Несакан ефект од пандемијата е и анксиозноста поради враќање на активностите што беа нормални, а тоа најчесто е реакција кај децата, па и кај возрасните додека се приспособуваме на оваа ситуација. Колумнистката и клинички психолог Емили Едлин вели дека мораме да им помогнеме на децата да се справат со ситуацијата и да се доближат колку што може до „нормалниот“ живот. Ова е прашањето упатено кон Едлин од родител:

„Во изминатите 5 месеци поставив граници за моите деца да играат во домашните простории и само во соседството поради ситуацијата со пандемијата. Имаат 10 и 6 години, а на мојот 10-годишник му беше дозволено да оди на игралиштето во близина на нашата населба – и тоа сам. Сега кога училиштата се повторно отворени во нашиот регион, му реков дека може повторно да оди на игралиштето, но тој вели дека не сака поради Ковид-19. Како да му помогнам да ја надмине анксиозноста?“

Ова е одговорот на Едлин:

„Во моментов креираме образец за тоа како да се однесуваме како родители за време на пандемија, надевајќи се дека тој образец веќе никогаш нема да треба да го применуваме. Но, прво треба да смислиме како да им објасниме на децата зошто не можат да ги гледаат пријателите и зошто во некои региони не може да се оди на училиште. Научивме дека мора да бидеме искрени и јасни кога се работи за коронавирусот и колку се важни заштитата и личната хигиена. Мислам дека многу од децата, дури и оние на најмала возраст, успеаја да ја сфатат сериозноста на ситуацијата. Учиме многу за вирусот и неговата трансмисија, можеме следствено на тоа и да менуваме некои правила. Но, нашите деца може да не се подготвени за тоа. Некои деца се родени како лица што се грижат, па тие може повеќе да страдаат од анксиозност поради пандемијата. Други, пак, можеби имале неодамнешно искуство со болен во семејството, па тоа креирало поголем страв и загриженост кај нив. Без разлика на сè, има неколку пристапи што треба да се земат предвид за да им се помогне на децата во справувањето со анксиозноста.

Анксиозност поттикната од дома

Проверете во вашата околина: какви вести слуша детето? Иако изгледа како да не слушаат некои работи, децата сепак имаат добра перцепција и слушаат што им се зборува. Проверете и на кој начин вие ја претставувате целата ситуација пред децата? Тие секогаш нè гледаат нас, возрасните, како реагираме, па и анксиозноста на родителот игра улога во создавањето анксиозност кај детето. Тоа е особено важно во страшна ситуација која вклучува закана – дозволено ни е да имаме моменти на избувнување, но мораме да се трудиме да бидеме што посмирени околу нив со цел и тие да можат полесно да се справат со емоциите. Добрата вест е што има начини како да се релаксираме и самите, а тоа да им го пренесеме и на децата.

Вежбајте градациска изложеност

Треба да продолжиме со животот и покрај ризиците од вирусот. Па, кога ризикот е помал, треба да се трудиме што повеќе да се поврзуваме меѓу себе. Но, самото „излегување во светот“ треба да биде постепено – нешто што се нарекува градациска изложеност. Кога детето ви вели дека не сака да оди на игралиштето поради Ковид-19, помогнете му чекор по чекор. Одете првиот пат и вие со него. Укажете му ги начините на кои е безбеден престојот таму – ако нема метеж, луѓето носат маски, се запазува дистанцата и слично. Следно, охрабрете го да оди само барем накратко, а потоа тој период поминат таму продолжувајте го.

Учете ги децата на техники за релаксација

Анксиозноста е како кофеин за нашиот нервен систем, често предизвикува физички сензации како забрзување на чукањето на срцето, потење на рацете, тензија во мускулите и губење на здивот. Една од најефикасните тактики е едноставна: бавно, длабоко дишење. Заедно со детето може да развиете рутина за вежбање длабоко дишење и да ја практикувате една минута пред тоа да се упати, на пример, на игралиштето. Потоа детето може да го прави тоа и индивидуално, па да се релаксира самото пред да оди да си игра. Физичката активност што ќе ја има таму уште повеќе ќе доведе до ослободување на стресот.

Заклучок

Анксиозноста поради повторно враќање на активностите е честа кај сите, па и кај децата, со оглед на сегашната ситуација, а родителите се соочуваат со дополнителен предизвик. За среќа, ова е полесно за справување отколку борењето со самата пандемија, бидејќи советуваните практики се добро познати и долго време проучувани, а светот на анксиозноста е добро сфатен од експертите. Кога им помагаме на децата да се соочат со својата анксиозност предизвикана од повторно враќање на активностите, ние си помагаме и себеси и заедно се чувствуваме посилни. Барем имаме образец според кој треба да продолжиме да се бориме и да се справуваме со другите предизвици.

Автор: Емили Едлин

Извор



912

X