Врз формирањето на моите воспитни методи влијаеја две жени. И двете имаа малку повеќе од 50 години, и двете имаа сопружници, деца, внуци и двете работеа со мене во една буџетска образовна установа – со тоа сличноста меѓу нив завршуваше. А клучната разлика беше во односот на тие две жени кон себе.

Една од нив (ќе ја наречам Тамара Петровна) беше извонредно пожртвувана личност. Баш така со гордост себеси се нарекуваше. „Повторно го жртвувам своето време заради процесот на образование“ – громогласно објави, согласувајќи се да ја замени колешката која се разболела. Таа, пак, никогаш не отишла на боледување: кога не се чувствуваше добро, повеќе сакаше тоа да го издржи на нозе „останувајќи на висината на борбената задача“. Секој час Тамара Петровна демонстративно пиеше лекови, кои сама си ги припишуваше бидејќи немала кога да оди по лекари. И сите, се разбира, слушнавме за нејзиниот подвиг: како еднаш по операција излегла од болница за да одржи испит. Таа секогаш била максимално оптоварена, дури и преку норма, па нејзините „дополнителни“ часови морало да се водат кај некој друг. Така многу работела исклучиво заради децата, кои „треба убаво да се обезбедат“. Изреката „за децата само најдоброто!“ не била само нејзина лична парола, туку и нејзин стил на живот. Какви и да биле околностите, на прво место се задоволувале потребите на нејзините деца (барањата, како што сфаќате и самите, постојано растеле), додека самата Тамара Петровна се хранеше и облекуваше аскетски и, секако, не си дозволуваше да троши на разонода и останати „глупости“.

Другата жена (нека биде Татјана Павловна) по својот начин на живот беше чиста спротивност на Тамара Петровна. Гледаше да биде минимално оптоварена. Кога ќе затребаше, умееше да биде „безобразна“ и да оди на боледување дури и во текот на испитниот рок. Повикувајќи се на слабото здравје, беше во состојба во средина на учебната година да земе неплатено отсуство, што кај Тамара Петровна предизвикуваше идеолошка омраза. Повремено во трпезаријата се случуваше да се сретнам со едната или со другата, или пак со истовремено со двете…

Се сакам себеси за да имам сила да ги сакам најблиските и да им бидам од корист

Тамара Петровна беше многу, многу разговорлива личност. Се жалеше на здравјето, на хроничен замор, на неблагодарните деца, кои сега секоја вечер ѝ ги носеа внуците, па не ѝ даваа да се одмори по напорниот работен ден, а заради нив и работи… интонацијата на сето изговорено покажуваше дека улогата на жртва ѝ е омилена на Тамара Петровна. И дека за таа улога очекува овации.

Татјана Павловна, напротив, беше спокојна, се насмевнуваше и повеќе слушаше отколку што зборуваше. Понекогаш прераскажуваше нешто смешно за внуците. Еднаш Татијана Павловна постави наивно прашање:

– Зошто не одите на испитување ако имате чести главоболки?

На тоа Тамара Петровна избувна. За вас личните потреби се над сè. Вие одите на испитувања, болници, неплатено боледување… А јас немам кога да мислам на себе! Имам работа и деца и внуци и цела куќа што стои на мене! Мене на прво место ми се најблиските! И на второ место ми се исто така тие!

Татјана Павловна направи пауза и мешајќи го лажичето за чај, рече:

– Јас исто така мислам на најблиските… Колку ќе им биде потребна, се мислам, болна, изморена, нервозна баба што постојано се жали и бара благодарност? Не! Ним им е потребна спокојна, здрава мајка и баба, полна со сила, способна да ги поддржи и да им помогне. Ете затоа мислам на себе, на моето расположение и здравје. Се сакам себеси за да имам сила да ги сакам најблиските и да им бидам од корист.

Во тоа време дури фантазирав за тоа да станам мајка, но веќе ги сакав своите неродени деца и знаев дека сè ќе биде „за децата само најдоброто“. Но, по овој дијалог сфатив дека „најдобро“ не се однесува на материјални добра. Тоа е однос, тоа е расположение и тоа е наше лично чувство. На детето не му е потребна „пожртвувана“ мајка. На детето му е потребна среќна мајка полна со љубов.

Тоа понатаму не значи дека мајката треба да се пречкрта себеси или својата работа. Некои мајки мораат многу да работат за да бидат среќни. И не е прашање во бројот на работни часови во неделата, туку во мотивацијата. Кога децата пораснуваат, за нив се еднакво лоши две гледишта: „Цел живот работев за вас!“ и „Заради вас се откажав од кариерата!“, Уште полоши се варијантите: „Заради вас не се омажив. Не сакав да ви доведам очув во домот!“, „Заради вас цел живот живеев со маж кој не го сакав, ги трпев неговите испади само за да растете во целосно семејство!“ Пожртвуваноста од овој вид најчесто е префрлање на одговорноста врз децата поради својот промашен живот. И како потоа да се живее со сознанието дека мајката била несреќна… заради сопственото дете?

Добро ќе беше да се работеше само за моралното страдање! Погледнете до какви сценарија може да се дојде.

ПРВО: Личната среќа ѝ се принесува на мајката како жртва, како што и таа правела. Веројатно ви се познати случаи кога синот на самохрана мајка не може да си го среди својот личен живот и не се жени до речиси својата 40. година. Само кога тоа би бил негов свесен избор. А секогаш кога се подготвувал за љубовен состанок (и кога бил помлад), неговата мајка имала „напад“.

ВТОРО: Мајчината пожртвуваност се прифаќа како образец и кога ќе дојдат на ред сопствените деца, се следи нејзиниот пример во сè, односно се жртвува заради своите деца.

Жртвувањето и избезумениот замор се беспотребни

ТРЕТО: Оддалечувањето од мајката за што поретко да се слушаат нејзините прекорувања за неблагодарност, оградување од наметнатото чувство на вина. Овде проблемот е во тоа што кога ќе дојдеш до заклучок дека некој  се жртвувал заради тебе, многу е тешко да се ослободиш од наметнатото чувство на вина.

ЧЕТВРТО: Ова е најповолното сценарио, но ретко се одигрува: кога ќе порасне, детето сепак станува среќно (работа на себе, психотерапија, книги, ментори), па дури и повеќе од тоа – може и мајката малку да ја направи посреќна. Но подобро е да биде различно: полесно е среќната мајка да го научи детето да биде среќно, бидејќи децата не учат толку преку зборови колку преку личен пример.

Заради среќата на своите деца – пронајдете го својот рецепт за среќа. Жртвувањето и избезумениот замор се беспотребни. Не заборавајте да поведете сметка за себе.

Извадок од книгата „Самостојно дете или како да станете мрзлива мајка“/ Ана Бикова

Извор



912

X