Откако во нашите животи завладеа пандемија, постојано слушаме предупредувања за тоа дека треба редовно да ги миеме рацете, а сите сè уште се сеќаваме на минатата година кога во еден момент имаше недостиг на дезинфекциски средства. Освен што неколку месеци моравме да бидеме само дома, постојаното чистење кај многумина беше на врвот на листата со приоритети. Сосема доволно на своја кожа тоа го почувствуваа најмладите. А сите знаеме дека растењето во стерилни услови за нив не е добро. Бидејќи, со убивањето на штетните микроорганизми, всушност ги убиваме и оние што се добри за нас.

Но, не е тоа проблем што се појави дури по појавата на ковид-19, туку е проблем на модерното време кога болестите како астма, алергија, дијабетес, станаа сè почести. Децата едноставно се повеќе изолирани од влијанието на микроорганизмите, а премногу реткото излегување и играње надвор, во земја, во кал, на песок, на трева, исто така придонесува за нередовно надградување на нивниот имунитет. Многу родители чии деца играат надвор, во секој момент имаат спремно влажни марамчиња за да им ги избришат рацете и лицата…

И иако не сакаме да кажеме дека, на пример, е во ред да јадат со валкани раце, она што секако сакаме да го знаете е дека нема да им биде ништо ако се случи тоа. Не треба да очајувате ниту ако вашето дете изеде храна што паднала на подот. Бидејќи сето тоа е во служба на јакнење на имунитетот. Тоа го знаат добро родителите на повеќе деца, бидејќи веќе со другите станале поопуштени, а со третите и сите следни стерилизирањето на цуцлите и сето она што децата треба да го допрат, со текот на времето станало минато. Бидејќи кој може сето тоа да го постигне, зарем не? Впрочем, правдањето со правилото од 5 секунди е одличен изговор пред оние што се нервираат поради таквото „ноншалантно“ однесување. Имено, правилото е дека е сосема во ред да се изеде храна која помалку од тоа време била на подот, а според некои истражувања, одредени намирници може да останат на подот многу подолго отколку што се мислело, пред бактериите да почнат да се насобираат.

Се разбира, тоа не значи дека треба да ја фрлате храната на под и потоа да ја јадете или да му ја дадете на детето да ја изеде, но ако ви падне сува храна, како колачиња, бисквит, сув тост или сендвич, можете да ја подигнете за 30 секунди и да ја изедете без опасност за вашето здравје. Имено, шансите да се разболиме од храната што ќе ја кренеме од подот се многу мали, но не сите површини на кои ќе падне храната се еднакво чисти, а со самото тоа и еднакво безопасни. Додека повеќето луѓе мислат дека килимите често содржат повеќе бактерии од која било друга површина, килимот е обично најчистата површина на која храната може да падне. Ламинатот, паркетот и плочките се најлоши површини на кои храната може да падне.

Но, многу поважно од тоа ако ви се случи вашето мало дете да изеде нешто од под, е каква е всушност исхраната на детето воопшто, колку престојува на свеж воздух, дали игра доволно во природа и дали му дозволувате да се извалка, да скока по вирчиња… баш како што би требало да не стерилизирате сè што може детето да допре, туку треба да му всадите сосема нормални хигиенски навики.

Автор: Дуња Ладиќ

Извор



912

X