Оладената храна да се чува на температура пониска од 5, а топлата храна на температура повисока од 60 степени

Налето, поради високите температури, се зголемува опасноста од труење со храна. Труењето, пак, може да биде екстремно ризично, особено за организми со намален имунитет.  За да се елиминира можноста од труење со храна, неопходно е да се направи правилен избор, набавка и транспорт на продуктите.

Од Агенцијата за храна и ветеринарство советуваат да се купува храна од одобрени оператори, да се води сметка за изгледот, рокот на употреба и нејзино соодветно чување, а лесно расипливите продукти да се купуваат исклучиво од објекти каде што производите се чуваат во разладни уреди. Да се избегнува купување и да не се користи храна со оштетена амбалажа (нагмечена, надуена или напукната), а оладените или замрзнатите производи да се купуваат на крајот од пазарењето.

Месо, млеко и јајца да се купуваат на крај од пазарењето, а овие производи да се внимава да не се чуваат долго време во автомобил и други транспортни средства каде што температурите се многу високи.

– Пред подготовката на храната добро да се измијат рацете, оладената храна да се чува на температура пониска од 5, а топлата храна на температура повисока од 60 Целзиусови степени. Овошјето и зеленчукот темелно да се измијат под млаз вода, месото, млекото и јајцата термички добро да се обработат. Ако по подготвувањето храната не се консумира веднаш, треба да се чува во фрижидер. Рацете често да се мијат во текот на подготовката на храната. Во фрижидер на најгорните полици да се чува зготвената храна, а на подолните суровата. Храната да се заштити од инсекти и глодачи, но и од миленичињата и другите животни што може да ја контаминираат – советуваат од агенцијата.

Доколку решите да консумирате купена веќе подготвена храна или да јадете во угостителски објект, одберете места што имаат добра репутација. Доколку сте купиле топла, оладена или замрзната храна, треба што побрзо да ја донесете дома и веднаш да ја ставите во ладилник или замрзнувач, велат од агенцијата.

– Проверете дали лицето што послужува храна користи посебни штипки за различни видови храна, во објектите за брза храна одбегнувајте ги додатоците кои не стојат во ладилник, како што се мајонез, кечап, крем-салати, сосови, преливи и сл. – додаваат од агенцијата.



912

X