Дали вашето дете е насилник или трпи насилство?
Многу е важно да знаете какви се насилниците. Тие се несигурни. Сметаат дека ќе се чувствуваат подобро ако (физички или емоционално) ги понижуваат другите. Така се чувствуваат помоќни.
Додека растев, насилници беа лошите деца што ве следеа од училиштето до дома на велосипеди за да ве натепаат во некое сокаче. Кога ќе стигневте дома, татко ви ќе ве погледнеше и ќе ве советуваше следниот пат да не се повлекувате. Ќе ви дадеше совет каде да ги удрите (се разбира, тоа не смееше да го чуе вашата мајка). Кога неколку дена подоцна ќе се вратевте дома со посинето око, но и со насмевка од уво до уво, ќе ви честиташе… Ќе ви честиташе затоа што знаеше дека сте се соочиле со насилникот очи в очи… и дека сте победиле.

Силеџиите што нема да бидат запрени на почеток стануваат поопасни

Но, денешните насилници се поинакви. Тие се поагресивни и, за жал, многумина од нив имаат родители кои се физички отсутни, емоционално оддалечени или едноставно, не им е грижа. Не можете повеќе да сметате дека грижливите татко и мајка ќе воведат дисциплина во животот на насилникот кој му го загорчува животот на вашето дете.
Силеџиите што нема да бидат запрени на почеток стануваат само повозрасни и сè поопасни силеџии. А денешниве со себе носат ножеви и пиштоли, во зависност од средината и од возраста.
Ако вашето дете биде малтретирано, веднаш треба да му се обратите на наставник во кој имате доверба. Ако тој не преземе ништо, обратете се до директорот. Со насилството нема шегување. Тоа е планина со која веднаш мора да се справите, без оглед на која страна сте се нашле.

Ако вашето дете напаѓа други деца, веднаш реагирајте. Треба силно да му се спротивставите на детето кога сте насамо: „Дали навистина си толку несигурен во себе што мораш да ги малтретираш другите деца?“ Ова ќе го погоди во самиот центар бидејќи ниту едно дете не сака да признае дека е несигурно. Ниту дека одбрало поситно и помало дете за да се чувствува подобро. Прашајте го зошто го прави тоа. Објаснете му како се чувствува другото дете, како се чувствувате вие и какво однесување очекувате од тој момент натаму. Инсистирајте што побрзо да му се извини на другото дете. Лекцијата ќе биде уште поубедлива ако и вие сте присутни на чинот на извинувањето. За да ги обнови емоциите, насилникот ќе мора да каже: „Жалам што те повредив. Тоа нема да се повтори“.
Ова е многу важен дел. Ако на вашето дете навистина му е жал, мора да му дозволите да продолжи натаму. Со други зборови, немојте постојано да го потсетувате на таа случка. Како родители, често се навраќаме на некој настан и ги „потчукнуваме“ децата по глава за нешто што се случило претходно. Сакаме постојано да ги потсетуваме на нивните неуспеси за да бидат добри.

Физичките повреди ќе заздрават, но емоционалните долго ќе ги носат

Без оглед што навистина е непријатно да се биде родител на насилно дете, имајте на ум дека како родител ќе се соочувате со многу кризни ситуации. Ваша должност е да ги решите што е можно подобро, а потоа да продолжите понатаму. Воспитувањето е долготраен процес. Тие ќе грешат. Вие ќе грешите. Да ве потсетиме какви беа правилата на демократското општество? „Ако ти имаш право да ме омаловажуваш, тогаш и јас имам право да те омаловажувам тебе“. Овој круг многу тешко се прекинува ако постојано зборувате за лошите постапки на детето. Со тоа што ќе разговарате за насилничкото однесување и ќе инсистирате на брзо емоционално закрепнување, вие и детето ќе можете слободно да продолжите понатаму.
Ако вашето дете претрпело насилство, тоа веднаш пријавете го кај наставникот. Ако наставникот не ви одговори во стилот: „Благодарам што ме информиравте. Ќе се позанимавам со тоа и ќе внимавам. Пренесете му на детето веднаш да ми се обрати кога ќе се почувствува загрозено“, тогаш очигледно не ве разбрал добро и насилничкото однесување не го смета за сериозно. Следен чекор е средба со директорот. Насилството мора да се сфати најсериозно, па не смеете да го примените пристапот – „да почекам, па ќе видам“. Насилниците претепуваат премногу деца. Иако физичките повреди ќе им заздрават, емоционалните можеби долго ќе ги носат. Насилниците не се запираат лесно, затоа мора да бидете внимателни. Морате да преземете мерки на заштита за да запре насилното однесување. Наставникот, директорот и двете родителски двојки ќе мора да дежураат на игралиштето и да станат свесни за тоа однесување и да се погрижат да престане.
Накратко, насилството и насилниците никогаш не треба да сфаќаат прелесно.

Автор: д-р Кевин Леман, психолог



912

X