Како се сака дете? Така што секој ден ќе му го повторувате тоа како папагал? Така што ќе им се фалиме на своите пријатели и роднини, кои баш и не ги сакаме, со неговите достигнувања? Така што ќе му даваме пари кога нешто ќе постигне и ќе го посетиме за роденден за да имаме фотографија за спомен и неоспорен доказ за нашата љубов?
Како се сака дете? Така што ќе му дозволиме сè што сака? Така што ќе му купиме сè што ќе посака и ќе го храниме само со благи работи?

Детето се сака со подарување на времето, над сè!

Ќе ги заборави и вашите слатки и парите за петките. Ќе ја заборави секоја работа зашто сме општество затрупано со работи.

Тоа што детето ќе го носи во животот се моментите. Непроценливите моменти што сте му ги подариле. Со исклучени мобилни, изгасени телевизори, очи в очи, рака в рака. Прошетки приквечер. Рано будење и правење палачинки, ние ги правиме, тие ги мачкаат. Заедно појадуваме.
Љубов е заедничка работа во градината со дедо. Правење колачиња со баба. Шетање низ шумата, паркот, собирање школки. Одење на заедничко капење на плажата што тоа ја сака. Многу часови поминати со тато во работилницата каде што настануваат чуда. Боење на стариот велосипед, изработување дрвени гаражи за малите автомобилчиња… Заспивање во прегратките на својот татко, на кој може да му верува. Мајчините прегратки, сочуваните цртежи и честитки, бакнежи и нежност пред спиење.
Љубов.
Како се сака дете?
Така што ќе знаеме од што се плаши, па заедно ќе земеме мечеви и ќе го средиме тоа чудовиште што се крие под креветот. Со разговори, по сто пати, за едни исти работи. Приспособување на неговата големина, прифаќајќи колку сме далеку од детството, во кое можеби последен пат сме биле свои. А децата толку многу знаат и можат да ни помогнат што сакајќи ги, си доаѓаме пак на себе.
Како се сака дете? Така што барем на момент ќе престанеме да бидеме себични. Така што ќе го ставиме детето малку напред. Не во работите, не во празни реченици.
Онака вистински. Да го ставиме детето таму каде што му е местото. Во нашите дела наместо во празни реченици!

Автор: Наташа Јукиќ



912

X