Не постоеле школи за родителство, ниту сите тие силни книги, форуми, групи на „Фејсбук“, а сепак сето тоа некако се знаело. На крајот, не испаднавме толку лоши.
Нашите мајки не се плашеле толку за нас. Не мудрувале толку околу родителството. Мојот татко не мораше секоја вечер да се нацрта точно во осум нула нула за да ѝ помогне на мајка ми да ме избања. Не толку одамна и јас сама го бањав своето дете. Со обичен сапун за бебиња. Со едната рака го држев детето, со другата тушот, сапунот, крпата… Не се плашев дека ќе ми падне во кадата. Реално, ни една мајка не го испушта своето дете тукутака.
Мојата мајка не се плашеше од бременоста, ни од враќањето на работа, ни од јаслите. Одвојувањето. Немаше кога да мисли за тоа дали престојот во група со други деца ќе ми остави трајни последици. Не се занимаваше со социјалните аспекти на моето растење. Не трчаше на лекар за секоја ситница. Ниту доаѓаше во училиште секој понеделник и никогаш не ѝ падна на памет да ме „заштити“ од наставникот. Не игравме на картата „ме мрази професорот“. Преминот од пониските во повисоките одделенија во основното училиште не се доведуваше во прашање, ниту претставуваше пресвртна точка во животот што вреди да се спомене.
Мојата мајка никогаш не беше мој личен заложник, ниту некој чија должност е да ме забавува и да го направи пријатен мојот престој на планетава. Не, детството денес мора да биде незаборавно! Незаборавно, другари и другарки! Секој ден е повод за мала прослава. Од моментот кога ќе ги отворат очите до одењето в кревет навечер децата треба да ги анимираме, да им угодуваме на сите можни начини, да ги поместуваме сопствените граници, да бидеме нежни, попустливи, никогаш да не го повишиме тонот, да не им го загрозиме нивниот мал интегритет на никој начин и сè на сè – да создадеме едно големо, огромно агресивно и деструктивно его.
Нашите мајки не се плашеа од нас. Ни од нашето плачење. Со трескање, фрлање и дрскост некако полесно излегуваа накрај. Нашите мајки си го пиеја своето кафе на раат и се одмараа кога ќе се вратеа од работа. А ние за тоа време си игравме пред зградата со другите деца. Се знаеше што смее, а што не смее. Што е добро, а што не. Вади го прстот од уста, на чепкај го носот, не зборувај со непознати, не земај бонбони од непознат чичко на улица, тргни се од телевизорот, ќе си ги расипеш очите, кажи добар ден, фала, молам, стани да седне баба, биди добар другар, не седи на ладниот бетон, изеди сè од чинијата и до осум биди дома. Ете така некако сме ние воспитувани.
Дилемите се решаваа и без „Гугл“, со совет од другите, поискусни пријателки. Не постоеја школи за родителство, ни сите тие силни книги, форуми, групи на „Фејсбук“, а сепак, сето тоа некако се знаеше. На крајот, не испаднавме толку лоши. Денешното растење личи на трка со препреки. Дури и пред да се роди – клукај се со фолна киселина, пиј витамини, прави тестови… Потоа – породи се безболно, без траума, биди со бебето, дој го до трето одделение, уважувај му го карактерот, темпераментот, генските предиспозиции, не дозволувај да плаче, носи го гордо како да е штафета на младоста, не оставај го само, не гаси го светлото, направи место во твојот кревет, премести го сопругот во дневна, бдеј над него во текот на целиот период на растење, не дозволувај нешто да му фали, да се почувствува загрозено, запоставено, почитувај го неговото мало ЈАС, уважувај ги неговите потреби, преиспитувај се, носи правилни одлуки, преземи ја целата одговорност, заслугите заборави ги, заштити го од сонце, зрачење, загаден воздух, кучиња-скитници, од вода од чешма, издувни гасови, урочливи очи, ретроградниот Меркур, заситени масти и слободни радикали. Чисти околу зградата, собирај ѓубре, рециклирај пластика, купувај органско, сади дрвја, зашто нашите деца заслужуваат подобра планета.
Ок, а што ако таа планета заслужува подобри деца? Мислам, прашувам за другарка.
Автор: Даниела Бакиц