Д-р Никол Савангпонт Патаманук, гастроентеролог од Детската болница во Сиетл, објаснува кои болки во стомакот се поврзани со стрес и анксиозност и препорачува техники што можат да ја ублажат непријатноста, но и предупредува кои симптоми треба да ги загрижат родителите.

„Мамо, ме боли стомакот“ се зборови што децата често ги изговараат. Зошто токму таа реченица? Не е необично децата да се жалат на болка во стомакот на почетокот од школската година, пред некој голем тест или некоја изведба – кога стресот и непријатноста се на високо ниво. Иако некои родители не се загрижуваат околу тоа, други не знаат како да се справат со болката на нивното дете.
Д-р Никол Савoнгпонт Патаманук, гастроентеролог од Детската болница во Сиетл, објаснува кои болки во стомакот се поврзани со стрес и анксиозност, препорачува техники што можат да ја ублажат непријатноста и предупредува кои симптоми се загрижувачки.

– Според истражувањето PLOS One за абдоминалните болки кај децата, хроничната болка е вообичаен проблем во детството, со зачестеност од 0,3 до 19 проценти кај деца во училишна возраст во САД и во Европа. Меѓутоа, кај речиси 90 отсто од овие деца не постои дијагностицирана болест поврзана со овие симптоми. „Лицата со функционални болки во стомакот (болки без точно утврдена дијагноза) имаат пречувствителен нервен систем поради настани во раното детство, претходни операции, акутни инфекции или нетолеранција на одредена храна – вели д-р Патаманук и додава: „Ако мозокот го сметаме за приемник и звучници, тоа ни помага да сфатиме како функционираат цревата. Болката од цревата оди во карлицата, која ги пренесува сигналите во мозокот. Децата што се под стрес, физички или емоционален, често на својот стереоприемник имаат вклучено копче. Како мозокот го прима и го толкува сигналот, е многу поврзано со нашата емоционална состојба“.

Во својата практика, Патаманук гледа многу деца со функционални болки во стомакот. „Овие деца добро се хранат и нормално качуваат тежина. Чувствуваат болка, но во целина функционираат добро, одат на училиште и навечер добро спијат“, додава таа. При првата посета, децата што имаат болка во стомакот со симптоми како констипација, дијареја, мачнина или повраќање – лекарката секогаш ги прашува родителите дали сметаат дека главен фактор е стресот. Тоа вклучува стрес дома, на училиште или во социјалната средина.
– Околу половина од родителите со кои се среќавам обично се свесни дека нивните деца доживуваат голем стрес, но сакаат лекар да им потврди дека детето нема никаков медицински проблем. Втората половина не ја поврзуваат болката во стомакот со стресот. Симптомите што покажуваат голема дисфункција се причина за загриженост. Многу е важно да се добие медицински наод – додава Патаманук.

Техники за соочување и вежби што можат да им помогнат на децата

За функционалната болка во стомакот не постои одредено лекување или лек кој може да се користи. „Повеќе станува збор за помагање на тие деца да ги научат техниките за соочување и да ги идентификуваат причините што ги влошуваат нивните симптоми. На децата можеби им треба и специјалистички преглед кај психолог за да се провери менталното и емоционалното здравје“, истакнува лекарката. Таа често со децата работи на едноставни техники кои можат да се практикуваат дома и да се применуваат во секојдневниот живот за да се намали непријатноста што постојано се повторува:
* чај од нане: една шолја од овој чај може да помогне во смирување на желудникот и чувството на мачнина;
* практикување концентрираност: лежење во тивка просторија и слушање на отчукувањата на срцето може да помогне да се намали стресот на детето. Исто така, може да се намалат и крвниот притисок и отчукувањата на срцето;
* редовно вежбање: вообичаено е децата да се повлечат од активност поради чувство на непријатност. Ако се изолираат, тоа би можело да ја влоши состојбата. Важно е да се внимава на нивните симптоми и да се продолжи со физички вежби. Секојдневното вежбање може да им помогне да се ослободат од стресот, да ја подобрат концентрацијата и подобро да спијат.

– Сметам дека недоволно се зборува за важноста на врската помеѓу умот и стомакот. Колку повеќе ќе се едуцираме како функционира тоа, толку поголема ќе биде шансата да ги научиме децата на вештини за да живеат здрав и среќен живот – објаснува на крајот Патаманук.

 



912

X