– Мамо, не сакам да умрам. Не сакам да умрете ниту ти ниту тато, ниту кој било што го сакам. Сакам да живееме засекогаш!

Дали вие сте ги слушнале овие зборови од устата на своето дете? Дали и вас тие зборови ве „извадија од чевлите“ како мене, таа зимска вечер по празниците? Дали срцето ви прескокнало од таа помисла дека малото битие кое толку го сакате и внимавате на него, а на кое, баш како и на сите нам некаде таму ни е запишан крајот? Дали сте имале однапред подготвен одговор, зборови на утеха, што било што ќе го смири? Или сте останале затекнати, со мислите замотани помеѓу десетина теории за она што следува по смртта?

– Ќе живееш ти уште долго, долго… Пред тебе е животот! Што сè допрва треба да доживееш – да завршиш училиште, да студираш, да патуваш, да создадеш свое семејство, многу работи да дознаеш и истражиш… – го слушнав својот глас како со смирен тон се обидува да ја префрли суштината на прашањето на детето на нешто друго, што се објаснува полесно.

– Но, јас не сакам ниту потоа да умрам! Никогаш! Разбираш? Не сакам да ме стават во ковчег и да завршам в земја, тоа е толку страшно. Зошто не можеме да живееме засекогаш, тогаш би било многу поубаво – продолжи сега веќе неговиот плачлив глас. Еве еден од оние моменти, си помислив, на кои никој не ве подготвува кога станувате родител. Еден од оние моменти во кој од вашите одговори зависат многу нешта… Кога вашето дете во вас гледа некој голем и моќен, па ви се обраќа, но сфаќа дека тоа е нешто поголемо и од вас…

Како ли се снаоѓаат луѓето кога се поставува вакво прашање, а верувам дека нема дете кое во некој момент на растењето не станува оптоварено со смртта и нејзината појава. Некаде во тој мозок воскреснале делови од одговори на некои луѓе со кои своевремено сум разменила некој збор на таа тема… Се обидов да се „фатам“ за некои од нив, грчевито, со желба да не изгледа ниту малку колебливо.


– Тоа е само телото, душата патува кон Бога… Енергијата никогаш не исчезнува, таа само преминува од еден облик во друг. По смртта нè чека ново раѓање. Мораме да умреме за да ослободиме простор за оние што допрва треба да се родат… Смртта не е крај, тоа е само почеток, тогаш следуваат наградите за добрите дела… Не умира оној што остава светли траги зад себе… – ми се појавуваа низ потсвеста со молскавична брзина одговори на верник и атеист, научник и мислител, филозоф и едноставни луѓе од народот, оние што ја застапуваат реинкарнацијата и оние што сè поедноставуваат…

Кој одговор е најдобар, кој е утешителен, кој е вистинит?


– Мамо, јас не сакам никогаш да се разделиме. А кога ти ќе умреш, ќе мораме да се разделиме – изговори со неговото убаво гласче додека нежно го прегрнував, бришејќи му ги солзите. Се сетив на себеси на таа возраст со речиси истите прашања и констатации, еднакво расплакана и изгледа се соочив со констатираната голема животна вистина. Теоријата на мојата мајка, која тогаш се обиде да ме смири, ми изгледаше толку наивно, толку невозможно. Детето е мудро, детето е интуитивно, детето знае дека тешкото е вистината и дека еден ден ќе бидеме две ѕвезди на небото кои засекогаш ќе сјаат една покрај друга. Освен ако 100 проценти сте убедени во некоја теорија, па и самите му ја пренесете таа увереност на своето дете, тешко дека ќе смислиме одговор кој целосно смирува, благословува и одговара на сите прашања.


Но, нели е наша улога како родители да ги смириме, да им го олесниме животот, да им понудиме решение, избор… нешто, што било?


– Не знае ни мама. Не знам зошто мора да умреме. Не знам што ни се случува по смртта. Постојат различни теории, но уште никој не се вратил за да ни потврди. Ни јас уште ги немам сите одговори што ти требаат. Сурово е и за мене. И јас понекогаш се плашам. Ниту јас не сакам никогаш да се разделиме – би било најискрено ако изговорев вакво нешто.


Но, не го сторив тоа. Ја совладав сопствената несигурност за темата која секогаш нè штрекнува, дури и кога мислиме дека сета мудрост на светот сме ја примиле, и се префрлив на нешто што го знам. Што сигурно го знам.


– Ти ветувам дека ќе најдам начин да бидам повторно со тебе. Ако постои каква било шанса за тоа, ќе ја најдам. И ќе те чувам секогаш. И потоа кога нема да можеш да ме видиш, ќе внимавам на тебе. Каде и да сме еден ден, како и да изгледаме, ќе те најдам и ќе те чувам. Сега не ги знам одговорите на твоите прашања, постојат само некои што ми изгледаат прифатливо и логично, но најдобро е низ животот самата да ги откриеш.

Но, во едно сум уверена и за тоа можам да тврдам – нашата љубов не може да исчезне.

Автор: Светлана Рајиќ Богичевиќ


Извор



912

X