Воспитување

На родителите не им оди од рака поставувањето граници

Многу родители денес не уживаат во родителството, а еден од изворите на незадоволство, збунетост и чувство на вина доаѓа од поставувањето граници. Повеќето од нив најмногу се загрижени што забележуваат дека и децата не се среќни. Причина за тоа најчесто е што и родителите и децата се збунети околу границите.

Станува збор за родители кои никогаш нема да мора да се грижат дали ќе бидат премногу строги. Се однесува на цели генерации кои го следат родителскиот пристап на Магда Гербер и нејзините препораки – дека бебињата треба да се почитуваат како целосни личности и дека треба да им се верува на нивниот суштински мотивиран развој и да се охрабрува самостојната слободна игра.

За „овој тип на родители“, довербата, емпатијата и безусловната љубов се чини дека доаѓаат природно. Границите? Па, и не толку многу. Може да ни биде лесно да станеме толку фокусирани на давање доверба и слобода на нашите деца, со што ќе ја занемариме нивната уште поважна потреба да се чувствуваат сигурни. Премногу давање слобода предизвикува нашите деца да се чувствуваат спротивно од слободни, и тие често ја изразуваат својата непријатност преку однесување што подразбира поместување на границите. За да искусат вистинска слобода и среќа, на децата им требаат нежни родители-лидери, кои се јасни во врска со домашните правила и очекувања. Ним им треба здрава рамнотежа помеѓу слободата и границите. Некои од најчестите причини поради кои многумина од нас се борат да ја најдат оваа рамнотежа се следните:

Преферираме да не ги вознемируваме нашите деца

Непријатноста од силните емоции на нашите деца е број еден причина поради која родителите се борат да воспостават јасни граници и таа може да нè натера да се сомневаме во секоја одлука што би можеле да ја донесеме:

„Хммм, претпоставувам дека сè уште би можел/а да го носам моето петгодишно дете в раце иако ме боли грбот“.

„Зошто едноставно не му ја вратиш сината чаша? Па што ако вреска: Не, сакам зелено!, а потоа повторно се премислил? Секако дека се нервирам, но полесно е да му угодам уште еднаш“.

„Бидејќи навистина не брзам, можев да почекам уште петнаесет минути за таа да одлучи дека е подготвена да седне во своето седиште“.

Отпорот на нашите деца соодветен на возраста и интензивните емоционални реакции на нашите граници може да нè натераат да се чувствуваме виновни и вознемирени. Нè исцрпуваат, а и факт е дека можат да ни го уништат денот. За да функционира ограничувањето и родителите да уживаат во раните години на своите деца, од суштинско значење е да се чувствуваат удобно со оваа основна динамика:

Самоуверено воспоставуваме граница. Нашето дете изразува незадоволство (што може да вклучува фрустрација, разочарување, тага, лутина). Остануваме закотвени за време на оваа бура, трпеливо прифаќајќи и признавајќи го незадоволството на нашето дете.

Децата често ги поместуваат нашите граници затоа што интуитивно знаат дека им треба уверување од нашите смирени, сигурни одговори, како и ослободување од непријатните чувства што се јавуваат во нив. Нашето прифаќање на овие чувства е еден од најдлабоките начини на кои можеме да ја изразиме нашата љубов кон нив. Со вежбање, тој процес станува малку полесен.

Збунувачки совети

Родителите честопати наидуваат на не толку јасен, па дури и обесхрабрувачки и збунувачки совет:

Поставете ограничувања со вашите деца само од безбедносни причини

Ова е формула за несигурни деца и очајни родители. Но, што е со емоционалната сигурност и мирот на умот – олеснувањето кога знаеме дека од нас не се очекува да правиме сè кога имаме само 2 години? И дали тоа значи дека родителите немаат право на нивните лични граници и грижа за себе?

Не поставувајте граници кои може да изгледаат како казна за вашите деца

Ова може да нè натера да се преиспитуваме цел ден, бидејќи ова нè погодува токму во нашите сомнежи и стравови дека ги вознемируваме децата. Како родители со почит, кои храбро се посветени на дисциплина што не подразбира казнување, мора да си дозволиме да ги носиме одлуките за кои веруваме дека се најдобри за нас и нашите деца. Да, во ред е да се каже: „Нема да можеме да одиме во парк додека не ми помогнеш да ги соберам овие играчки“ или „Ве молам дојдете да ги измиете забите сега, за да имаме време за читање уште една книга“ или „Гледам дека сакаш да си играш со здиплените алишта, но не сакам да се расфрлаат на подот, па ќе ја земам оваа корпа – која е празна и можеш истата да ја искористиш“.

Ако подоцна одлучиме дека одлуката што сме ја донеле е неправедна или непотребна, секогаш можеме да се извиниме и да се премислиме. Но, за да поттикнеме чувство на сигурност кај нашите деца, мораме да ги донесеме овие одлуки без двоумење. За да бидеме нежни лидери со самоуверени деца, прво мора да си веруваме себеси.

Кога децата ги поместуваат границите, насмејте ги

Премногу е да се очекува дека можеме да ја прифатиме вознемиреноста (или некое поинтензивно чувство) што ја чувствуваме кога децата ги поместуваат нашите граници и тоа го претвораат во смеа и игра. Сепак, токму тоа е она што некои експерти за родителство го советуваат да се употреби како прв обид, дури и како одговор на агресивното однесување на нашите деца (на пример, удирање и гризење).

Не е корисно ниту за нас ниту за нашите деца да се преправаме дека се чувствуваме глупаво и весело кога всушност сме изнервирани или лути. Зарем не треба да покажеме автентичност? И зарем ова не ги учи децата дека нивните негативни чувства се погрешни? Дали треба да се насмевнат кога се лути? Што ако однесувањето на нашите деца нè лути? Дали е тоа здраво време за грубо ракување, скокоткање? Па, не баш.

Иронично, ова се експертите кои исто така наводно се залагаат да им се дозволи на децата да ги изразат своите силни чувства. Меѓутоа, наместо да помогнат да се нормализира ова предизвикувачко искуство за родителите, нивниот совет во основа гласи: „Оставете ги вашите деца да плачат само во краен случај, запејте песна и прво танцувајте и насмејте ги ако можете“.

Се плашиме дека нашите граници може да го скршат слободниот дух на нашето дете

Ова функционира обратно. Кога родителите прават промени и поставуваат граници, трансформацијата во однесувањето и ставовите на нивните деца е драматична. Некогаш приврзаните деца кои многу барале одеднаш ќе престанат да се обидуваат да ја контролираат секоја ситуација со своите родители или врсниците. Тие се способни да се фокусираат на играта, да се дружат со своите врсници, да се релаксираат доволно за да се насмевнат и да изразат радост. Ова е слобода.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top