Основата на сè е безбедно и здраво опкружување, каде што децата ќе се чувствуваат слободни да ги изразат своите чувства, а тоа е услов за правилен развој. За благосостојбата на детето обично почнува да се зборува дури кога детето не се чувствува добро, вели Јука Синемаки, наставник од Финска кој со своите ученици ја смислил и со помош на спонзори ја опремил училницата која ги задоволува нивните потреби за физичка активност во процесот на учењето.

– Децата треба да се ценат и почитуваат за да ја стекнеме нивната доверба. Таа почит не би смеела да зависи од нивниот успех на училиште, нивното достоинство е основното човеково право. Училиштата треба да го зајакнуваат нивниот личен идентитет во рамките на активна поддршка на нивниот развој и образование – вели Синемаки.

Тој смета дека училиштето треба да биде место каде што се поттикнуваат физичката, социјалната и емоционалната благосостојба на детето. Кога се задоволени потребите, детето може да има корист од образованието.

За учењето да биде ефективно и смислено, мора да се набљудува како сеопфатен и холистички процес. Тоа значи дека децата мора да имаат доволно физичка активност, одмор, сон, рекреација и здрава храна.

Учењето е комплексен процес и потребно е да се разберат сите фактори што го сочинуваат за да им помогнеме на децата, а истражувањата покажуваат дека зголемената физичка активност во текот на наставата има позитивни ефекти.

– Во денешно време децата се изложени на многу надворешни стимуланси, па затоа им е тешко да се опуштат и да извршуваат задачи што бараат подолго внимание, а тоа ги намалува нивната креативност и самоиницијатива – вели финскиот наставник.

Една од задачите на училиштата е да ги подобри општите когнитивни функции кај децата, но и да ги научи како да застанат и да не прават ништо.

– Воведовме „Четврток со чај“ кога учиме во тишина, децата главно читаат и тоа поттикна повеќе ентузијазам кај децата за читање, а тоа време го користиме и за рекреација и опуштање – вели овој наставник. Така децата имаат повеќе трпение и упорност во извршувањето на своите задачи.



912

X