет со таква драма, што е навистина неверојатно што успеваат да останат разумни. Претпоставувам дека ова додава ново значење на фактот што сум јас живата вреќа за удирање. Само удрете ме уште еднаш.

Автор: Џо Френкел



912

X