Никој не се родил учен, вели една стара народна поговорка, а кога се работи за новите родители, според искуство на лекар и психолог, таа вреди двојно.

1. Паничиме без причина

Многу родители претерано реагираат кога се работи за нормални детски појави како икање, повраќање и слично. „Нели неговата столица е премногу тврда (премека)?“, „Дали испи премногу (премалку) млеко?“… Немојте постојано да се оптоварувате со такви прашања. Доенчињата се поотпорни отколку што мислиме. Во ред е да се следи сè што се случува со бебето и да се реагира на вистински проблем, но таквите случаи сепак не се секојдневни.

2. Се држиме по секоја цена до времето за доење

Мајките често мислат дека детето треба да се дои на секои 3 часа. Имајте на ум дека гладното дете ќе знае да се огласи кога ќе му треба храна. Немојте да го следите часот, туку приспособете се на потребите на своето дете.

3. Го будиме детето за ноќното доење

Дете што наполнило 3 или 4 месеци не треба да го будите и покрај теориите дека мајчиното млеко не го заситува доволно за подолго време. На возраст од неколку месеци капацитетот на желудникот на бебето ќе се зголеми и тоа нема да мора да јаде на секој час. Но, ако детето не се буди самото за оброк и добро напредува, и за мајката и за бебето е добро да се наспијат, па затоа приспособете го распоредот на ноќното доење.

4. Сами се бориме со покачената температура

Секоја температура повисока од 38 Целзиусови степени во првите 3 месеци од животот на бебето е ризична. Единствен исклучок е покачена температура по вакцинација. Некои родители не ја сфаќаат сериозноста на ситуацијата, па се обидуваат да ја намалат температурата со потење и парацетамол. Тоа не е добро бидејќи имунолошкиот систем на новороденчето не може да се бори со инфекции. Подобро е да посетите педијатар.

5. Го водиме бебето меѓу многу луѓе

Престојот на новороденчето на место со многу луѓе значи допир со разни бактерии и вируси од кои не може да се брани бидејќи сè уште нема доволно развиен имунитет. Затоа е пожелно да се избегнува одење со бебето во големи групи на луѓе, па дури и да нема многу гости дома. Тоа не значи дека не смеете да излезете надвор во првите 6 недели. Секојдневното шетање ќе им годи и на мајката и на бебето.

6. Ја занемаруваме негата на непцата на детето

Можеби ви изгледа чудно, но треба да се чистат и непцата на новороденчињата. За тоа користете влажна газа со која по доењето или пиењето адаптирано млеко нежно ќе му ги истриете непцата на бебето. Не давајте му засладени сокови, ниту какви било рафинирани слатки, особено не пред првиот роденден бидејќи со тоа се зголемува можноста за крвавење на забите. Набавете четкичка за заби кога ќе излезе првото запче, а секако по првиот роденден.

7. Не го ставаме детето на под

На возраст од околу 3-4 месеци можеме да го ставаме детето малку на под, односно на ќебе за играње или сунѓер за вежбање. Душекот или каучот се меки, па детето нема потпирач, што му го отежнува движењето, а може и да падне од него. Лежењето во лежалка нема да штети ако детето во неа не помине повеќе од 10 отсто од времето додека е будно. Добра работа за децата што си играат на подот е и тоа што така полесно ќе ја развијат навиката за одење на спиење бидејќи имаат одвоен простор за игра од местото за спиење, односно креветот.

8. Се расправаме пред детето

Тримесечно дете и тоа како ја чувствува атмосферата во околината. Ако се расправате и го повишувате тонот, обидете се да се освестите за интензитетот и фреквенцијата на своите расправии, па проценете дали тоа е соодветно да се прави во присуство на мал човек кој слуша, перципира, чувствува… За здрав психички развој, на детето му се потребни мирна околина и доволно позитивни дразби, а не несигурност и страв.

9. Не го прицврстуваме автоседиштето

Често се случува автоседиштето да биде погрешно прицврстено. Ако е добро прицврстено, нема да можете да го придвижите. Не заборавајте дека автоседиштето го имате заради сигурност и пред возењето проверете дали е добро прицврстено. Тоа важи за сите членови на семејството што го возат детето.

10. Не го ставаме детето на стомак

Во родилиштата се советува детето да не се става на стомак заради зголемен ризик од синдром на смрт кај новороденчиња. Тоа вреди до навршениот прв месец од животот. Но, под ваш надзор бебето може неколку пати на ден да биде на стомак. Добро е детето до петтиот месец да ја спознае таа положба за да се навикне. За спиење и понатаму се препорачува лежење на грб.

11. Дозволуваме пасивно седење

Кај децата седењето настапува природно дури по станувањето и ползењето. Од положба на сите 4, одат на колк и така ги зајакнуваат грбните мускули. Потоа пружаат една по една нога. Прво се држат за подот. Кога ќе ги ослободат рацете заради игра, знаете дека малиот грб е подготвен за седење. Со пасивното седење го преоптоваруваме грбот на детето, а можеме да го забавиме и психо-моторниот развој. Повеќето деца што пасивно седат никогаш не ползат или тоа го прават многу кратко. Ако седењето претставува цел на развојот, ползењето е пат кон седењето. Пожелно е тој пат да не се прескокнува.

12. Го штитиме детето од паѓање

Притоа мислиме на падот кој следува откако детето ќе застане во стоечка положба. Ако мајката почне да го држи или седнува, тоа секојпат кога ќе ја види ќе се пушта на подот бидејќи ќе ја очекува нејзината помош. Препорачливо е во оваа ситуација малку да се оддалечите и да воспоставите контакт со очите. Поддржете го детето со смирен глас да се држи и да не се пушта. Наведете го кон подот, но не дозволувајте да ве фати. Ако детето одбива да соработува, нежно свиткајте му ги двете колена како да клечи. Од таа положба лесно ќе се спушти до подот. Ако детето сепак падне, немојте да го жалите бидејќи ќе се расплаче – добро е што секое паѓање му дава на мозокот важна информација како следниот пат да се избегне тој потег.

13. Не му дозволуваме на детето доволно да ползи

Ползењето е едно од најздравите движења во развојот на бебето. Ја подобрува координацијата, па ги зајакнува грбните и стомачните мускули и го подготвува телото за седење. За жал, и денес има многу деца што не ползат.

14. Го водиме детето за рака кога почнува да оди

На повеќето деца им се потребни 4 до 5 месеци од првото стоење до првиот чекор. На некои родители им се чини дека одењето доаѓа порано, па настојуваат таа фаза да ја скратат со водење на детето за рацете. Велат дека го „учат да оди“, но кога детето го водите за раце, тоа всушност се потпира на нив и рефлексно ги движи нозете.

Добронамерното помагање во овој случај може дури и да предизвика стагнација на бебето во развојот. Оставете го детето да ползи и да се држи за мебелот. Одењето ќе настапи кога детето ќе биде подготвено за тоа. Понекогаш важи правилото дека најмногу ќе му помогнете на детето така што воопшто нема да му помагате, се разбира, ако не му се заканува некоја сериозна опасност.

Извор



912

X