Децата низ целиот свет ја заменија училницата со дневната соба во 2020 година, а пандемијата на ковид-19 предизвика многу училишта да се префрлат на онлајн-настава. Како дел од оваа транзиција, некои деца ги „заменија“ своите соученици со миленичиња.

Неодамнешна анкета спроведена од „Марс Петкер“ истражува како чувањето животинче дома влијае врз над 1 милијарда ученици. За анкетата, 2 илјади родители низ Велика Британија и САД што имаат деца на возраст од 5 до 17 години и барем една мачка или куче, одговарале на онлајн-прашалници за тоа како нивните деца стапувале во интеракција со миленичињата за време на пандемијата. Резултатите откриле дека родителите ги гледаат миленичињата како придружници кои носат придобивки за нивните деца, особено во стресни времиња.

Од анкетираните 2 илјади родители, 83 отсто рекле дека нивните миленичиња ја намалуваат анксиозноста на децата, особено додека трае онлајн-наставата. Близу 85 отсто од анкетираните родители рекле дека тоа што имаат мачка или куче во домот придонело онлајн-наставата да биде подобра за децата, генерално.

Анкетираните родители, исто така, откриле многу други причини за пофалба на своите миленичиња, а повеќето од нив тврделе дека миленичињата помогнале да се зголеми самодовербата на нивните деца, како и дека децата успеале да се држат до дневните рутини, да се внесат повеќе во физички активности и генерално да си го подобрат расположението.

Анкетата, исто така, открила дека родителите веруваат оти и нивните миленичиња имале придобивка од тоа што поминувале повеќе време со семејството. Од анкетираните родители, 87 отсто мислат дека дополнителното време со нивното милениче било добро и за животинчето, а 77 отсто веруваат дека и самото милениче било посмирено.

Од анкетата произлегло и дека многу родители сакаат да има програми за миленичиња во училниците откако согледале како нивните миленичиња им помогнале на децата со онлајн-наставата – 74 отсто од родителите рекле дека училиштата треба повеќе да инвестираат во програми за интеракција со миленичиња.

Автор: Кели Бендер

Извор



912

X