Кога родителот ќе го погледне својот тинејџер, понекогаш му се чини дека баш ништо не може да го мотивира или заинтересира. Изгледа како сè да прави спротивно од она што би требало. Психологот Јелена Марушиќ објаснува како да го поттикнете вашиот тинејџер и да го мотивирате да работи на себе.

Зад прашањето: Како да го мотивирам моето дете? неретко всушност се крие прашањето: Како да го натерам да го прави она што јас мислам дека треба? Охрабрувањето е клуч за мотивацијата. Тинејџерот можете да го охрабрите на повеќе начини, а не само преку: „Браво, го можеш ти тоа!“ и „Секоја чест!“, што не значи дека овие зборови не треба никогаш да ги користите.

Па како тогаш да го поттикнете тинејџерот? Прво, запрашајте се: Дали сте мотивирани да станете кога не се чувствувате добро? Или ако често добивате критики? Токму така, не сме баш расположени за работа и акција кога ни се чини дека ништо што ќе направиме не е доволно добро. Младите ќе се раздвижат кога ќе се почувствуваат добро. Препознавањето на добро направените работи е добар пат за детето да се почувствува подобро. Кога ќе препознаете што детето добро направило, тоа ќе се чувствува способно, дека придонесува кон семејството и заедницата. Кога ќе видите дека самодовербата е разнишана, запрете со критиките и свесно задајте си задача да ги препознаете оние мали успеси, работи што можеби и сте ги подразбирале. На пример – ви се допаднал некој текст што детето го напишало. Можете да прашате: „Како дојде до идејата да го напишеш овој убав текст? Ми се допаднаа тие делови“. Или, детето тргнало навреме на училиште, а често доцни: „Морам да забележам дека добро си се организирал и стигна сè навреме на направиш! Како успеа во тоа?“

Ова важи и за помала возраст, но особено за тинејџерите, кои често добиваат критики, приговори и жалби поради лошото однесување или резултати. Во текот на неделата побарајте начини за на своите деца да им дадете до знаење колку се единствени, што цените кај нив… Бидете љубопитни. Дознајте дали постои нешто што би сакале другите луѓе кај нив да го забележат, а потоа имате задача токму тоа и да го препознаете во однесувањето и да му укажете на детето.

Хумор како кец во ракав

Разбирам, тие грешат и треба да ја научат лекцијата. Меѓутоа, сите грешиме. Не мораме секогаш да критикуваме, некогаш е подобро преку шега да прокоментираме. Ако ќерката сама си ја скратила косата, можеме да се пошегуваме: „Па што не кажеш дека сакаш да бидеш фризерка? Ќе ти платиме курс!“

Договор куќа гради

Склопувањето договор е една верзија на давање и земање, концепт кој кај тинејџерите дава чувство на правичност и логика. Со оглед на тоа дека тинејџерите може да бидат многу фокусирани на себе и да очекуваат светот да се врти околу нив, склопувањето договорот може да ги мотивира кога сè друго нема да успее. На пример: Ако ќерката сака гардеробата да ѝ биде чиста, нејзина задача е валканата облека да ја стави во корпа. Ако ѝ се потребни пари за нешто што многу го сака, можете да предложите, на пример: „Секојпат кога од дома ќе понесеш ужина наместо да ја купиш, тие пари може да ги одвоиш за…“

Тинејџерите сакаат да знаат ЗОШТО

Тинејџерите често го преиспитуваат авторитетот. Се прашуваат зошто нешто прават, зошто е важно. Бараат логика и смисла. Една мајка во разговор ми рече: „Научив најдобро да функционирам со Тара кога ѝ ја објаснувам користа од добрата работа/трудот. Ја користам секоја можност да ѝ укажам на тоа. Кога научува нешто ново, ја кревам на следното ниво со повеќе информации, а потоа го истакнувам она што може да ѝ биде кул во учењето“. Ова е добар начин да се приближиме кон еден тинејџер на ненаметлив начин. На пример: Кога учат за планетите, можете да ги заинтересирате со приказна дека некои луѓе веруваат дека постојат многу повеќе планети и да им го објасните тој став. Потоа обидете се да им помогнете да формираат свој. „Што мислиш ти, дали постојат уште галаксии освен нашата? Зошто?“

Некогаш им е потребно да им помогнеме задачата која им изгледа тешка да може да ја поделат на неколку помали задачи. На пример: Ако имаат лектира од 100 страници и имаат рок, колку е потребно да прочитаат дневно за да стигнат навреме. Дополнително, дискусија за книгата може да ја направи таа задача позабавна. Се разбира, ако чекаат два дена пред рокот за да почнат со читањето, веројатно ќе бараат тој ден да им го оправдате во училиште.

Семејни состаноци

Воведете семејни состаноци во текот на кои ќе ја користите следната техника со 4 чекори за решавање заеднички проблеми:

Тинејџерот ги дели своите прашања/проблеми и цели.
Родителот ги дели своите прашања/проблеми и цели.
Ако целите на тинејџерот и на родителите се премногу спротивни, тогаш се прави „брејнсторминг“ или „бура на идеи“, каде што родителите и децата даваат предлози и опции како да се дојде до компромис.
Тинејџерите и родителите бираат опција која им е во ред и ја пробуваат накратко.

Автор: Јелена Марушиќ, психолог

Извор



912

X